Вистините за Венко Марковски 13

Вистините и контроверзиите за Венко Марковски (13)


Миле беше убиен од бугарските тајни служби

Виктор Цветаноски

Кога првпат го посети мајка ми Дока во Софија, вујко ми Венко побарал да му донесе шише вода од Вардар, грутка земја и гранче дрво. Оттогаш таа секогаш кога одеше таму, му носеше вода, земја и гранче дрво. По смртта на син му Миле, ме замоли да му однесам земја од гробот на мајка му, баба ми Љуба, раскажувала внуката на Венко Марковски, Бранислава Бојчин. Таа е убедена дека нејзиниот братучед Миле бил убиен од бугарските тајни служби, кои тврди дека му ја наместиле сообраќајката.

„Го погребаа на 14 април 1975 година, истиот ден кога беше роден. Имаше само 35 години. Страшната вест лично ни ја кажа вујко ми. Кога се јави на телефон, дома бев само јас. Тој толку многу плачеше што не можев да го разберам што ми говори. Постојано повторуваше: ’Миле загина, Миле загина, доаѓајте веднаш’. Тогаш се јавив кај Петре Прличко за да и' кажам на мајка ми, која беше на ручек кај него. Сите заедно тргнавме за Софија. И јас како многумина во почетокот мислев дека била обична сообраќајна несреќа, но ми стана чудно како реагираше мајка ми кога претставникот на ЦК на Бугарија сакаше да и' изрази сочувство. Таа му се заврти и му рече: ’Какво сочувство, тргнете ми се од пред очи, вие го убивте детето’. Многу потресна беше сликата кога вујко ми Венко, пред да го погребат, му ја прочита на Миле прошталната песна. Се сеќавам на зборовите: ’Синко мој, на денешен ден те даде земјата, на денешен ден те зеде’. На крајот заврши со зборовите: ’Падна како политичка жртва’. Вистината за смртта на Миле ја дознав од Дејан Крцун, брат на Слободан Пенезиќ-Крцун, кој за време на Информбирото беше пребеган во Бугарија и работеше како професор по естетика на Софискиот универзитет. Стоеше крај мене и тивко, за да не чуе некој друг, ми рече дека братучед ми бил убиен, а сообраќајката му ја наместила бугарската полиција“, се сеќава Бојчин.

Таа тврди дека Миле бил убиен не поради тоа што им згрешил на Бугарите, туку поради нејзиниот вујко Венко. Миле бил тивок човек, за политика не расправал, со никого не се карал. Пророчицата Ванѓа го предупредувала два месеца пред трагедијата дека ќе го убијат. Меѓутоа, тој не и' поверувал, зашто сметал дека пророштвата се несериозна работа, за разлика од неговиот татко Венко, кој сакал да му ја претскажуваат иднината. ’Ванѓа беше и на погребот на Миле. Додека стоев со брат ми и со мајка ми, некој зад мене ми рече: ’Браниславо, тргни се, направи ми место’. Кога се свртев, гледам, ми зборува Ванѓа. Ја знаев од весниците. Да бидам искрена, се преплашив и си велев од каде го знае моето име. § направив место меѓу мене и брат ми и таа цело време на погребот беше со нас“, вели Бојчин и додава дека Венко и Ванѓа станале пријатели кога тој еднаш отишол кај неа за да му гледа.

„Вујко ми Венко по погребот се чувствуваше ужасно. Додека седевме во дневната соба во Банки, дремна дваесетина минути, немаше спиено подолго време и штом се пробуди ни вели: ’Го сонував Миле. Ми рече, те чув кога ја читаше песната’. Тоа што му рекол ’те чув’ за него значеше многу“, се сеќава неговата внука.

Според неа, Миле не заминал во Бугарија од политички причини. Тој бил прифатен од сите во Македонија, бил добар шахист, одел на повеќе шаховски натпревари низ Југославија, бил републички првак. Имал и добра работа, бил уредник на едно списание. „Тој во Софија отиде да го лекува постариот син кој имаше проблеми со ногата, па требаше итно да се оперира. Сметаше дека таму има подобри лекари. А и татко му имаше врски да му помогне. Откако го оперирале синот, сакаше да се врати. По протерувањето на вујко ми, навистина првите две години имаше закани преку телефон дека ќе го убијат, но по интервенцијата на мојот сопруг тие престанаа. За тоа дека требало да оди во Детроит за да биде бугарски конзул не сум слушнала“, објаснува Бојчин.

Мозокот и срцето на Венко Марковски неговата сопруга Филимена ги чувала дома до пред шест години, а потоа ги предала во музејот во Софија

Внуката на Венко вели дека вујко и' знаел дека тајните служби на Бугарија го следат на секој чекор. Тој знаел дека е прислушуван и секогаш кога требало да си кажат некои важни работи, разговарале во дворот. Имал радио во дневната соба и постојано го слушал Радио Скопје. Никој не смеел да му ја промени станицата. Бил голем навивач за Вардар. Најчесто во Софија го посетувала мајка и' Дока, која била многу приврзана кон него, а и тој кон неа. Починал од рак на желудникот, а последните два месеца од животот била крај него. И умрел на нејзините раце.

„На погребот на вујко ми отидоа брат ми и сестра ми. Јас не се осмелив да отидам, затоа што по погребот на Миле на работа имав големи проблеми. Бев државен советник во Уставен суд, а кога се вратив, ме викнаа на сослушување: Димитар Стојчев-Цуце, во кого вујко ми Венко имаше голема доверба, а тој работеше против него, Боро Доганџиски, кој го судеше, и Асен Групче. За време на сослушувањето, Стојчев дури предложи да се откажам дека сум внука на Венко. Веднаш го замолче Асен Групче со зборовите: ’Доста со тие глупости. Како ти текна ова да го кажеш’. И Доганџиски го осудуваше моето одење на погребот на Миле и тогаш ми рече: ’Друг пат ќе си ги преброиш копчињата на палтото, па потоа ќе преземаш дејства’. Стојчев продолжи да ме испрашува и да инсистира да му кажам што ми рекол Венко. А што може да ми каже човек на кого синот му лежи во мртовечки сандак“, се сеќава на тие тешки моменти Бојчин.

Венко е погребан на Градските гробишта во Софија, не му е изграден ниту обичен споменик. Кога неговата внука Бранислава отишла последен пат за да му запали свеќа, имало само еден дрвен крст со неговото име. Тоа страшно ја погодило. Вели, за да се види колку навистина Бугарите го почитуваат поетот, за кого тврдат дека е нивни, доволно е да се отиде и да се види неговиот гроб и местото каде што почива.

„Кога почина вујко ми, по барање на Филимена се извадени неговото срце и мозок и се ставено во тегли со формалин. Мајка ми тогаш барала брат и' да го погребат според сите христијански обичаи, но Филимена не се согласила. И тогаш таа се испокарала со Филимена, со која престанала да зборува. Познатата пророчица Ванѓа неколку пати и' се јавувала на Филимена, и' се јавуваше и на мајка ми, инсистирајќи да ги погребат неговиот мозок и срце, посебно мозокот, да за да можела да комуницира со вујко ми Венко. Каква е таа комуникација не знам, но тоа се зборови на Ванѓа. Но, Филимена пак не се согласила, а мозокот и срцето до пред пет-шест години во тегла ги чувала дома“, нагласува Бојчин.

Од семејството на Венко Марковски денес во Софија живеат постариот син на Миле, Игор, кој работи како новинар, а има завршено Драмска академија. Помалиот Вени, кого го крстиле по името на дедо му, своевремено беше прв човек на Асоцијацијата за Интернет во Бугарија, а сега се наоѓа во Њујорк, каде што е оженет за Американка. Нивната мајка не се премажила, најважно и' било да ги изведе синовите на вистинскиот пат. Сопругата на Венко, Филимена, живее во истата вила што им ја доделиле тогашните бугарски власти. Ќерката Султана е со мајка си, никогаш не се омажила. Додека биле во Македонија, таа завршила Музичка академија во Белград, а подоцна магистрирала во Москва. Работи како музички педагог.

На потесното семејство на Венко му припаѓа и Љубинка, но таа не е негова родена ќерка. Додека бил во партизани, за време на борбите, в раце му починал еден борец - Србин од Косово, и притоа му оставил аманет да го чува неговото девојче. Така ја посвоил Љубинка, ја пораснал и ја школувал. Завршила француска филологија и се омажила за познатиот македонски новинар Никола Солдатов. Подоцна се развеле и се премажила. Денес живее во Париз.

(Продолжува)

No comments: