Прва македонска егејска бригада 8

Првата народноослободителна ударна бригада на HOB и ПОМ од Егејска Македонија

Благоја Талески

ПО ФОРМИРАЊЕТО НА Првата Народноослободителна ударна Егејска бригада на HOB и ПОМ, што се изврши на 17 ноември 1944 година во Битола беше одржана свеченост и парада. На 18 ноември во градот започна редовната и програмирана воено-политичка обука. Беше формирана партиска и младинска организација. Започна интензивна идејно-политичка и културно- просветна работа. Воената и борбената способност се усовршуваа интензивно, паралелно со воената активност на теренот.

Веднаш по формирањето на Бригадатата еден баталјон замина во реонот на селото Лабуниште, Струшко. На 3 јануари 1945 година Бригадата беше прекомандувана во Гостивар и Тетово каде што учествуваше во ликвидирањето на остатоците од балистичките банди. Во почетокот на март 1945 година бригадата доаѓа до Скопје, а потоа и на теренот во Гевгелија и Битола, каде што останува се до 2 април 1945 година, кога беше расформирана.

















ЕДЕН ПАТ ДОЛГ И МНОГУ СПЕЦИФИЧЕН, но достоен и чист, во служба на својот напатен народ, за неговата слобода, за зачувување на неговото битие и национална посебност низ многу тешкотии и искушенија, беше завршен. Тоа беше патот на Првата Народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија — пат изминат уште пред нејзиното формирање, кога Македонците — првоборци се бореа во своите краишта за подготовка на отпорот на теренот, се бореа во окупаторските логори и зандани, a од 1942 и 1943 година излегоа со пушка в рака, во групи и одреди да се борат во редовниот и резервниот состав на ЕЛАС, во партизанските единици на Славомакедонската ослободителна војска и во народноослободителните организации на ЕАМ, СНОФ, ЕПОН, Народната солидарност и други, и испишуваа славни страници во борбата против германско-италијанските и бугарските фашистички окупатори на Грција заедно со своите соборци Грци, Власи и Маџири, за на крајот да минат во Федерална Република Македонија, во Демократска Федеративна Југославија.

На тој пат Македонците од Егејска Македонија на дело и со скапи жртви ја докажаа својата готовност, заедно со грчкиот народ и неговите прогресивни и демократски сили, да се борат за демократска преобразба на Грција. во која и тие можат да ги остварат своитенационални стремежи и права.

По поразот на Националноослободителната борба во Грција, борците на отпорот масовно беа апсени и испраќани на пустите острови во Егејско Mope и во занданите низ цела Грција. Реакцијата со особена омраза се нафрли врз Македонците. Нечуен терор зацарува ширум Егејска Македонија. Co сила и насилство реакцијата му ја наметна на народот граѓанската војна. Борците и сите други демократски сили на Грција беа принудени да се бранат пред разузданиот тероризам.

Грчкото демократско движење се најде пред големо искушение поради агресивноста на домашната и меѓународната реакција. Честа и достоинството на секој Македонец и Македонка во тој период им наложуваше да се спротивстават на тој нечуен терор и вистински уништувачки поход на реакцијата против нивната егзистенција. Македонците во новосоздадената ситуација по поразот на движењето на отпорот (1941-1944) мораа заедно со грчките прогресивни сили повторно да се организираат во своите народноослободителни организации и да поведат заедничка борба со демократскиот грчки народ против реакционерната монархија.


Познати се разурнувањата и големите жртви кои во Граѓанската војна (1946-1949) ги првтрпе цела Грција, а особено македонскиот народ поради извонредно масовното учество во неа. Во ова навистина гигантско пресметување, македонските борци, заедно со грчките, ја потврдија волјата на својот народ за слободен живот, давајќи го својот прилог во антиимперијалистичката борба и отпор на поширок план.

Судбината сакаше најголемиот дел борци од Првата народноослободителна егејска бригада да ги положат своите млади животи на боиштата на граѓанската војна.

На сите ним, како и на сите други борци против фашизмот и реакцијата кои паднаа со чиста верба за подобро утре, од првата жртва во 1937 година во логорот Акронафплија, до војниците од шестмесечната епопеја на Албанскиот фронт против фашистичкиот агресор, како и на загинатите во Народноослободителната војна и Отпорот во 1941-1945 година и на сите жртви на теророт на граѓанската војна 1945-1949 година, на кои им оддаваме трајна почест и благодарност, им ги посветувам овие редови.

Крај

No comments: