November 10, 2012

Славата, митот и крвта на ВМРО 13

Славата, митот и крвта на ВМРО (13)

[Масовни апсења во Солун по атентатите на велешаните]

Гемиџиите ја потресоа Европа

По велигденските празници 1903 година, десетмина македонски момчиња изведоа повеќе атентати во Солун

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

Солунските атентати се можеби најхрабриот, најславниот и највеличествениот настан од македонската револуционерна борба. Група момчиња, главно, велешани, кои ќе се наречат гемиџии, кон крајот на април 1903 година извршија повеќе атентати, надевајќи се дека со тоа ќе ја разбудат совеста на големите сили за да го свртат вниманието кон Македонија. Веруваа дека Европа ќе го реши македонското прашање ако ги засегнат нејзините економски интереси.

Гемиџиите долго време се подготвувале. Во строга дискреција и со невидена упорност планираат да извршат атентати во Цариград и во Солун. Меѓутоа, кога речиси го завршиле каналот до Отоманската банка во Цариград, по апсењето на нивни другари се откажуваат од атентати во главниот град на Отоманската Империја. Нивните атентати не ги одобрувала ВМРО. За нив знаеле повеќемина раководители. Даме Груев, кој тие денови се враќа од заточеништво, го повикува кај себе Мечев и долго време ќе го убедува да се откажат зашто тоа што го прават може само да му наштети на македонското дело и да го искомпромитира во странство. Не успеал да ги убеди ниту Гоце Делчев.

Откако гемиџиите го завршиле копањето на каналот, а динамитот пристигнал, решиле атентатите да ги извршат по велигденските празници. Атентатите започнале на 28 април со уништувањето на францускиот брод „Гвадалкивир“. Павел Шатев се качил на бродот со лажен пасош и откако бродот испловил од пристаништето, го активирал куферот полн со динамит. Посебно водел сметка „Гвадалкивир“ да биде поблиску до брегот за да можат да се спасат патниците. „Со својата акција никогаш не сме се стремеле да се загубат човечки животи, уште повеќе кога се знае дека патниците во парабродот се невини во однос на нашата - македонска кауза“, ќе напише Шатев во своите спомени. Така сите патници безбедно стигнале на брегот. Истата вечер одекнала страшна експлозија меѓу старата и новата железничка станица, но ефектот не бил таков каков што очекувале гемиџиите. Возот не се превртел, била оштетена само локомотивата.

Најголемата акција била планирана наредниот ден. Коста Кирков вечерта ги разнесол железните садови со гас што се користел за осветлување на градот, а со тоа дал сигнал другите атентатори да стапат во дејство. Пет минути откако градот го зафатил целосен мрак, Орце ги запалил фитилите на динамитот поставен под банката. Додека огнот лазел кон експлозивот, тој се искачил на вториот кат да го предупреди директорот да ја напушти зградата со семејството. „Динамитните бомби што ги фрлале гемиџиите по кафеаните биле направени со долг фитил, за да им се даде можност на гостите да го напуштат локалот. Целта, значи, била да се урива, да се крева поголем шум преку експлозии и со тоа да се создава паника, да се напаѓа непријателот, но сето тоа, по можност, да се изврши со помалку жртви меѓу невиното население“, пишува д-р Крсте Битовски.

Цел на Милан Арсов, најмладиот меѓу атентаторите, била кафеаната „Алхамбра“. Тој спокојно влегол во неа, извадил една бомба и ја ставил на масата, а потоа го запалил фитилот со цигарата. Присутните веднаш сфатиле за што станува збор и се разбегале. Кирков, по уривањето на гасопроводот, се вратил во градот и фрлил бомба во предворјето на „Гранд хотел“, а Илија Богданов низ прозорецот на кафеаната „Ноњо“. Владимир Пингов го запалил Бошњак-ан и се упатил кон станот на Мечев и Трчков. На пат бил пресретнат од полицијата врз која фрлил бомба, но бил убиен по престрелката.

Намерата на Мечев и Трчков да го кренат во воздух резервоарот на фабриката со гас не успеала. Таму биле пречекани од засилената стражарска служба. На враќање Мечев фрлил бомба во една кафеана, а Трчков две на една празна улица, а потоа двајцата се прибрале дома за да земат други бомби, кои ги фрлале низ прозорецот врз аскерот што ги држел во опсада. Дури утрото влегол во станот и таму ги нашол нивните мртви тела.

И Орце го завршил својот живот во зорите. Се борел додека имал бомби, а потоа паднал погоден од еден куршум. Коста Кирков и Цветко Трајков последни ги положиле животите. Утредента, третиот ден на атентатите, Кирков се облекол во елегантен костум, ставил шапка и отишол во централната пошта за да „испрати телеграма“. Меѓутоа, стражарите не го пуштиле да влезе пред да го претресат. Тогаш ја извадил бомбата и додека се обидувал да ја активира, бил прободен со штик. Цветко Трајков сакал да го убие валијата и го чекал пред летната вила. Кога го забележале стражарите, се посомневале и кога сакале да го претресат, активирал бомба и седнал врз неа.

Од експлозиите настрадал и Германскиот клуб, како и некои соседни куќи. Во тие акции доброволно ги положиле младите животи Јордан Попјорданов-Орце, Коста Кирков, Димитар Мечев, Владимир Пингов, Илија Трчков и Цветко Трајков. Живи останале Павел Шатев, Георги Богданов, Милан Арсов и Марко Бошнаков. Бројот на жртвите меѓу цивилното население не бил многу голем, ако се има предвид масовноста на атентатите. Загинал еден Французин, трговец, и еден чевлар - Италијанец. Повеќе Германци и Австријци биле ранети, како и еден италијански кројач. Кога експлодирал динамитот под банката, случајно со пајтон минувал германскиот инженер Хекел, при што загинал. Од урнатините на „Алхамбра“ било извлечено телото на еден Грк. Бројот на убиените војници бил незначителен, три лица загинале до банката, како и еден во поштата.

По атентатите ќе биде спроведен невиден терор врз македонското население. Францускиот конзул Стег пишува дека бројот на убиените недолжни цивили по атентатите бил повеќе од 300. Тој лично видел најмалку 20 трупа. Турски офицери посочувале цифра од 112 убиени.

Биле уапсени околу 2.000 луѓе, а за 353 поведена судска постапка. Судени биле и четворицата преживеани атентатори. Од обвинетите, 33 биле осудени - атентаторите Павел Шатев, Георги Богданов, Милан Арсов и Марко Бошнаков на смрт - а останатите од пет до 101 година. Подоцна смртната казна на атентаторите била заменета со доживотна робија.

Атентаторите ја издржувале казната во затворот Фезан во либиската пустина. Шатев и Богданов се вратиле по амнестијата прогласена од Младотурците, а Бошњаков и Арсов засекогаш останале таму. Потресната драма на смртта на двајцата атентатори ни ја пренесува Шатев. Во своите спомени пишува дека охриѓанецот Бошњаков се разболел од мочуришна треска и кога болеста се искомплицирала, добил срцев удар. Имал 30 години, бил кроток, добар и скромен човек. Подоцна тешко се разболеле Арсов, родум од Ораовец, Велешко. Страдал од хронична ангина и кога настапиле жештините, сосема опаднал и веќе не станал од постелата.

По прогласувањето на амнестијата, единствена мисла на Шатев и на Богданов била како телата на нивните другари да ги донесат во Македонија

„Тие беа неодамна закопани, уште неизгниени сосем. Санитарната власт не го допушташе тоа. Демневме момент како да го извршиме тој план и да ги земеме барем коските на своите умрени другари. Една вечер шестмина од нас, притаено, отидовме кај гробовите и, некои со раце, некои со штици, почнавме да го распретуваме песокот. За кусо време се појавија труповите. Никако не можевме да ги понесеме телата, затоа што немавме како и каде да ги скриеме. Коските не можевме да ги прибереме, затоа што уште беа со месо. Не остануваше ништо друго, освен да ги понесеме черепите на умрените. Вчас ги извадивме ножевите, ги отсековме главите. Ги прибравме во посебни торби. Утредента, откако ги залеавме со јодоформ, ги ставивме во две тенеќени кутии и херметички ги затворивме. Тие беа веќе готови, а ние спокојни“, раскажува Шатев.

Двајцата гемиџии се вратиле во Македонија со черепите на покојните другари и им ги предале на нивите семејства за да ги погребаат.

(Продолжува)

No comments: