December 1, 2012

Славата, митот и крвта на ВМРО 16

Славата, митот и крвта на ВМРО (16)

Христо Матов - стратегот на македонската борба

Стружанецот Христо Матов бил предводник на десните сили, а последните години од животот ги поминал во сиромаштија

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

Македонската јавност малку знае за стружанецот Христо Матов. Поради тоа што бил предводник на таканаречените десни сили, тој е премолчен од македонските историчари. Ставен е во групата на новите врховисти, без притоа да се каже за неговиот огромен придонес за македонското револуционерно дело во претилинденскиот и илинденскиот период.

Матов е револуционер, мислител и идеолог на ВМРО и истовремено поет, педагог и научник. Ако Гоце Делчев беше срцето, Даме Груев - волјата, Пере Тошев – совеста, Ѓорче Петров – разумот, Христо Матов беше историското сознание на револуционерна Македонија, ќе напише Антон Страшимиров..

Никола Милев, познат десноориентиран македонски интелектуалец во Софија, за Матов ќе рече дека бил еден од најнеоспоруваните раководители на македонското револуционерно движење. „Тој е, така да се рече, стратегот, кој ги изработил најдобрите планови за моралната офанзива на македонската револуционерна организација. Матов не беше трибун кој што ги поведува народните маси, ниту војвода, кој влегува во борба и со храброста тера стотици илјади луѓе да одат во смрт без да трепнат, тој можеше да се издигне до местото коешто го заземаше во организацијата, само со својата морална сила“, ќе напише Милев.

Д-р Зоран Тодоровски подвлекува дека Христо Матов го сметаат за Плеханов во македонското револуционерно движење. Ги напишал сите правни програми, статути и правилници на организацијата. Уживал голем авторитет во самата организација со својата наобразба и интелект. Бил избиран во сите највисоки тела на организацијата. Се грижел и за кадровскиот потенцијал на ВМРО, а ги одржувал врските со дипломатските претставници во странство.

„Додека левицата предводена од Јане Сандански, без да има одлука на Централниот комитет, самостојно отиде да преговора со младотурците и се стави во нивна услуга, го предаде оружјето, ги легализира четите и во преговорите со нив бараше самоуправна Македонија во рамките на отоманската империја, Матов преговараше за тоа таа да биде посебна политичка единица“, истакнува Тодорвски.

[Христо Матов со својот брат Милан снимен 1921 година]

Христо Матов е роден во Струга во 1869 година. Дипломирал филологија во Софија, а работел како професор во познатата Солунска гимназијата и бил директор на Егзархиското педагошко училиште во Скопје. Член на ВМРО станал во 1895 година откако се заколнал пред Даме Груев во Солун. Тој ги поставил основите на револуционерното движење во Скопје.

За време на познатата Солунска афера во почетокот на 1901 година турските власти го уапсија речиси целиот Централен комитет на ВМРО, меѓу кои д-р Христо Татарчев, Пере Тошев, Христо Матов, а подоцна и Даме Груев, Иван Николов и Петар Поп Арсов. На судењето што се одржало подоцна во Солун, струшкиот револуционер со своето држење и начинот на кој се бранел ќе ги восхити странските набљудувачи. Францускиот новинар Пјер Деспања, кој ќе го следи процесот, ќе напише роман „Пред клањето“ и ќе му го посвети нему и неговите другари. „На Христо Матов, филолог и учител, осуден на доживотен затвор во Будрун. На мрачните и славни негови другари по судбина, на угнетените, на победените, на мртвите“, ќе напише тој во посветата на романот објавен 1902 година.

На судскиот процес тројца македонски револуционери ќе бидат осудени на смрт, а другите на долгогодишна робија. Христо Матов и Пере Тошев на 101 година затвор. По повод устоличувањето на султанот Абдул Хамид во август 1902 година ќе биде прогласена општа амнестија, а затворените Македонци ќе бидат помилувани. По враќањето од затвор Христо Матов, Пере Тошев и д-р Христо Татарчев од ЦК ВМРО ќе бидат поставени за задгранични претставници во Софија.

Бугарскиот историчар Цочо Билјарски тврди дека Матов, пред се', се борел за бугарштината. Тој истакнува дека Матов го подготвил општиот план за Илинденското востание кој бил готов уште во мај 1903 годи. За време на востанието струшкиот револуционер се наоѓал во Софија и од името на ВМРО, заедно со д-р Христо Татарчев, подготвиле посебно соопштение за бугарската јавност и странските дипломати во кое ќе побараат поддршка од слободољубивите народи на Европа и Америка.

„Наредниот ден Христо Матов, официјално облечен во фрак и со цилиндер, качен на пајтон започнува да ги обиколува клубовите, редакциите и странските претставништва. Насекаде е приман со внимание и интерес, при што повеќето дипломати бараат и дополнителни податоци за востанието во Македонија. Примен е лично и од амбасадорите на Италија, Франција, Англија и Австро-Унгарија“, пишува внукот од брат на Матов кој во негов спомен го носи името на својот стрико.

Матов ќе отиде лично да му го предаде соопштението на тогашниот бугарски премиер Рачо Петров, но тој нема да го прими, со образложение дека работното време веќе му завршило! Попладнето била свикана прес-конференција. На неа дошол и специјален пратеник на владата за да го информира Матов дека премиерот го очекува во неговиот кабинет. Петров ќе му се извини на Матов затоа што не го примил претходниот ден и ќе му каже дека Бугарија не е подготвена да го помогне востанието, со образложение дека било дигнато прерано.

„Брошурите на Христо Матов до ден денес претставуваат еден од најсериозните извори за дејноста на ВМОРО и едни од најбараните книги за историјата на македонско-одринското револуционерно движење“, пишува Билјарски во предговорот на книгата „Македонски револуционерен систем“, во која се поместени документи за дејноста на ВМРО напишани од Матов.

Во големите караници меѓу револуционерите што се воделе по поразот на Востанието, Матов ќе биде предводник на таканаречените десни сили. Пред расколот заедно со Борис Сарафов и Иван Гарванов го сочинувале Задграничниот комитет на ВМРО. И тој бил осуден на смрт од раководството на Серскиот револуционерен округ и требало да биде ликвидиран од Тодор Паница во ноември 1907 година, но поради некои неодложни проблеми не дошол на закажаната средба со Сарафов и Гарванов и така останал жив.

Од тој момент Матов ќе застане на чело на десните сили. Тогаш во организацијата ќе го повика Тодор Александров и ќе му ги довери благајната и архивата. Нивното познанство датира уште од Скопје каде Матов ќе му биде учител на Александров во Педагошката егзархиска гимназија. Ученикот безгранично ќе го почитува својот учител.

Кога бил дете Матов прележал тешка болест и цел живот не ќе може нормално да се движи па ќе мора да користи бастун и специјални железни помагала на нозете. И покрај големиот хендикеп ќе се јави доброволец во Балканските војни. Никогаш не се оженил.

Повеќе од се' ќе го погоди распарчувањето на Македонија, но и дистанцирањето на новото раководство на ВМРО од него во последните години од животот. Всушност, тогаш почнува и неговата лична драма. Престанал да контактира со луѓето и паднал во голема депресија. Последните години ги поминал во голема сиромаштија. Барањето за пензија бугарските власти му го одбиле, така што го издржувал неговиот брат, а добивал и малку пари од ВМРО, кои најчесто му ги носел Ванчо Михајлов кој тогаш бил секретар на автономистичката ВМРО на Тодор Александров. Последните години целосно ќе се затвори во себе. Ќе живее во мала собичка во приземна куќичка на негови роднини од Струга. Неговиот внук раскажува дека поголемиот дел од времето го поминувал седнат на широкиот железен кревет со скрстени нозе и со постојано втренчен поглед некаде настрана. Не сакал да го посетува никој, ниту роднини ниту пријатели. Починал на 22 февруари 1922 година.

(Продолжува)

No comments: