September 2, 2012

ШТИПСКИТЕ ПРЕМИЕРИ НА МАКЕДОНИЈА

Штип отсекогаш бил расадник на познати македонски револуционери, државници и политичари. Не само што биле активни на македонската политичка сцена, туку учествувале во значајни настани и на југословенската и балканската политичка сцена.

Во текстот ќе се задржиме на премиерите од Штип во периодот од 1945 до 1991 година.

Прв во редот од штипските премиери е Љупчо Арсов (Штип, 19. мај 1910 – Скопје, 1986 година). Комерцијално и економско училиште завршил во Загреб. Уште како студент се вклучил во напредното младинско движење. Станал член на Комунистичката партија во 1940. година. Извесно време бил секретар на реонски комитет во Белград и инструктор на Месен
комитет во Ваљево.


Пред почетокот на Втората светска војна бил банкарски службеник. По окупацијата во 1941 година се вратил во Македонија, каде веднаш, прво во Штип, а потоа во Битола се вклучил во подготовките за вооружено востание.

Во 1942 година бил уапсен од бугарските власти и интерниран во Бугарија. По излегувањето од затвор во 1943 година, станал секретар на Окружниот комитет на Комунистичката партија на Југославија за Македонија во Штип.

По формирањето на КПМ бил избран за политички комесар на „Првата“ и „Петтата“ опреативна зона и член на Обласниот комитет на КПМ во Скопје.

Од август 1944. година е член на Главниот Штаб на НОВ и ПОМ и член на Бирото на ЦК на КПМ.

Бил избран за народен пратеник на Првото
заседание на АСНОМ, а потоа, заедно со д-р Владимир Полежиноски, бил избран за секретар на Президиумот на АСНОМ. По ослободувањето бил на одговорни партиски и државни функции.

По формирањето на првата народна влада на Лазар Колишевски, Владимир Полежиноски бил потпретседател и министер за финансии. За премиер, односно, претседател на извршниот совет на Собранието на СР Македонија, бил избран на 19. декември 1953 година и оваа функција ја извршувал во неколку мандати, односно до 26. јуни 1963 година. Оваа година бил избран за претседател на Собранието на С. Р. Македонија со едногодишен мандат.

Бил прогласен за Народен херој на Југославија и Јунак на социјалистичкиот труд. Носител на партизанска споменица од 1941 година. Трагично го загубил животот во Скопје 1986 година.

19. декември 1953 година, состав на Владата на Македонија:

• Љупчо Арсов, претседател
• Крсте Црвенковски, потпретседател
• Вера Ацева, член
• Наум Наумовски, член
• Филип Брајковски, член
• Киро Георгиевски, член
• Ристо Џунов, член
• Злате Билјановски, член
• Даре Џамбаз, член
• Аспарух Каневче, член

15. април 1958 година, состав на Владата на Македонија:

• Љупчо Арсов, претседател
• Страхил Гигов, потпретседател
• Методи Митевски, член
• Александар Грличков, член
• Вера Ацева, член
• Ристо Џунов, член
• Мито Хаџивасилев, член
• Благој Попов, член
• Васил Ѓоргов, член
• Трајче Грујоски, член
• Реис Шакири, член
• Мориц Романо, член
• Петар Здравковски, член
• Мито Мицајков, член
• Асен Симитчиев, член
• Филип Брајковски, секретар

По завршувањето на мандатот на Љупчо Арсов, на 25. јуни 1963 година била избрана нова влада. За нејзин претседател бил избран проф. д-р Александар Грличков (1923, Штип - 1989, Струга).

Александар Грличков е роден во 1923 година, во Штип. Бил учесник во НОБ на Македонија од 1941 година. Член на КПЈ станал во 1943 година. Бил професор на Економскиот факултет во Скопје и на факултетот за политички науки во Белград. Бил член на Собранието на С. Р. Македонија во 1958 година. Претседател на Извршниот совет на С. Р. Македонија (премиер) бил во периодот од 25. јуни 1963 до 11. мај 1965 година. Во времето кога Грличков бил премиер, на 26. јули 1963 година, се случил катастрофалниот земјотрес во Скопје. Грличков пројавил видна општествена активност на полето на санација на штетите преку прибирањето помош за настраданото население.

Бил член на Извршниот комитет на ЦК на КПМ, сојузен пратеник, потпретседател на Сојузниот извршен совет и член на Претседателството на ЦК на СКЈ.

Како научен работник бил насочен кон анализа и синтеза на меѓународните економско-политички односи и на развојот на еврокомунизмот и третиот свет, односно светот на неврзаните.

Автор е на повеќе научни трудови од областа на генезата и анализата на евро-комунизмот, движењето на неврзаните, меѓународното работничко движење и актуелните прашања од развојот на современиот свет.

Починал во Струга во 1989 година.

Составот на владата од 25 јуни 1963 година:

• д-р Александар Грличков, претседател
• д-р Асен Симитчиев, потпретседател
• Кемал Сејфула, потпретседател
• Живко Брајковски, член
• Васил Гривчев, член
• Трпе Јаковлевски, член
• Веселинка Малинска, член
• Осман Мифтари, член
• Гога Николовски, член
• Мориц Романо, член
• Ангел Чемерски, член
• Мире Доневски, секретар

Македонската политичка сцена сѐ до 1991 година немала премиер штипјанец. Штипјани ја имале таа чест да го имаат првиот премиер на независна и самостојна Македонија во 1991 година. Тоа е Академик Никола Кљусев (Штип, 2. октомври 1927 – Скопје, 16. јануари 2008 година).

Бил прв претседател на Влада на Република Македонија по распаѓањето на СФР Југославија и осамостојувањето на Македонија и воведувањето на повеќепартискиот парламентарен систем.

Дипломирал на Економскиот факултет, на Универзитетот во Белград во 1953 година. На истиот факултет, во 1964 година одбранил докторска дисертација и се стекнал со титулата доктор на економски науки.

Во периодот од 1953 – 1960 година работел во Институтот за научни истражувања на индустријата на СР Македонија во Скопје, а потоа од 1960 до 1968 година, работел на Економскиот факултет во Скопје.

Од 1972 година е редовен професор на Економскиот факултет. За дописен член на МАНУ е избран во 1988 година, а во 1996 година и за редовен член. На 20. март 1991 година, од страна на повеќепартиското собрание на Република Македонија бил избран за претседател на првата (експертска) влада на Македонија.

Во неговиот кабинет имаше тројца потпретседатели и 19 министри. Како премиер во овие бурни времиња за Македонија, Кљусев успеа монетарно да ја осамостои Македонија, со тоа што ја воведе паричната единица денар, со која беше заменет дотогашниот југословенски динар.

На 4. септември 1992 година, Собранието изгласа недоверба на владата на Никола Кљусев. Како член на партијата ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 28 декември 1999 до 14 мај 2001 година е избран за министер за одбрана во владата на Љубчо Георгиевски.

Почина во Скопје на 16. јануари 2008 година.

Состав на Владата од 20. март 1991 година:

• Акад. Никола Кљусев, претседател
• Јован Андонов, потпретседател
• Акад. Блаже Ристовски, потпретседател
• д – р Ристо Дамјановски, член
• д – р Иван Ангелов, член
• д – р Димитар Димитров, член
• д – р Јане Миљовски, член
• д – р Љубомир Фрчковски, член
• Мартин Тренески, член
• м – р Методија Тошевски, член
• Јордан Мијалков, член
• д – р Перко Колески, член
• Илјаз Сабриу, член
• д – р Денко Малески, член
• м – р Ѓорѓи Наумов, член
• Илија Андонов – Ченто, член
• м – р Алаудин Тоска, член
• акад. Цветан Грозданов, член
• д – р Александар Лепавцов, член
• Стојан Трајановски, член
• д – р Ѓорѓи Ефремов, член
• д – р Гоце Петрески, член
• д – р Никола Крлески, секретар

Освен овие личности, секако не треба да се заборават и другите личности кои земале активно учество во креирањето на македонскта политика.

Така, првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров (учесник во НОБ, секретар на АСНОМ), Емануел Чучков (учесник во НОБ, министер во Сојузната влада на Југославија), Јордан Мијалков (член на првата влада на независна Македонија) и други, се македонски политичари кои се родени во Штип.

Како во минатото, така и во најновата политичка историја на Македонија, Штип продолжува да дава квалитетни политички лидери, кои се спремни да се носат со предизвиците на модерните политички текови.

М-р Кире Филов

Извор: Македонска ризница, број 1, 4 август, 2012 година.

3 comments:

Anonymous said...

Аспарух Каневче,Асен Симитчиев.Abe kakvi sa tie makedonci so tatarski iminja bre? Kako e mozno toa?hahhahahahh

Anonymous said...

Мило ми е што и вие од истокот читате и се едуцирате :)

Anonymous said...

Mene mi se dopagja koga ke se seti nekoj da napravi izvadok,kako ova shto e.Koj ke go sita celo spisanie.