Славата, митот и крвта на ВМРО 15

Славата, митот и крвта на ВМРО (15)

Сарафов - авантурист меѓу револуционерите

Борис Сарафов бил најпознатиот револуционер во Европа, но сакал да се расфрла со пари, па дури и да биде поткупуван

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

Најконтроверзната личност во поблиското македонско минато сигурно е Борис Сарафов, на кого историчарите се' уште попрецизно не му го имаат определено вистинското место. Нема покрупен настан од македонската револуционерна борба, а да не се спомнува неговото име. Од предилинденскиот период позната е неговата изјава „Македонија на Македонците“. Во 1900 година на рускиот публицист Амфитеатров, ќе му изјави: „Ние сме Македонци, не Срби, не Бугари, туку просто Македонци. Македонскиот народ постои независно од бугарскиот и српскиот. Ние ги симпатизираме и нив и другите, и Бугарите и Србите: кој ќе придонесе за нашето ослободување нему ќе му кажеме благодарам, но нека не забораваат Бугарите и Србите дека Македонија е само на Македонците...“.

Меѓутоа, ваквите негови изјави често страдаат од недоследност и непринципиелност. Познатиот хроничар на македонската револуционерна борба, Љубомир Милетиќ, истакнува дека за Сарафов имало најразлични мислења и предрасуди кои произлегувале од неговиот авантуристички дух. „Понекогаш тој дејствувал мошне бескрупулозно, придржувајќи се од принципот дека целта ги оправдува средствата, и во тоа е неговата слаба страна“, оценува Милетиќ.

Павел Шатев го вбројува меѓу тројцата највидни македонски револуционери заедно со Гоце Делчев и Ѓорче Петров со кого, како што вели, биле на спротивни позиции. „Ѓорче Петров, а со него и Гоце Делчев се движат по една строго зацртана патека, а Борис Сарафов, воден не толку од разумот, туку обземен од изградените национални чувства, се движи во малку поинаква насока да се прикажат и прифатат конфликтите и да се приближат ставовите“, ќе напише Шатев во биографијата за Сарафов, чии извадоци неодамна објави „Публика“. Тој Сарафов го опишува како убавец кој, според облеката и надворешниот изглед, прилегал на вистински Европеец.

[Борис Сарафов и Иван Гарванов беа убиени во Софија во ноември 1917 година. Тој беше осуден на смрт од Серскиот револуционерен округ на чие чело беше Јане Сандански. Убиството го изврши Тодор Паница]

Овој македонски револуционер бил омилен меѓу странските новинари пред кои го рекламирал македонското дело, но и себеси. Убав, со распуштени долги коси, авантурист по природа, посебно е сакан од понежниот пол во високото бугарско општество. Роден е во 1872 година во Либјахово, село во Неврокопско (Гоцеделчевско), Пиринска Македонија, во богато семејство. Се школувал во Солунската гимназија, а завршил воено училиште во Софија. Соработувал со Гоце Делчев и Ѓорче Петров. Од 1899 до 1901 година бил претседател на Врховниот комитет. На Смилевскиот конгрес заедно со Даме Груев и Атанас Лозанчев бил избран во Главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ. Тогаш ќе ги излаже делегатите на конгресот и во „доверба“ ќе им соопшти дека Бугарија е подготвена да го помогне востанието и дека чека сигнал нејзината армија да влезе во Македонија. Предложил да биде нападната Битола, што се сметало за лудост.

Сарафов по Илинденското востание се вратил во Софија. Стасал со воз, а на железничката станица му бил приреден величенствен пречек. Со знамето на Битолскиот револуционерен округ што го донел со себе бил носен на раце неколку километри, до црквата „Св. Недела“ и неговиот дом. Според бугарскиот историчар Румен Пасков, бил наречен „херојот на битолските бојни полиња“, „главниот командант на борбените сили во Битолско“, „началник на востанието, душата на револуционерните борби во Македонија“.

За разлика од Сарафов кој заминал за Софија и кој сакал да биде славен и величен, двајцата други членови на Главниот штаб, Груев и Лозанчев, останале во Македонија не сакајќи да го напуштат народот кој бил подложен на невидени репресии.

[За убиството на Борис Сарафов пишуваше и „Њујорк Тајмс“] Сарафов често патувал во Европа и остварувал контакти со повеќе познати личности и новинари. Во годините пред востанието од „англиски пријател“, обезбедил пари за печатење на весникот „Македонско движење“, кој се издавал во Париз во 1902 – 1903 година, а го уредувал Симеон Радев. Им обезбедил пари и на солунските атентатори за да купат динамит.

По Илинденското востание Сарафов тргнал на голема турнеја по Европа за да бара поддршка. Најпрво го посетил Лондон. Михал Герџиков, кој исто така бил во Лондон, пишува дека Сарафов сакал да собере 2-3 милиони англиски фунти, а како гаранција на банкарите им нудел експлоатација на Охридското Езеро по ослободувањето на Македонија. Го посетил и Париз, а за него пишувале два познати весници. Потоа ги посетил Виена, Монте Карло и Женева. Во Италија се сретнал со генералот Ричиоти Гарибалди, внукот на големиот италијански револуционер Ѓузепе Гарибалди. Посетата на Италија имала големи ефекти. Новинарите го нарекле „Гарибалди на Македонија“, а италијански граѓани изразиле подготвеност да се борат за ослободување на Македонија.

Христо Силјанов пишува дека една од најделикатните точки на Рилскиот конгрес на ВМРО, свикан по Илинденското востание, биле обвинувањата против видни членови на Организацијата. Најмногу и најтешки обвинувања имало за Сарафов, а во центарот на тие обвинувања стоела аферата со парите земени од српската влада која во тоа време се сметала за еден од најголемите непријатели на македонското дело. Тој бил обвинет и за праќање сопствени, „сарафовски“ чети во внатрешноста кои меѓусебно се прогонувале со“централните“, како и за расфрлање со парите на организацијата.

Георги Поп Христов, еден од делегатите на конгресот во своите спомени раскажува дека фактите биле толку силни што Сарафов не можел а да не се чувствува грешник. Речиси сите делегати биле против него, а најлут противник кој најмногу го обвинувал бил Јане Сандански. По конгресот тој ќе биде осуден на смрт од Серскиот револуционерен округ и заедно со Иван Гарванов ликвидиран во неговиот дом во Софија во ноември 1907 година.

Името на Борис Сарафов е поврзано и со атентатот врз султанот Абдул Хамид, кој го организирале ерменската и македонската револуционерна организации. Атентатот го подготвувале долго време. Во Цариград биле испратени луѓе да ја утврдат маршрутата по која се движел султанот, а во Софија се вршеле пробни експлозии на гранатите. Во март 1905 година за време на проба една од гранатите предвреме експлодирала и притоа загинале двајца Ерменци, а шестмина македонски револуционери, меѓу кои и Борис Сарафов и Ѓорче Петров, биле ранети.

Ова трагедија нема да ги поколеба ерменските и македонските револуционери во намерите да го ликвидираат султанот. Бил скроен нов план. Во Цариград повторно испратиле луѓе да го следат движењето на султанот и по нивните согледувања решиле атентатот да го извршат со експлозивна направа која содржела 200 килограми експлозив и требала да се смести во пајтон, специјално изработен во Виена. И овој пат пробите ги вршеле во околината на Софија.

Атентатот бил извршен на 8 јули 1905 година пред џамијата во која султанот Абдул Хамид одел на молитва. Тогашниот бугарски дипломатски претставник во Цариград, Глигор Начовиќ, ќе ги информира своите претпоставени во Софија дека направата експлодирала точно во 13 часот и 15 минути, на 200 чекори (околу 150 метри) оддалеченост од кочијата на султанот. Во атентатот загинале 57 души и обезбедувањето на султанот, кој останал жив и сам со кочијата се вратил во дворецот.

(Продолжува)

No comments: