October 8, 2012

Павел Шатев за Борис Сарафов

Биографија за претседателот на Врховниот македонски комитет, пишувана од Павел Шатев

Борис Сарафов е еден од македонските „Света Тројца“!

Борис Сарафов е еден од македонските „Света Тројца“! Заедно со Ѓорче Петров и Гоце Делчев се трите лица што ги одразуваат духот и смислата на Македонија, пишува најпознатиот гемиџија и првиот министер за правда во слободна Македонија, Павел Шатев, во биографијата посветена на еден од најконтроверзните ликови на македонската револуционерна сцена од крајот на 19. и почетокот на 20. век.

Биографијата за Сарафов е дел од личната книжевна и публицистичка оставина на Шатев, што припадниците на УДБ-а не успеале да ја запленат при неговото апсење во 1949 година во Загреб. Неговата ќерка Милка Шатева, единствениот жив директен наследник, по цели шест децении неодамна одлучи во форма на микрофилм да му ги предаде на репортерот на „Публика“, по што материјалите за првпат пристигнаа во Македонија. Станува збор за повеќе од 4.000 страници ракопис, што досега апсолутно бил непознат за домашната поширока јавност. Нивното обелоденување фрла нова светлина, како врз ликот и делото на гемиџијата, така и врз целокупната македонска историја.

Павел Шатев не дава точен податок кога ја пишувал биографијата за Сарафов, но од одделни сегменти во ракописот може да се заклучи дека најверојатно тоа го направил по ослободувањето на Македонија и пред да биде уапсен. Според претпоставките, повод била 40-годишнината од убиството на Борис Сарафов.

Материјалот содржи над стотина страници ракопис и пишуван е на мешан македонско-бугарски јазик, па оттука и потребата за ограда од евентуални можни грешки во преводот или од некакви „конструкции извадени од контекст“. „Публика“ нема намера да предизвикува никакви полемики или научно-историски да го толкува видувањето на Шатев за Сарафов, но предизвикот дека се работи за досега непознат текст, ја наметнува потребата од објавување на одделни негови делови.

Биографијата на Шатев за Сарафов е поделена во пет дела. Интересно е што четири делови се наоѓаат на еден, а последниот на друг микрофилм. Веднаш под насловот, Шатев ќе ја напише следната мисла:

- Животот непрекинато оди напред, оставајќи ги старото и одживеаното, и го издига новото, напредното, прогресивното што следствено н` греши како оние кои не верувале во ништо!

Убав, строен и чесен играч

Првиот дел од оваа биографија е посветен на средината и условите во кои тој бил воспитуван и израснал. Детството, младоста и зрелата возраст, во кој Шатев дава и широка експликација на историскиот момент во кој тогаш се наоѓала Македонија.

- Македонското национал-ослободително движење во својот историски развој мина низ неколку етапи, за кои некои општественици и публицисти, истакнати историчари, с` уште не го кажале својот збор. Главно се работи за три подолги или покуси периоди од тоа време. Како што во развојот на секој народ, литературата за полесно изучување или за поголема прегледност обично ја делат, а посебно поезијата, на три главни периоди: епос, лирика и драма. Или, како што секој човечки живот се дели на три периоди: детство, јуноштво и зрела возраст, така и македонското национал-ослободително движење, по аналогија мораме да го поделиме на три главни етапи, на три еднакво мали периоди од време. Првата етапа или период започнува уште од поставувањето на македонското прашање на политичката сцена (1878 г. - Берлинскиот конгрес), а завршува во 1908 година. Тој период завршува со големото народно, вооружено, илинденско востание, наречен уште како херојски период, а некои го нарекуваат и романтичен. Вториот период почнува од Хуриетот (10. јули 1908 г.) и продолжува преку трите војни и завршува со мировниот договор од август 1919 година. Тој период е уште наречен подготвителен или претходен. А, третиот, кој почнува од 1920 година до 1941 година и војната меѓу Германија и СССР, е начелно оформен, зрел, идеолошки период - пишува Шатев.

Тој детално ги опишува секој од нив поединечно, со присутните идеали, методи на борба, исцртано со „силни личности и нивните карактеристики“. А, една од нив „бил и Борис Сарафов, тој убав, строен и чесен играч“. Шатев го лоцира селото Либјахово, Неврокопско, во Пиринска Македонија, и ги споменува неговите родители, таткото Петар и мајката Сирма, синовите Никола, Борис и Крсто и сестрата Елица.

- Таткото Петар Сарафов, според приходите од селските книги, не се занимавал со земјоделство, со што обично се занимавале жителите од Либјахово, а уште од рана возраст се предал на учење, интелектуална работа и пораснал во една од најбележитите епохи: Епохата на бугарското воздигање! Станува секретар на егзархиската Старозагорска митрополија, а потоа оди во Цариград, по што се предава на учителската работа. Така имал можност да ги воспита и образува своите деца. Едниот син станува познат лекар, вториот способен инженер, Борис - добар офицер, Крсто - даровит актер, а сестрата Елица - способна лекарка. Петар Сарафов се преселува во Софија каде продолжува со учителството, а подоцна станува и училиштен инспектор. Борис Сарафов, основното образование го стекнува во родното село, а со учењето продолжува во Солун каде ја завршил бугарската гимназија основана во 18. век која, како што е познато, даде цела плејада од потврдени работници на културно, црковно-научно и духовно поле, како и силни, звучни револуционери, кои распрскани во Македонија создадоа цела мрежа од апостоли и борци и кои на плеќи ја изнесоа целата епопеја на македонските национал-ослободителни борби. Нивна круна е славното и величествено според своите размери, Илинденско востание! - продолжува Шатев.

- Еден од нив бил и славниот Борис Сарафов. Тој заложбите и квалитетите ги наследил од родителите, но дарбата и квалитетите можел да ги развива во една средина каква што била солунската гимназија во која имало одлични воспитувачи, но и поединци како Ѓорче Петров, Даме Груев, Гоце Делчев, Игнатиев, Лазаров и многу други имиња одбележани во историјата на македонските црковно-училишни борби со грчката и српската пропаганда, како и во македонските ослободителни и национал-револуционерни борби и востанија. Таквата благопријатна, одлична средина не можела да не влијае врз впечатливата природа и буен темперамент на Борис Сарафов. Тој, како трудољубив ученик, инстинктивно чувствувал дека турското политичко управување се карактеризира со еден збор - безлична тиранија што ги угнетувала потчинетите народи, без разлика на вера и народност, особено Бугарите-Македонци, кои останале и по руско-турската војна под Османлиската империја во европска Турција-Македонија и Одринско - пишува Шатев.

Изучување на военото дело

Во продолжение, гемиџијата се осврнува на Хатишерифот од 2.11.1839 година и Хатихеманатот од 10.2.1856 година, како и на други меѓународни договори, особено на членот 23 од Берлинскиот договор, кој „предвидуваше административни и ситни реформи, што требаше да се изработат, воведат и приложат и во Македонија“. Осврнувајќи се на месното македонско население, Шатев забележува дека „преку своите приказни, песни, макар с` уште магливо, народот го изразуваше своето негодување, својот молчалив или говорен протест против општествениот тежок живот, како и против поредокот во државата“.

- Негодување против ропските услови за живеење, критика на тогашните активности, а наспроти тоа е надежда за слобода, што се отсликува од светлите и славни страници на родната историја. Во сите песни, приказни, макар и да не се дело на бујни, распалени глави, сепак во нив пламти еден силен патриотски дух. Претставник на тој дух била интелигенцијата што постепено излегувала од основните и средни училишта, на прво место солунската бугарска гимназија, а подоцна и во Битола, Одрин, педагошкото училиште во Скопје и семинаријата во Цариград. Тие се сонот на македонско-бугарската просвета, тие се факелот на македонското политичко и национално будење како народ!

Следува периодот на заминување на Сарафов во Софија, спротивно на желбата на татко му Петар, запишувањето во военото училиште „не само за да се развие физички, туку и да стекне едно специјално образование, кое подоцна ќе му даде можност да биде покорисен за себе и за своите следбеници останати под турска власт, за да може поефикасно да им помогне, како што тој си мислел, и на дело да придонесе за нивното политичко, национално ослободување кон кое се стремеле“.

- Сарафов низ цело време во военото училиште имал намера да го изучи военото дело, но не да се служи со него во својата кариера, туку да се подготвува за практична дејност и тоа не во касарната, ами во животот, за народот за кој и се подготвувал. Тој за култот, за идеалите во животот не се грижел да стигне до генералскиот чин, туку се стремел да биде пред сите општественик, политичар-народен водач - смета Шатев, опишувајќи го Борис Сарафов физички како убавец, а според облеката и надворешниот изглед како вистински европеец, кој се служел со рускиот и францускиот јазик со совршено правилен акцент.

- Сите тие и уште многу други подобни акции и дела не се интересни и земени сами по себе, ниту како личен пример, ниту пак дека биле од некоја реална полза за делото, ни служат да ја отсликаме вистинската потреба од средства, од пари, што тогаш ја чувствувале нашите најпрви агитатори, организатори, создавачи на Внатрешната македонска револуционерна организација или, пак, раководните личности на Врховниот македонски комитет во Софија. Но, не само тоа, туку посебно како брзо, точно карактерно Борис Сарафов со своето чувство сфаќа што е најсуштествено, најважно за дадениот момент. Пари, средства, тоа е најсуштествено, а потоа друго: оружје, оружје и пак оружје. И Борис Сарафов со полна верба во својата сила во 1896/97 година почнува да броди по цела Бугарија и надвор од неа. Во Берлин, Лиеж, Виена, Женева, Белград само и само да најде начин да купи, да испроси, да се задоволи потребата во моментот без оглед на какво и да е идејно или друго лично или општествено соображение. Тој квалитет на Сарафов, упорноста со која се стремел кон исполнување на поставената цел во моментот, го прави за епохата забележителна, темелна, силна и творечка личност од прва величина!

Сарафов и Ѓорче Петров биле дијаметрално спротивни

Од смртта на Борис Сарафов н` делат околу 40 години. Низ тоа долго време и многу порано, изнесени се разни мислења лично за него и неговата општествена и револуционерна дејност. Создадени се и многу други услови од кои изникнува обичната вистина, особено сега, по така долг период на време за кое веќе исчезнале сите субјективни погледи, процени што можат да н` заблудат и можеме пообјективно да се произнесеме. Но, пред да навлеземе во таа област, не можеме да не потцртаме една од најкарактерните црти на неговиот карактер, која го издвојува и тоа значително од сите други македонски легални и нелегални револуционери. Тоа е да привлекува кон себе си, и да обединува лица и групи со најспротивставени идеи и карактери. Тој не се отсликуваше со некаков дар на јазикот, немаше како се вели ораторен талент, но прикажуваше една таква голема љубезност каква што обично се среќава само во вистинската руска душа. И таа љубезност му даваше можност да се опкружи со карактерни, силни луѓе, повеќето млади ентузијасти како Герџунков, Мерџанов, Манџуков, Чернопеев, Бабата, Нунков, Дечев и уште многу други борци и дејци, луѓе на делото. Нераскинливо поврзан со плејада македонски и бугарски дејци во револуционерните борби, тој не само внатре во Бугарија и Македонија имаше свои верни и искрени пријатели, туку создаде и надвор, во Австрија, Русија, Франција и Швајцарија и тоа видни претставници на општествениот и политичкиот живот - пишува Шатев, кој според „делото како вожд и војвода во Македонија и военото држење“, го поистоветува Сарафов со бугарскиот национален херој Г. Бенковски.

Во продолжение на биографијата, Шатев пишува за Сарафов како претседател на Врховниот македонски комитет, за договорот со Гоце Делчев за формирање четничка чета, за виничката афера, за собирањето парични средства, набавката на оружје, за преземањето на Мелник, за првите недоразбирања со Ѓорче Петров и Гоце Делчев...

- Воопшто, тоа се сфаќања по кои се разликувале тие две дијаметрално спротивно поставени личности - Ѓорче Петров и Борис Сарафов. Споровите, недоразбирањата, пак, дозволуваат дека уште тогаш имало различни мислења, чии објаснувања се одразувале на лично поле. Идејните, принципиелните разлики меѓу Сарафов од една и Петров од друга страна, во тој момент биле такви какви што биле разликите меѓу Каравелов и Васил Левски, кога се убедиле дека бугарскиот народ ќе треба да смета прво на себе си, а потоа на некои надворешни фактори. Каравелов бил човек на идејата, знаењето и високи сфаќања, а Левски човек на трудот и успехот. Каравелов верувал во бугарското побратимство, а Левски бил разочаран од вербата во успехот на „бугарската демократска република“.

Сите добро знаеле

Желбите на човека се разнообразни, но исто така и средствата преку кои тие желби можат да бидат реализирани. Ѓорче Петров, а со него и Гоце Делчев, се движат по една строго зацртана патека, а Сарафов, воден не толку од разумот, туку обземен од изградените национални чувства, се движи во малку друга насока - да се прикажат и прифатат конфликтите и да се приближат ставовите... Секој разбира, така и самиот Сарафов со својот човечки ум и лично запознат со многу официјални лица со кои бил, како што и самиот на многу места кажува и потцртува, можел да знае, да разбере или лесно да се почувствува дека официјалните сфери т.е. бугарското раководство не би допуштило да функционира еден комитет, кој си поставува подобни цели. Да собира пари, да прибира и купува оружје, да го складира во погранични пунктови и да го префрла од негова на територија во туѓа соседна држава. Да се префрлаат четници и да се враќаат и прибираат во државата и ред други работи што пречат и ја обременуваат официјалната државна политика. Во никој случај не би го допуштила тоа ако немаше намера с` да искористи, до крајот на возможното, не само против македонскиот комитет, туку и против самото македонско револуционерно движење. Тоа е јасно за секој човек. Тоа не можел да не го разбере и Борис Сарафов со неговите другари, членови на македонскиот врховен комитет. Тоа го знаеле и внатрешните дејци. Даме Груев, кој не еднаш се сретнал со бугарските официјални лица, министри и други. Тоа уште подобро го знаел и Ѓорче Петров, кој, како што се знае, непрекинато лично бил во контакт со министерството на војната, а истото го знаеле и разбирале и останатите внатрешни дејци (Делчев, Татарчев, Пере Тошев, Иван Хаџи-Николов и др.), воопшто сите основачи и главни раководители и работници во Внатрешната организација - раскажува Шатев.

Според гемиџијата, до тој момент, според целите и методите на борбата, меѓу Врховниот комитет и ВМРО с` уште постоеле суштествени разлики. Сарафов, во блиските средби со внатрешните дејци, јасно, искрено и отворено кажува: „Се стремевме кон целосна солидарност со Внатрешната организација!“. На заседанијата на Комитетот редовно присуствувале и Ѓорче Петров и Гоце Делчев, како и останатите другари-офицери Цончев, Николов, Јанков и други.

Според Шатев, првите недоразбирања меѓу Сарафов и неговите содругари од Комитетот се јавуваат пред неговото апсење, поврзано со аферата за убиството на романскиот новинар Стефан Михаилеану во Букурешт во 1900-та година. Откако тој заминал в затвор, тие недоразбирања преминуваат во разлики во целите и тактиката во борбата. Но, Шатев тврди дека уште пред времето, кога Сарафов бил претседател на Врховниот комитет, споровите и недоразбирањата биле почнати.

- Споровите и недоразбирањата, главно меѓу двајцата од највидните македонски дејци Ѓорче Петров, од една страна поддржан од Гоце Делчев и Борис Сарафов од друга. Духот и смислата на Македонија во три лица - македонските „Свети Тројца“ - пишува во биографијата Шатев.

Предраг Димитровски (Дневник)

Социјализмот во крвта на Сарафов

Во военото училиште во Софија, според Павел Шатев, Сарафов, како „јуноша“ бил подлегнат на сурова, железна дисциплина. Тој бегал од училиштето, за да се собира со лица, групи, со кои училишниот правилник забранувал да се другарува.

- Сарафов бега од училиштето не за да се шета слободно низ градот, туку да отиде во куќа во која се собрани негови блиски или само познати лица, со кои чита „матни руски писатели“ или беседи и слуша реферати по општествени прашања, по социјализам, кој, како што самиот вели, во тоа време бил во мода. Да, во мода, но за лица и индивидуи со подруг менталитет, со поразвиено патриотско чувство, а таков бил и Гоце Делчев, другар од училиште, од солунската гимназија - пишува во биографијата.

„Зошто им давате на Албанците, а не на нас?“

Во фуснота, Шатев бележи дијалог воден во Виена меѓу Сарафов и извесен Фон Милер, подоцна еден од двајцата австриски и руски цивилни агенти на Хусеин Хилми-паша и главен инспектор на трите вилаети: Солунски, Битолски и Косовски. Тој сакал да има врски со Сарафов, му предложил да му даде пари за негова лична издршка, но не сакал да даде повеќе пари за делото. На прашањето на Сарафов како праќа пари за Албанците, „а за нас Македонците не сакате?“, Фон Милер дипломатски му одговорил дека тоа го правел, не за друго, туку за капиталистичката пропаганда во Албанија.

- За Македонија и нејзината кауза, Австро-Унгарија можела да даде огромни суми пари при друга политичка и воена поставеност, но не на лица како Сарафов, кои чукаат по разни врати без каков и да е ангажман или ги даваат за атентати. Ќе ги дадат во определен момент и на определени лица (Т. Александров и Ал.Протуѓеров)!

No comments: