November 20, 2012

Создавање и активноста на ВМРО до Илинденското востание 3. дел

Иван Катарџиев


На овој состанок, по сумирањето на постигнатите резултати и здобиените искуства, основачите на револуционерната организација говореа за целите и задачите на Организацијата, тоест се зафатија да ги изработат нејзините програмски начела и да ја оцртаат нејзината организациона форма.


Мислењата за резултатите од овој прв разговор за целите и начелата на револуционерната организација, изнесени во спомените на основачите на Организацијата, се прилично спротивни.

Најдетални информации за оваа дискусија во врска со целите на Организацијата дава Иван X. Николов. Според него, организацијата требало да биде:

1. тајна и револуционерна; 2. нејзината територија да се сочинува од Македонија во нејзините географски и етнографски граници, поради што и ќе се вика внатрешна; 3. во неа да членуваат лица што се родени и што живеат во Македонија без разлика на верата и народноста; 4. политичко кредо на организираните Македонци станува автономијата на Македонија и 5. да се чува самостојноста на организацијата, за да не падне таа под влијание на политиката на владите на соседните слободни држави.

На состанокот се дискутираше и за името на Организацијата и за некои други проблеми. На крајот беше решено, за да може успешно да се одвива идната револуционерна активност, да се изработи устав на Организацијата. Таа задача му беше доверена на Петар Поп Арсов. По изработувањето на Уставот и неговото прифаќање од основачите на Организацијата беше конституиран и првиот Централен комитет. За претседател беше избран Христо Татарчев, а за секретар-благајник Даме Груев.

Решавањето на овие организациони проблеми овозможи побрзо да се шири и зајакне револуционерната организација. Основната ориентација за привлекување нови членови била свртена, според зборовите на Хаџи-Николов, кон интелигенцијата и кон економски позајакнатата граѓанска средина. Знакот за распознавање и привлекување на новите членови во тој период беше сосема едноставен: секој, што е против егзархиската централистичка политика, е добар и надежен да се посвети на револуционерната идеја.

Брзото ширење на Организацијата во првата година на нејзиното постоење, нејзиното излегување од рамките на Солун, ја наметна неопходноста од свикување пошироко советување на кое ќе учествуват не само основачите како дотогаш, туку што поширок круг активисти кои во изминатиот период покажале упорност и самопрегорност во ширењето на револуционерното дело.

Ползувајќи го осветувањето на една црква во Ресен, во август (15) 1894 година, беше организирано првото вакво советување, кое инаку често се означува како „прв револуционерен конгрес“. На советувањето присуствуваа 12 — 15 делегати од месните комитети. Ова советување траеше три дена. Покрај поднесувањето отчет за состојбата и развојот на Организацијата, на дневниот ред се најдоа и прашања сврзани со вооружувањето, потоа средствата, печатната пропаганда, изградувањето политика спрема Егзархијата и општините. Советувањето заклучи Организацијата да се обиде во сите училишта, сеедно општински или егзархиски, да се постават за учители луѓе на Организацијата.

Навлегувајќи во својата втора годишнина, Револуционерната организација се соочи со два вонредно значајни настана: влегувањето на Гоце Делчев во Организацијата и бугарската четничка акција во Источна Македонија. И двата настана ќе имаат далекусежни последици во развитокот на револуционерното движење: првиот, стапувањето на Гоце Делчев во Организацијата, ќе му даде на револуционерното движење нови импулси што ќе доведат до неговото претворање во сенародно движење, додека вториот го означува почетокот на оружените странски интервенции во македонското револуционерно движење.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]   

No comments: