Востанието на Петар Делјан (1040-1041), 5. дел

Востанието на Петар Делјан (1040-1041)

Извадок од третиот том на капиталното дело „Средновековна Македонија“ (стр. 51-60) од авторот проф. д-р Бранко Панов.

ВОСТАНИЈАТА НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ВО ХI ВЕК

1. ВОСТАНИЕТО НА ПЕТАР ДЕЛЈАН (1040—1041)

По задушувањето на востанието, во Македонија одново насекаде била воспоставена византиската власт. Византиските гарнизони пак ги запоседнале воено-стратегиските места, биле обновени старите и изградени нови тврдини, биле назначени управници по испразнетите теми.

Последиците од востанието биле тешки. Византиските војски, во чиј состав влегле и норвешки наемници, командувани од војсководителот Хералд Хардрад, ја опустошиле Македонија. Македонското население било казнето и на тој начин, што во голем број било претворено во робје. Покрај тоа. во Македонија надошла уште помногубројна администрација. која. заедно со војската, легнала врз грбот на потчинетите Македонци. Надошле и голем број нови феудалци кои се здобиле со големи имоти и привилегии. Не бил мал бројот и на туѓите колонисти што византиската држава ги населила со цел да го разбие етничкото единство на македонскиот народ.

Ваквите мерки на византиската централна власт придонесле уште повеќе да се зголеми политичкото и духовното угнстување на македонското население. Како резултат на таквиот гнет  во Македонија одново се засилил отпорот. Класната борба зела силни размери. Богомилското движење започнало да станува се помасовно. Богомилите не биле само опасен класен непријател, туку воопшто борци против византиското господство.

Во 60-тите години дошло до ново востание, овој пат организирано од македонското и влашко население во Тесалија. Но и тоа, како и Делјановото, било поставено на поширок план. Правецот на неговото дејство бил свртен кон север со намера да се опфати сето македонско население.

За подготовките и текот на ова востание соопштува Кекавмен во својот „Стратегикон“. Според него востанието. организирано во градот Лариса и околијата. започнало во 1066 година. Управник на овој град бил протоспатаријот Никулица Делфин. чиј дел Никулица го управувал во времето на Самуиловото владеење. Поради отсуство на член од Самоуловиот царски род востаничките раководители му го довериле водењето на востанието на Никулица Делфин. Меѓутоа Никулица не бил заинтересиран за победоносен крај на востанието. Тој бил во добри односи со императорот Константин X Дука (1059— 1067); располагал со богати имоти во околината на Трикала, па затоа бил против секаков отпор што доаѓал од народот. Поради отсуство на единство во раководството на востанието, востаничкото движење не зело широки размери, а ги опфатило само градовитс Лариса, Трикала, Фарсала, и тврдината Китрос. Византискиот император не дозволил востаниците да продрат во внатрешноста на Македонија. Со помошта на Никулица, кој ги издал востаницитс, императорот успеал да го задуши овој отпор уште истата година. И покрај неуспехот, ова востание овозможило во 70-тите години да се организира ново, помасовно ослободително востание, чиј центар станал градот Скопје.

Крај

No comments: