ВОСТАНИЕТО НА ПЕТАР ДЕЛЈАН 1. дел

Марија Јовановиќ - „Востанијата на македонскиот народ во XI-ти век“ (стр. 5-25)

I. ВОСТАНИЕТО НА ПЕТАР ДЕЛЈАН (1040 — 1041)

Со пропаѓањето на Самуиловата држава во 1018 година за македонскиот народ настапил период на тешко и долготрајно византиско господство. Македонија била претворена во провинција на Византиската Империја и вклопена во нејзиниот тематско-управен систем. Сета земја била поделена на управни и воени области со кои раководел специјален управител — дукс, со седиште во Скопје.

По таков начин бил прекинат натамошниот самостоен економско-општествен и културен развиток на Македонија. Економската положба прилично се влошила, поради долгогодишните опустошувачки војни, од кои најмногу настрадало земјоделството. Настрадале и многу градови и села. Некои од нив, како Скопје, Струмица, Острово и други биле ограбени и опустошени, а дел од нивното население принудно иселено во Мала Азија и Трачкото приморје. Покрај материјалните загуби, не биле поштедени ни човечките животи.

Прва грижа на византискиот император Василие II (976 — 1025) по потчинувањето на Самуиловата држава била да ја уреди внатрешната положба во покорената земја. Настојчив и тврд, во својот стремеж да го уништи Самуиловото царство, жесток спрема својот противник за време на војните, тој сметал дека сега, по победата, немало потреба од грубо наметнување на византиската власт врз покореното македонско население. Тој му оставил на поробениот македонски народ да плаќа даноци на државата онака како што ги плаќал во времето на цар Самуил, во натура. Според зборовите на византискиот историчар Скилица, „секој жител кој имал еден чифт волови морал да и дава на државата по еден модиј жито, толку просо и по една стомна вино“.

Заради осигурување и правилно функционирање на власта, како и заради држење на населението во покорност, во најважните стратешки тврдини биле доведени византиски гарнизони, чие издржување паѓало врз грбот на македонското население. Другите, незапоседнати тврдини биле урнати, како превентивна мерка против евентуални нови немири и востанија. Таков бил случајот со престолнината на Самуил, Охрид, чии ѕидини наполно биле уништени.

Што се однесува пак до поголемиот дел од повидното преживеано македонско благородништво, кое, како и кај другите народи во средниот век, било носител на самостојниот државотворен развој, било одвоено од неговата етничка средина. Имено, најопасните биле одведени во малоазиските владенија на Империјата. Таму добиле високи патрициски титули и раководни места во државната управа. Таков бил случајот со синовите на последниот владетел на Самуиловата држава Јован Владислав. Еден од нив, Фружин, бил испратен во малоазиската тема Букеллариј (во средна Мала Азија), на должност стратег, со чин магистер, а другиот, Арон, бил назначен за стратег во Астракенија (во Ерменија). Оддалечени од својата татковина и народот, тие престанале да се интересираат за нивната судбина. Слично било и со другите членови на последниот царски род, кои оженувајќи се за Византијки и добивајќи разни должности во Мала Азија и подалечните источни области на Империјата, ја заборавале Македонија и својот народ. Оваа мерка на византискиот император Василие II имала за цел да го лиши поробениот народ од неговите водачи, што можеа да го побунат против византиската власт.

Што се однесува до Охридската патријаршија, таа не била наполно уништена, туку смислено била сведена на архиепископија. Со цел македонското свештенство, што поцврсто да се врзе за Византија, како прв нејзин архиепископ бил назначен домородецот Јован, поранешниот игумен на дебарскиот манастир. На Охридската архиепископија и била дадена самостојност, која всушност значела независност од Цариградската патријаршија и нејзината директна потчинетост на императорот. И овој акт бил извршен со одредена цел: да се ограничи преголемата моќ на цариградскиот патријарх од една, и да се зацврсти византиската власт во Македонија, од друга страна. Со три специјални хрисовули (грамоти) дадени од Василие II во 1019, 1020 и од 1020 — 1025 год. на Охридската архиепископија ѝ биле потврдени старите привилегии, што таа ги имала во време на цар Самуил. Освен тоа, таа добила нови привилегии и богати дарови. Византискиот воен и чиновнички апарат бил задолжен да го почитува и слуша новиот архиепископ. Било забрането секакво мешање во црковните работи и создавање каквигоде пречки во работата на архиепископот и неговите епископи.

Додека положбата на македонската феудална класа, световна и духовна, со мали исклучоци, не претрпела речиси никакви промени и ги сочувала сите свои поранешни привилегии, населението по селата и градовите уште веднаш по воспоставувањето на византиската власт почувствувало влошување на својот живот. Освен од своите месни феудални господари, тоа сега почнало да страда и од гнетот на туѓинската власт. Врз неговите плеќи се стоварил сложениот административен и воен апарат на Византиската Империја и нејзиниот развиен систем на давачки и обврски. Основните давачки биле: данокот на огниште (капникон), земјарината (синоне) или (ѕевгарион) подоцна (ситаркија), и данокот на испаша (еномион — од испаша во ниските подрачја и орике — од планинската испаша). Освен тоа, се собирал и десеток од ситната стока (декате), па дури и од пчелите (мелисономион).

Во Македонија дошле голем број византиски чиновници, виши и нижи, кои гледале да се обогатат за сметка на населението, вршејки разни неконтролирани злоупотреби. Во земјата биле доведени воени гарнизони кои населението морало да ги храни и облекува. Покрај сето тоа, вплетена во долгогодишните тешки војни во Мала Азија и Италија против Арабите и Норманите, Византиската Империја имала потреба од големи воени контингенти. Поради тоа, таа не пропуштала да го искористи и подјарменото македонско население. Од него биле формирани специјални одреди, на чело со византиски офицери.

По смртта на Василие II во 1025 година, на византискиот престол за кусо време се смениле неколку императори. Наедно со тоа, настанале промени и во обврските и давачките на македонското население, така што во периодот до четириесетте години на XI век неговата положба толку се влошила, што станала речиси неподнослива. Главна причина за тоа било засилувањето на даночниот товар и на злоупотребите на администрацијата. Зголемени биле задолжителните давачки на храна и селско-стопански производи, а дошло и до воведување на нови, кои, како што наведува Скилица. Во XI век изнесувале речиси една четвртина од сите основни даноци.

Селскостопански работи. Минијатура од византиски ракопис XI век

Многубројни биле и обврските на населението. На прво место тоа било задолжено, без разлика на временските услови, според потребите на државата, да го отстапува својот добиток за превоз на византиските чиновници и за потребите на војската. Исто така, тоа било задолжено да учествува во изградбата на патиштата, мостовите и градовите, како и во нивното одржување во исправна состојба. Овие видови работни и натурални обврски во многу случаи биле потешки од сите редовни давачки. Тие претставувале пречка за благовременото извршување на секојдневните работи.

Сепак, најомразена за поробениот македонски народ се покажала финансиската реформа на цариградската управа која почнала да се спроведува од триесеттите години на XI век. Со неа се предвидувало да се изврши промена во начинот на плаќањето на даноците. Според новата роформа, даноците на државата населението морало да ѝ ги плаќа во пари место во натура, како што било дотогаш. Оваа реформа тешко го погодила селанството, бидејќи тоа не било во состојба да одговори на барањата. За македонскиот народ, чии производни сили биле на низок развоен степен, со затворено натурално стопанство, претворањето на натуралните давачки во парични претставувало товар кој го сосипувал и запустувал. Тој не можел да одделува големи вишоци од своите производи и да ги продава на пазарот.

Во ова време, како резултат на зацврстувањето на византискиот феудализам, во Македонија се засилил крупниот земјопосед, црковните и световните феудалци добиле широка власт, а се зголемил и бројот на закрепостените селани. Била воведена пронијата, како основна форма на феудалното владеење. Таа претставувала земја што византиската власт им ја давала на доживотно користење на византиски и македонски феудалци, како награда за специјални заслуги. Корисникот на оваа земја бил задолжен да врши административна или воена служба. Македонското население, кое живеело на таква земја, го губело статусот на слободен селанец и станувало закрепостено, односно врзано за земјата. Сето тоа довело до такви длабоки социјално-економски промени, што непосредниот производител го поставиле во многу потешки услови за опстанок одошто дотогаш се наоѓал.

Стремејќи се кон целосно потчинување на македонскиот народ, византиските власти спроведувале и политика на асимилација на македонското население, ја задушувале неговата самобитна словенска култура, и се стремеле да го потиснат македонскиот народен јазик и творештво. Тие се стремеле да го ослабнат словенскиот елемент во завладеаните области. Ова било постигнувано преку доселување византиски, турски и други колонисти во Повардарјето и Струмичката област, кои ја разбивале компактноста на словенското население.

Продолжува...

No comments: