November 19, 2012

Создавање и активноста на ВМРО до Илинденското востание 2. дел

Иван Катарџиев


СОЗДАВАЊЕТО НА ТАЈНАТА МАКЕДОНСКО-ОДРИНСКА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА

Иницијаторите и организаторите на многубројните групи и кружоци од почетокот на последното десетлетје на XIX век, незадоволниците од централистичката политика на Егзархијата во Македонија ќе бидат и првите иницијатори за формирање на Тајната Македонско-одринска Револуционерна Организација.


Есента на 1893 година се покажа најпогодна за тоа. Во таа година по разни причини во Солун се собраа најголем број од иницијаторите за создавање револуционерна организација. Иако некои од нив не се познаваа меѓу себе, тие брзо најдоа заеднички јазик за оживотворување на своите замисли и идеи. По неколкуте меѓусебни среќавања и разговори на 23 октомври 1893 година стана првата средба на поголем круг луѓе во собата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов. На овој состанок, кој всушност е основачки состанок на револуционерната организација, присуствуваа следниве шестмина: Даме Груев, учител од Смилево, Христо Татарчев, лекар од Ресен, Иван Хаџи Николов, книжар во Солун, инаку од Кукуш, Петар Поп Арсов учител од с. Богомила, Велешко, Антон Димитров од с. Ајватовци, Солунско, и Христо Батанџиев, учител од с. Гуменџе, Воденско.

Основна тема на состанокот беа идната политичка работа во Македонија и неопходноста од организирана општествена дејност. По еднодушно изразеното мислење за потребата од развивање так ва активност, групата се конституира како друштво, без писмен протокол и без да се избира раководство. На состанокот не се донесоа никакви формални заклучоци врз основа на кои членовите би се чувствувале лично обврзани да работат за делото. Меѓутоа, сите доброволно се задолжија поединечно да работат меѓу своите познати. Всушност, групата се нафати да ги изврши првите подготвителни работи: да привлекува нови луѓе, да го проширува кругот на приврзаниците на усвоената идеја, за да може да се пристапи кон поорганизирана и систематска дејност. За таа цел групата го ползува Солун како централно место во Македонија, во кој се собираа од целата земја: учители, еснафи, трговци, попови итн., што овозможуваше на полесен и на понезабележлив начин да се шират револуционерните идеи.

Резултатите, што се постигнаа до крајот на 1893 година, се повеќе од охрабрувачки. Тоа зборува дека постоеле сите услови за развивање усилена револуционерна дејност. Охрабрени од ова, во почетокот на 1894 година, организаторите на состанокот од 23 октомври, по втор пат се сретнаа во Солун. На дневен ред се наоѓаше искуството, здобиено во дотогашната работа, како и патиштата за натамошниот развиток на делото.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]   

No comments: