СКОПСКАТА СТУДЕНТСКА АФЕРА ОД 1927 ГОДИНА

Студентската афера од 1927 година во Скопје, ја забавило работата на ММТРО (Македонска младинска тајна револуционерна организација) во Македонија. Провалата и апсењата на членовите на ММТРО започнала вечерта на 29 мај 1927 година. Предавството го извршил новопримениот член на ММТРО Иван Гаврилов од Гевгелија, поштенски службеник во месната пошта. Повод била поштенска пратка со илегална содржина. Преку оваа пратка биле разоткриени Димитар Ѓузелов и Иван Шопов од Гевгелија и Димитар Нацев од Радовиш. Во втората половина на месец мај биле извршени апсења на македонски студенти во Загреб, Љубљана, Велес, Штип. Истрагата ја воделе искусни агенти на чело со началникот на државната безбедност на Кралството Југославија Жика Лазиќ и полицискиот генерал Томиќ. По ѕверското мачење и тепање на тројцата членови од страна на српските иследници во Скопскиот иследнички затвор, клопчето на Организацијата започнало да се одмотува, односно, провалата се проширила и на другите членови на ММТРО. Иван Михајлов во своите „Спомени” пишува за мачењето на македонските студенти: „Веднаш се дозна дека студентите се изложени на страшни мачења, за да бидат извлечени признанијата.  Студентот по филозофија Емануел Чучков од Штип, 25 годишен, е стискан со менгеме на главата. Битолчанецот Борис Светиев, 24 годишен, студент на медицина во Загреб, е оставен четири дена без леб. На некои им се ставани шпици под ноктите. Нецев жив е поставен во ископан гроб во Гази Баба во Скопје. Борис Андреев од Велес, студент на ветеринарна медицина, 24 годишен, бил горен со усвитени железа по градите и исправен пред ископан гроб тој заплакал, мислејќи дека ќе биде погребан во него. Христо Кимов и Кирил Вангелов, двајцата од Штип, се тепани до безсонание. Ѓузелов и Нацев биле исто така многу измачувани...” Многу балкански, но и светски весници пишувале за апсењето на македонските студенти, нивната голгота и за самиот судски процес. Белградскиот весник „Политика” од 4 ноември 1927 година дава целосен опис на затворените студенти (име и презиме, место на раѓање, завршено образование, старост...).

На денот (15 ноември, н.б.) на судењето присуствувале многу новинари, како од земјата така и од странство. Новинарот на „Christian saints monitor” од 18 ноември пишува: „Цела Југославија со големо внимание го следи судскиот процес, кој започна на 15 овој месец, против 19 македонски студенти, обвинети за револуционерна дејност за ослободувањето на Македонија... уапсените веќе знаат дека се маченици на каузата за слобода на татковината Македонија...”

За затворените членови на ММТРО белградска „Политика” од 6 јуни 1927 година , меѓудругото пишува: „Затвореникот Нацев даде интересни признанија. Кај студентот Ѓузелов е најден илегален материјал. Кај другите затворени студенти биле пронајдени документи кои укажуваат дека затворените биле во врска со Грац, Виена, Тирана, Солун, Париз и други градови. Заемната коресподенција и весниците кои биле забранети по илегални канали патувале во Велес, Штип, Струмица, Битола, Ресен и други градови. Писмата и весниците не биле многу на број, па затоа се предавале од рака на рака, на оние кои биле расположени за акција против нашата држава.”

Италијанскиот весник „Ла Трибуна” од 25 септември 1927 година под наслов „Мачеништвото во Македонија” за затворените скопски студенти вели: „Србија за да образува една компактна маса против Хрватите и Словенците си постави задача за едно кратко време да го посрби македонското население. Во средствата за денационализација создава српски училишта, надевајќи се дека ќе ги спечали симпатиите на македонското население кое од своите гради ги има дадено светците Кирил и Методи и Св. Климент кои на Србите и на другите словенски народи им дале јазик и писмо. Србите мислеа дека го имаат денационализирано младото поколоние преку училиштата. Но, кога таа младина стигна на универзитетот, забележала дека тие не се Срби. Оттука доаѓа избликот на српската жестокост кон младите Македонци. Сведок за тоа е Европа...”

Лондонскиот весник „Тајмс” од 15 октомври 1927 година, меѓудругото пишува: „Бомбашките атентати кои неодамна се извршени во Гевгелија и на железничката пруга Скопје-Гевгелија, одново се истакнуваат македонските револуционери. Тие атентати изгледа се протест за репресијата и лошото однесување на српските власти врз 48-те македонски студенти од универзитетите во Белград, Загреб и Љубљана. Таа младина е уапсена за време на летниот распуст...”

Францускиот „Ла Румор” пишува: „Извесно е дека, наместо Нејскиот договор да ја остави Македонија слободна и да и даде една полна политичка автономија согласно со желбите на нејзините жители, ја раздели меѓу Грција и Србија. Договорот за мир прокламира еден многу важен принцип-заштита на правата на малцинствата...Тој режим...е поостар од режимот кој владееше во времето на Султан Хамид...”

Турскиот весник „Акшам” од 1 октомври 1927 година пишува: „Не е прв пат Друштвото на народите да се занимава со мирот на Балканот. Но кога ќе помине бурата, ништо не се прави за разрешување на македонското прашање, кое е основната причина за балканското зло, чекајќи негово разрешување.”

За скопскиот студентски процес пишувале и други светски весници. Апели и протести до српската, односно југословенскта влада, по повод апсењето на македонските студенти испраќаат Ајнштајн, Нехру, Барбие и други светски научници, писатели и политичари. Апели за спасување на македонските студенти испратила и Меѓународната федерација на лигата за заштита на правата на човекот од Женева. Протести и апели испратиле и македонските иселеници од Америка, Канада, Бугарија и други држави. Поради големиот број апели и протести, поголемиот број студенти биле пуштени од затвор.

Со затворањето организацијата во Македонија била обезглавена. Обвинетите биле изведени пред суд. Претседател на судот бил искусниот судија Никола Велковиќ. Обвинетите студенти ги бранеле адвокатите Антонио Грубишиќ, Србин, по убедување комунист, Драгутин Тасиќ, Србин, бивш комунистички пратеник од Скопје, Стефан Стефанов од Кратово и Димитар Илиев од Прилеп. Подоцна, како бранители биле повикани и д-р Антонио Трумбиќ, Хрват, д-р Секула Дрљевиќ, Црногорец и Рајко Ивановиќ, Србин. Од таткото на обвинетиот студент од Велес Борис Андреев од Загреб како бранител бил повикан д-р Анте Павелиќ. Судскиот процесот започнал на 15 ноември 1927 година. На 10 декември истата година биле прочитани пресудите. Димитар Ѓузелов бил осуден на вкупно 30 години строг затвор. Но, поради тогашните закони во Србија, на строг затвор можело да се осуди лице најмногу на 20 години. Поради тоа, Ѓузелов бил осуден на 20 години строг затвор. И второобвинетиот Иван Шопов бил осуден на вкупно 25 (20) години строг затвор. Димитар Нацев бил осуден на 15 години затвор, Димитар Чкатров на 10 години, а, Харалампије Фукаров, Тодор Гичев, Борис Андреев, Штерјо Боздов и Борис Светиев на по 5 години затвор. Уапсени биле вкупно 20 членови на ММТРО. Од нив 9 биле осудени, додека останатите 11 члена, поради недостаток на докази биле ослободени од обвиненијата. Тоа биле: Петар Хаџи Панзов, Кирил Вангелов, Георги Хаџи Манев, Христо Хаџи Кимов, Емануел Чучков, Кирил Кузманов, Благој Монев, Тодор Христов, Страхил Иванов, Кирил Караџов и Јордан Сапунџиев.

По завршувањето на судскиот процес, за еден загребски весник д-р Анте Павелиќ ја дал следната изјава: „Страшни работи се случуваат во Македонија. На сите обвинети им е ускратено правото да земат свои адвокати и биле принудени да земат адвокати кои ги одобрува српскиот режим. Србија применува политика на србизација на Македонија... треба да се нагласи дека Mакедонците не се откажуваат од својата борба и од своите права...”

Судскиот процес на студентите во Скопје практично го означил и почетокот на крајот на ММТРО во Македонија. ММТРО доживеала два странични удара: едниот од српската власт, другиот од михајловистичката ВМРО. Убиството на Александар Протогеров на 7 јули 1928 година, по наредба на Иван Михајлов, повторно ги активирало споровите и несогласувањата меѓу дел од членовите што биле уапсени. Иван Бојаџиев и неговите пријатели ја истакнале потребата од самостојна организација во Македонија, на која и е туѓ тероризмот. Оваа желба на Бојаџиев не му се остварила. Во Виена се нашол во тешка материјална состојба, без средства за живот. Заболел од туберкулоза на коските и починал набргу потоа, пролетта 1930 година. Тоа практично било крај на ММТРО во Вардарскиот дел на Македонија или поточно крај на оној дел од неговите членови кои се залагале за самостојна и независка асоцијација на македонската интелигенција. Еден незначителен број студенти, што останале верни на ВМРО, ја продолжиле својата дејност надвор од Македонија. За цело време на Кралството Југославија живите приврзаници на Иван Бојаџиев настојувале да го зачуваат својот македонски политички интегритет. Тие одржувале контакти со прогресивните сили на македонското национално и револуционерно движење и во текот на Втората светска војна се вклучиле во ослободителната војна на македонскиот народ. Оние што му останеле верни на ВМРО во текот на војната се ставиле во служба на бугарската окупатроска власт во Македонија.

ВМРО на Ванчо Михајлов настојувала организацијата на младите да ја стави под своја контрола, за што се одржале неколку состаноци со членовите на ММТРО. Но, овие состаноци завршиле неуспешно. Според Иван Катарџиев провалата и подоцнежните ликвидации на членовите на ММТРО дошла од Иван Михајлов и неговите приврзаници. Тој подвлекува, кога во ВМРО сфатиле дека кај многумина од членовите на ММТРО постои бескомпромисна определба за самостојно и независно дејствување од ВМРО, довело до идејата за предавство на членовите на ММТРО. „Предавството, се сметало, би имало поголем пропаганден ефект отколку што би можело тоа да се постигне со дејност која не се вклопувала во шемата на активностите на ВМРО. Од експлицитното тврдење на Кирил Караџов од Штип, член на ММТРО и еден од притворените студенти, сугестијата за предавство потекнала од членовите на Задграничното претставништво, Георги Баждаров и Кирил Прличев, по средбата на планината Влаина. Тие на еден од делегатите од ММТРО во Горна Џумаја му порачале „да ги смират другарите што се бунат, во спротивно да инсценираат предавство“

По завршувањето на судскиот процес, продолжиле ликвидациите на дејците од ММТРО кои ја застапувале идејата за самостојна, независна и обединета Македонија. Ликвидациите на членовите на ММТРО биле извршувани со наредба на Ванчо Михајлов.  Два дена по донесувањето на пресудата во Скопје, на улица во Струмица бил застрелан Томе Кујунџиев, член на ММТРО. Подоцна на 29 декември истата година во Неготино бил убиен Георги Ангушев. Еден месец подоцна, во Тетово бил убиен адвокатот Борис Андрејчин, а, есента 1928 година на железничката станица Јесенице во Словенија бил ликвидиран Кирил Ципушев од Радовиш, исто така член на ММТРО. Наредната година, во подрумот на полициската станица во Штип бил убиен Благој Монев, еден од ослободените на судскиот процес. Подоцна, во Дојран, бил застрелан Кољо Чакаров, исто активист на ММТРО. Во текот на декември 1931 година во Гевгелија бил убиен Трајко Попов, заедно со неговиот татко Теохар Попов и неговиот другар Илија Димов, исто така, член на ММТРО.

М-Р Кире Филов (Македонска Ризница, бр. 4)

No comments: