Создавање и активноста на ВМРО до Илинденското востание 9. дел

Иван Катарџиев


Покрај организационо-политичката активност, насочена кон ширење и зацврстување на револуционерното движење, кон развивање на револуционерната свест на масите и кон запознавање со воената вештина итн., беше неопходно да се организира сопствена печатна пропаганда.


Оваа потреба беше согледана уште во првите години на дејствувањето на Организацијата. Стана јасно дека без постоењето на сопствени средства за пропаганда и информации, кои од свој агол ќ е ги прикажуваат настаните, кои на достапен и непосреден начин ќе ги развиваат и објаснуваат идеите и целите на движењето, не ќе може да ѝ се обезбеди целосен изворен израз и полет на револуционерната мисла.

Уште на првите чекори од своето организирање, револуционерната Организација пристапи кон издавање свои нелегални весници. Првиот хектографиран весник „На оружје“, според Ѓорче Петров, бил издаден во Битола во 1895 година. Во исто време во Солун Даме го издаваше весникот „Востаник“. Покрај овие два весника, печатни органи до Илинденското востание имаа Скопската организација, под наслов „Освобождение“, кој почна да излегува кон крајот на 1902 година и Серската — под наслов „Свобода или смрт“ кој се појави во февруари 1903 година.

Покрај овие весници, кои излегуваа во нелегални услови во самата Македонија, надвор од нејзините граници се појави во 1898 година весникот „Бунтовник“, уредуван од Ѓорче Петров, а кон крајот на 1901 година — весникот „Дело“, уредуван од бугарскиот поет Пеју Јаворов.

Во целина погледнато, печатната пропаганда на Организацијата во предилинденскиот период
остана прилично неразвиена.

Во исто време, напоредно со грижата за своето сопствено изградување и формирање, Организацијата, појавена како антитеза на постојниот општествено-политички систем и туѓото национално господство, си постави задача уште во текот на револуционеркиот процес да изгради нова револуционерна власт што ќе произлегува од револуционерната акција на поробениот народ, а ќе се базира врз неговите интереси. Овој момент беше од големо значење за револуционерното движење. Со формирањето револуционерни органи на власта се развиваше свеста на народот за самостојност и самоуправност, се подигнуваше неговото културно и политичко ниво, и што е најважно, покрај постојната власт на турската држава во нејзините сопствени пазуви паралелно се изградуваше една нова власт, која со средствата на револуцијата се подготвуваше насилно да ја сруши и да ја замени. Главното внимание во тој поглед Организацијата го концентрира на изградувањето сопствено судство, тајна полиција и врски со локалната сомоуправа.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]   

No comments: