Егејска Македонија 1900-13 (4)

Егејскиот дел на Македонија (1913-1989) Стојан Киселиновски

3. ГРЧКИТЕ СТАТИСТИКИ ЗА НАЦИОНАЛНАТА СТРУКТУРА НА НАСЕЛЕНИЕТО ВО ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА

Разгледувајќи ги грчките статистики за националната структура на населението се забележува дека, спротивно на бугарските и српските, грчкиот елемент е тој кој е претставен како најброен елемент во Македонија, односно егејскиот дел на Македонија. Тоа го „потврдуваат“ статистиките на грчкиот Силогос, делата на С. Киреакидес, на В. Колокотронис и други грчки автори (14).

Во грчките статистики и грчките изданија бројниот распоред меѓу македонскиот и грчкиот елемент е различен и секогаш е во корист на грчката нација. Ако бугарските научници го користеле јазикот како елемент за национално определување на населението, грчките научници историчари го отфрлуваат овој елемент, и како основен елемент за докажувањето на бројноста на населението во Македонија ги прифаќаат секундарните фактори, т.е. надворешно манифестирано национално чувство што се изразува преку посета на просвета со наставен мајчин јазик, преку посета на црква со употреба на мајчиниот јазик во богослужбата итн.

Познато е дека националното чувство се создава и развива врз основа на националното потекло кое надворешно формално се изразува и манифестира преку соодветен мајчин јазик, преку посетување на училиште со употреба на мајчиниот јазик и посетување на сопствената црква со богослужба на мајчин јазик. Но дали во Македонија постоењето, на пример, на грчки училишта и грчка црква е потврда дека Македонците се Грци или изразувале некаква грчка надворешна национална свест?

Грција максимално ја искористи византиската историска традиција. Во периодот на турското робување, просветата и црквата беа под грчка јурисдикција и тоа не само во Македонија. Во тој период грчката црква и грчко училиште посетуваа скоро сите христијани. Така и во Македонија, македонското население посетуваше грчка црква и грчка просвета, без тоа да биде израз на некаква грчка национална свест. Затоа грчките научници историчари без исклучок ја земаат просветата (бројот на грчките училишта и бројот на учениците) да потврдат дека грчкиот елемент беше најмногуброен во Македонија. Ако го прифаќале принципот за определување на населението врз основа на националното потекло и принципот на јазикот кој се зборувал во куќата, грчкото малцинство објективно се изразува како незначително малцинство и со тоа грчките научници не ќе ја штителе соодветно и научно грчката кауза и грчките аспирации кон Македонија. Статистиките врз основа на посета на грчко училиште, на грчка црква, им даваат можност на грчките научници историчари да го зголемаат чувствително „грчкото население во Македонија“ со опфаќање и на негрчко население како Македонци, Власи итн.

Просветата и бројот на грчките училишта не можат да бидат научни аргументи, па оттука и резултатите од статистиките врз една ваква основа се далеку од историската реалност и длабоко ја деформираат и затоа создавањето на статистики врз основа на т.н. надворешно манифестирано национално чувство не може да биде прифатено како принцип со научен потфат кога станува збор за Балканот.

Ако во Западна Европа посетата во Алзасија и Лоренија на француска или германска настава е исто така доказ за соодветна национална француска или германска припадност и одраз на француско или германско надворешно манифестирано национално чувство, во Македонија не само што не е одраз на национална припадност, туку не е ни одраз на надворешно манифестирано национално чувство. Реалното манифестирано чувство во Алзасија и Лоренија е одраз на национално Германско и француско потекло, во Македонија тоа е принудно манифестирано чувство создадено од грчкото, српското и бугарското училиште и црква. Реалното македонско чувство Македонецот го манифестирал штом ќе излегол од училиштето - со својот мајчин јазик, со свои македонски народни и црковни обичаи. Затоа постои една македонска историска свест која што нема ништо заедничко со т.н. црковна или просветна свест што со векови се стремеше да ѝ ја наметне грчката црква. Училишната свест, сметаше и Ј. Цвииќ, е „наметната и создадена од пропаганди“ (15).

Исто така посетата на грчка црква не е доказ за постоење кај Македонците на грчка црковна свест, како надворешен израз на грчко национално потекло или грчка национална свест. Посетата на грчка, српска и бугарска црква во Грција, Србија и Бугарија е една реална и природна рефлексија на грчко, српско или бугарско национално чувство. Во Македонија посетата на грчка, српска и бугарска црква и нивните училишта не е реална рефлексија на македонската народна свест. Ова црковна свест не беше ни формален израз на македонската народна свест, туку таа беше историски наметната од страна со желба да се влијае врз македонската народна свест и создавањето, со текот на времето, на друга свест или друго национално чувство кај Македонците. Македонците, на пример, прво посетуваа грчка црква (Патријаршијата) за да се спасат од исламизацијата, по 1870 година посетуваа бугарска црква (Егзархијата) за да се спасат од грцизација, но секогаш се стремеле кон сопствена црква за да се спасат и од бугаризација (16).

Македонската црковна свест, како и македонското национално чувство, во текот на историјата се стремеа кон натамошното потврдување во црквата, просветата, во државноста и тоа во правец на автентична македонска свест (17).

Ниту теоријата на „загубениот јазик“, употребувана за докажувањето на грчкиот карактер на Македонија, нема научна основа. Имено, според ова теорија, целокупното население од Македонија (особено од егејскиот дел на Македонија), без оглед дали дома зборувале македонски, влашки итн, сите се Грци, зашто оние што зборувале на словенски јазик се Грци со „загубен мајчин јазик“. „Овој дијалект (македонски м.б.) беше сиромашен и едноста- вен, пишувал Харитон Коризис, и затоа почнале да го употребуваат и Грците меѓу себе наместо богатиот и тежок грчки јазик“ (18). Поради тоа „Грците во Македонија не зборуваат секогаш грчки и зборуваат на македонски дијалект“ зашто е лесен (19).

Во историјата секако постоеле феномени на исчезнување на еден јазик. Ирците, по окупацијата од страна на Англичаните, постепено го загубиле и го прифатиле англискиот јазик како мајчин јазик. Еден сличен феномен се случи и во периодот на етичка симбиоза меѓу Даките и Римјаните во периодот на формирањето на денешниот романски народ и романски јазик. Паралелно со формирањето на новиот народ се формирал и новиот јазик со асимилирање и исчезнување на послабо културно развиениот народ и јазик. Поразвиениот народ од материјална и духовна страна го наметнува својот белег и понеразвиениот народ, со помал или поголем отпор, го прифаќа овој закономерен неминовен развиток. Затоа, во егејскиот дел на Македонија, не може да постои исклучок, тука постои асимилација но не на грци, туку на словенски јазик. Затоа, врз основа на научните принципи што ги користеле за докажувањето на бугарскиот, српскиот или грчкиот карактер на Македонија, бугарските автори, со соодветните oфадувања дека македонскиот јазик е бугарски, многу повеќе се доближуваат до историската вистинитост и нивните статистики имаат веродостојност. Врз основа на реалниот јазик кој што се зборувал во куќата, т.е. во семејството, во егејскиот дел на Македонија во предвечерието на Балканските војни, живеело следното население:

Националната структура на населението во егејскиот дел на Македонија во 1913 година (20)


По Балканските војни, грчката држава ќе почне да спроведува една активна политика за сменување на етничкиот состав на населението во егејскиот дел на Македонија, т.е. ќе се стреми да ја отстрани традиционалната македонска етничка реалност и да создаде нова, грчко-етничка историска реалност.

14 Грчкиот Силогос во Статистиката публикувана во 1878 година смeтал дека од вкупно 1.330.000 жители колку што имала Македонија. 349.000 биле Турци. 338.000 Бугари, 438.000 Грци, 70.000 Власи и друго население.
Стилипон Кирјакидес сметал дека само во Солунски вилает живееле 373.227 Грци и 207.317 Бугари. Во Битолскиот вилает, според истиот автор живееле 262.283 Грци и 178.410 Бугари.
В. Колокотронис, исто така, сметал дека во Македонија 423.490 Грци и 135.110 Бугари.
15 Јован Цвииќ, цит. дело, стр. 13
16 Во тој однос семнификативна е црковната активиост на Скопскиот митрополит Теодосиј Гологанов
17 Co решението од 23 јуни 1958 година за обновување на Охридската архиепископија,
македонскиот народ слободно можел да ја изрази својата црковна свест, и на тој начин да поправи една голема историска неправда.
18 Hariton Korizis, Makedooia ghi eliniki, Athina, 1950, p. 68.
19 A. Pantulidis, Istoriki ke ehnologiki meleli tu Valkaniki zitimatos, p. 20, s. a., s.l.
20 Во рамкитс ма македонското населeние опфатено и македонското муслиманско населенис. кое според потеклото и јазикот, му припаѓаат на македонската нација. Во периодот од 1878 ло 1913 година макелонското населсние имало непрекинати етнички загуби.

No comments: