December 9, 2012

Македонската емиграција во Бугарија 1

Македонската емиграција во Бугарија и афирмацијата на македонската национална посебност во периодот на формирањето на АСНОМска Македонија.

Виолета АЧКОСКА

Кратка содржина: Во трудот се обработуваат позначајните аспекти од делувањето на дел од македонската емиграција во Бугарија во периодот на формирањето на асномска Македонија. Притоа, со својот пишуван збор и со низа акции овие Македонци дале значаен придонес во афирмацијата на македонската национална посебност, организирале борбени групации за учество во конечното ослободување на Македонија при крајот на Втората светска војна, давале материјална и стручна помош во обновата на разрушената инфраструктура итн. Нивното слободно делување и манифестирање на македонската национална свест во Бугарија како резултат на пријателските односи меѓу авнојска Југославија и Отечественофронтовска Бугарија беше сопрено со нарушувањето на односите за време на судирот на КПЈ со Информбирото.

Клучни зборови: АСНОМ, ОТЕЧЕСТВЕН ФРОНТ, МАКЕДОНИЈА, БУГАРИЈА, ЕМИГРАЦИЈА, НАЦИОНАЛНИ ПРАВА, МАКЕДОНСКА НАЦИОНАЛНА СВЕСТ.

Со формирањето на Демократска Федерална Македонија на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година, македонскиот народ, за првпат во современата историја доби своја национална држава. Меѓу другото, тоа беше држава и на сите други граѓани со различно етничко потекло, но и матица кон која се свртеа очите на бројната македонска емиграција во светот. Во историјата на македонските преселби, особено масовна миграција насочена кон соседна Бугарија е забележана кон крајот на XIX век и во првата половина на XX век. Појавата на побројно македонско иселеништво во оваа соседна држава е поврзана со создавањето на Кнежевството Бугарија по Берлинскиот конгрес (1878), држава во која биле обезбедени далеку поблагопријатни услови за живот на христијанското население на економски, политички и на верски план. Колку што се влошувала ситуацијата во Македонија под отоманска власт, толку повеќе раснел и бранот иселеници од Македонија кон Бугарија. Луѓето барале спас од неподносливата социјална беда, феудалната анархија, непочитувањето на човековите права итн. Во понатамошната историја на македонските преселби се надоврзуваат периодот на Балканските војни (1912-1913),1 Првата (1914-1918) и Втората светска војна (1941-1944), Граѓанската војна во Грција (1946-1949), судирот со Информбирото (1948-1956) и редица други настани, кои ќе предизвикаат тектонски етнички празнења на цели територии, како на пример од егејскиот дел од Македонија од каде Македонците биле принудени масовно да мигрираат.

Во одделни пресвртни историски моменти од најновата историја, покрај европските и прекуокеанските земји, единствено прибежиште од грчкиот терор и прогон, како и од српското насилство, за Македонците била Бугарија.2 Точниот број на македонски емигранти во Бугарија не можел да се утврди, но според некои бугарски извори таа бројка за периoдот од почетокот на XX век до Втората светска војна се движи околу 100.000; иако има тврдења дека биле далеку повеќе дури 200.000; 400.000 до 700.000).3 Покрај оваа бројна македонска емиграција во Бугарија, со делбите на Македонија по балканските војни (Букурешки мир 1913), помал дел од етногеографска Македонија влезе во составот на бугарската држава (пиринскиот дел на Македонија, со површина од 6.798 км2).

Во текот на многувековната историја на македонско-бугарските релации, по бројните драматични расплети на судбините на народите и земјите, при крајот и непосредно по Втората светска војна, на сцената беше поставено решавањето на важни историски прашања кои дадоа и даваат белег на нашето живеење до денешен ден. Во тие рамки, особено чувствителна беше разврската на гордиевиот јазол околу македонското прашање, кој не беше пресечен ниту со договорот во Букурешт, ниту со Версај, ниту со Париз, ниту со уште еден Букурешт од 21 век.4

Во деновите при крајот на Втората светска војна, сложените македонско-бугарски односи во кои централно беше македонското прашање, требаше да ги решаваат Демократска Федерална Македонија, односно ДФЈ и трансформираната Бугарија по превратот од 9 септември 1944 година т.н. Отечественофронтовска Бугарија. Прашањето беше неодложно заради фактот што во Бугарија беше населена бројна македонска емиграција распрсната низ целата држава, а истовремено во Пиринска Македонија живееше дел од македонскиот народ. Македонците во Бугарија рамо до рамо со бугарскиот народ учествуваа во неговата национално-ослободителна борба и со своите интелектуални, стопански и други потенцијали се вградија во бугарската историја и оставија неизбришливи траги во развојот на нејзината култура. Приврзеници на различни политички опции и начини на дејствување, некои од овие Македонци, во одделни историски периоди знаеја да ја затресат внатрешнополитичката сцена во Бугарија. Ваквата огромна улога на македонската емиграција во Бугарија ја наметнува потребата од продлабочени историографски истражувања на истата, не само од политички, туку и од социолошки, економски, психолошки и друг аспект. Во овие рамки треба да се навлезе посуптилно и подлабоко во трагиката и психологијата на еден емигрант кој немал своја татковина и држава, прогонуван од разноразните режими, во паника да најде место за својот гроб понекогаш наоѓал закрила и според, нашиот модернизиран аршин на оценување, и на „погрешната страна“. Токму затоа, создавањето на асномска Македонија беше оној зрак што недостасуваше во мозаикот на сликата за себе на македонците вон границите на Македонија, матица и место каде ќе можат да се зберат, да ги состават своите раскинати животи, да си ја најдат татковината.

Продолжува

1 Како резултат на Балканските војни и придружните пустошења од деловите на Македонија под српска и грчка окупација, во Бугарија пребегале околу 50.000 лица (Поранешните Балкански војни 1912-1913. „Извештај на Карнегиевата балканска комисија“, Култура, Скопје 2000, 302)
2 Покрај масовните колежи, силувања и опожарувања на Македонците и нивните живеалишта од страна на грчките воени единици во Балканските војни (види извештаи на Карнегиевата комисија) и продолжително во наредните децении заради етничко чистење на освоената Егејска Македонија (35.169 км2 во 1913 г. биле приклучени кон Грција), врз основа на чл. 56 од Нејскиот мировен договор, на 27 ноември 1919 година беше потпишана конвенција меѓу Грција и Бугарија за „доброволно“ иселување на инородно население што живее во двете земји. (Македонија во меѓународните договори, том I, 1913-1940, избор, редакција и коментар д-р Михајло Миноски, ДАРМ, Скопје 2006, док. 33). Конвенцијата за „доброволно“ иселување грчките власти веднаш ја претворија во конвенција за задолжително иселување на македонското население од егејскиот дел на Македонија. Во периодот од 1913 до 1928 година, од егејскиот дел на Македонија во Бугарија беа иселени 86.572 Македонци. Тие беа принудени да ги остават нивните имоти, на кои грчките власти колонизирале Грци и друго немакедонско население. (С. Киселиновски, Етничките промени во Македонија (1913-1995), ИНИ, Скопје 2000, 34.
3 И. Катарџиев, Македонија спроти Втората светска војна, Менора, Скопје 1999, 130.
4 На овој најнов Букурешт (2008) на кој се одржа саминот на НАТО, Република Македонија не беше примена во оваа асоцијација, заради правото на вето и притисоците на соседна Република Грција. Притоа Република Бугарија покажа солидарност со апсурдните антиевропски позиции на Грција, така што заеднички, уште еднаш, го внесоа пакетот на балканизација во Европа, наместо Европа да навлезе на Балканот. Со нивните актуелни ставови покажаа дека на Балканот сѐ уште се живи старите мегало-идеи и санстефански соништа.

No comments: