October 3, 2012

Носија - Полог

Македонска народна носија - Полог

Wikipedia
: Во пределот Полог се среќаваат три различни носии - носија од Долни Полог и носија од Горни Полог, кои се издвојуваат една од друга како по композицијата и кројките, така и по техниката и материјалот на нивното украсување. Во рамките на пределот Полог, регионирана само во пет села под планината Сува Гора, се среќава уште една носија која се разликува од споменатите две, како по општиот изглед и композиција, така и по начинот, техниката и колоритот на украсувањето. Женската Долнополошка носија во некои украсни елементи и везбени декорации има сличности со таа во Скопска Црна Гора. Впечатлива е белата долга и тешка кошула, богато извезена со црн релјефен вез и окца од срмен тел по целиот долен дел, повеќе од задната а помалку од предната страна, која е покриена со две скутини - голема завјачка и мало скутинче опашани една врз друга. Горните облеки од бела клашна или платно, диференцирани по возраст - саја голема, салтафере, клашеник салтафере, горник, шубаре - имаат одредена функционална намена во одредени возрасти на жената, а секоја од нив има свои естетски одлики. Невестинската носија е дополнета со бројни декоративни елементи - срамуалка, појас со с'скавци, додатни ракавчиња завраќалке, украсни вотузи и разновиден накит, кои на носијата и придаваат специфична одлика и посебен естетски ефект.

На главата се носи фес со подгушник, сокајче, а се покрива со бела крпа, по која соседите на жените од Долни Полог им го дале етнонимот белокрпки. Невестинството се одбележува со бела покривка за глава - крпка чкораа, извезена со геометриски мотиви од свилени конци, и наплитци-низа од плетенки од црна волна. Женската носија во Горни Полог се издвојува како посебна со појавата на облеки со карактеристичен крој (многу клинеста широка кошула) и поинаков начин на украсување (везови и украси од срма), како и застапеноста на две скутини од кои предната опрегач преен е подолга, украсена со вез во разни бои и рески, а задната опрегач заѓен, е покуса, црна и многу набрана.

За големото руо - невестинско, е наменета најубавата и најшироката кошула, онаа со 30 клинови, киндои, потоа р'каи - кусо кошулче со ракави, сето извезено со бела срма и разнобојна каделка (индустриски предени волнени конци), потоа клашеник - горна облека од бела клашна, богато и раскошно украсена со разновидни мотиви од бела срма. Се опашувале со појас - колун со китки, со долги разнобојни рески и срмени тркалца, кои при опашувањето паѓаат на колковите, и ì придаваат на оваа носија посебен декоративен и впечатлив изглед. Покрај срмениот сокај - врски, и богато извезената со срма покривка за глава - преврзок, со венец, невестите во своето големо гувеалско руо носеле и многу накит гердани, наметушки, тепелаци, ушници.

Оваа богата носија, изобилно украсена со вез од срма, срмени ширити, гајтани и многу накит е една од најскапите носии во Македонија, а има и податоци дека некои нејзини делови се набавувале, непосредно или посредно, дури од Левант.

Женската носија, ограничена само во петте села под планината Сува Гора, е сосема поинаква од горнополошката и долнополошката носија. Долгата бела платнена туниковидна кошула е украсена со богат и декоративен вез во густа гобленска и ажурна техника. Облеките што се облекуваат врз кошулата - елек од пругасто шарен материјал, саја од бело домашно платно со поткити од свилени конци и срма салтафере од бела клашна со везени украси, потоа ткаениот појас и плетените волнени чораби по начинот на украсување се складни со стилското единство, со карактеристични темни бои и акценти од бели ситни декоративни елементи - извезени, вткаени или вплетени, што на деловите од оваа носија им придава украсен мозаичен ефект.

Најмногу украсена и најдекоративна е носијата за невести со која, покриј богатството на извезените и вткаените мотиви и другите украсни додатоци се носи и многу монистрен и метален накит - кустек, узобразнице, подбрадник, ушници, пиришани, венец, китка.

Машката носија, во споредба со оваа разновидност на женската, е поизедначена. Низ целата област на пределот Полог мажите носат бели клашнени облеки украсени со црни гајтани, со слични кројни елементи, но со различни народни називи - чакширите во Горни Полог се означени како беневреци во Долни Полог и селата под Сува Гора чашире. На горниот дел од телото се носи минтан и антерија од шарен индустриски материјали алаџа во Горни Полог и јелек од кадифе, богато украсен со срмени везени мотиви од Долни Полог. Низ целиот предел горната облека е џулија од темно кафена клашна куса до појас, со куси ракави и голема јака и ткаен појас. Целокупниот состав на машката носија е оформен со капа од овча кожа качула, а на нозете плетени волнени чорапи - калчини и опинци со бели волнени врвци опчаници.

No comments: