September 1, 2012

Хероизмот на Македонците

Тоа дека во ниту еден историски период не можел да се пофали со некоја голема бројност, на македонскиот народ никогаш не му претставувал ментален хендикеп и несовладлива препрека.

Уште пред новата ера, Македонците успеале на колена да го клекнат целиот Балкански полуостров, а потоа, предводени од македонскиот крал и војсководач Александар III Македонски со далеку помалубројна војска одошто онаа на непријателот, добивајќи ја секоја битка, успеале да ја покорат и моќната Персиска империја.

Според античкиот историчар Плутарх, армијата на Александар, во походот кон Азија, броела 30 000 (43 000) пешадија и 4 000 (3 000) коњаница. Во битката кај Граник која што се одиграла во 334 година пред новата ера, Македонците на чело со Александар успеале без речиси никакви човечки жртви да ја победат персиската војска. Во оваа битка Персијците загубиле 20 000 војници пешадија и 2 000 коњаника, а додека од страната на Македонците, според Аристобул, а пренесено од Плутарх, загубите биле помеѓу 4 и 30 војници.

Во битката кај Гавгамела од 331 година пред новата ера, македонските војници на Александар се соочиле со, според Плутарх, милионската персиска армија, но и во оваа битка, и покрај надбројноста на Персијците, на крајот тие излегле како победници.

И за време на периодот на петвековното османлиско ропство, Македонецот воден од бескомпромисната девиза на македонските револуционери „Слобода или смрт“, ставајќи глава в торба, за посветла иднина, во повеќе наврати ќе се крене на оружје.

Даме Груев рекол „Подобро ужасен крај отколку ужас без крај“, а македонскиот народ неприфаќајки ја ропската судбина истото го спровел на дело. Со пушка в рака против многубројниот освојувач, Македонците не еднаш се обиделе да се изборат за својата слобода и независност.

Во весникот Bay Of Plenty Times, во одделот посветен на немирите на Балканот во кој што, меѓу другото, е соопштена и трагичната вест за смртта на Гоце Делчев, е прикажан еден случај на македонскиот хероизам од тоа време. Во статијата „дваесетипет спрема еден“ од 27. мај 1903 година (стр. 3), е раскажана херојската борба на една малубројна македонска чета против, како што кажува и самиот наслов на статијата, дваесетипет пати побројниот османлиски аскер:

„Константинопол, 25. мај - Петстотини турски војници во близина на градот Монастир (Битола) опколија банда од 20 бунтовници, водени од Соетков (Soetkoff).“

Дваесетте македонски револуционери, иако соочени со далеку поброен непријател, според истата оваа статија, цели два дена херојски се спротивставувале на османлиските трупи.

Во една друга статија насловена како „Македонските Јованки Орлеанки“, објавена во весникот The Saint Paul Globe (стр. 5) од 8. мај 1904 година е прикажана битката на храбрата учителка Симитчиева и нејзините ученици против подобро опремените и десет пати побројни османлиски трупи:

„Турците биле побројни од нив - десет спрема еден, но султановите трупи толку многу се изненадиле од храброста на нападот при кој што првично биле одбиени, оставајќи куп од дваесет мртви пред црковните порти.“

Овде секако треба да се спомене и хероизмот на Дине Абдурахман, од село Пателе, комита во четата на војводата Марко Лерински. Тој, иако опколен од многубројниот непријател, цели три дена, сам, херојски му се спротивставувал на турскиот аскер. При ваквиот развој на настаните османлиските трупи кои при навлегувањето во селото Пателе, леринско, броеле 800 војници биле приморани да побараат засилување од дополнителни 50 луѓе.

По три дена и три ноќи, дури и откако ја потрошил муницијата, Дине Абдурахман не паднал во очај. На 1. јули 1902 година, земајќи го својот јатаган в рака, тој смело, во сигурна смрт, јуришал кон аскерот.

При глетката на ваквиот изблик на непоколеблива човекова храброст, еден од турските војници кои што пукале во Дине со право рекол:

„Аферим бре, Абдурахмане, ако бевте 100 души, Битолскиот аскер малку ќе ви беше.“ (Александар Литовски „Панегерик за Дине Абдурахман“, Незаборав, јули 2002 година)

И за време на Илинденското востание, македонските востаници се соочиле со помногуброен противник, но тоа не ги уплашило и одвратило од намерата - слободна Македонија.

На стратешкиот премин Слива, кој што се наоѓа северно од градот Крушево, не повеќе од 40 македонски востаници предводени од војводата Ѓорги Стојанов, храбро се спротивставиле на 2000 османлиски војници. За битката кај Слива македонскиот воен историчар Ване Стојчев ќе каже дека е величествена исто колку и онаа кај месноста Мечкин Камен. Авторот на Крушевскиот манифест, Никола Киров Мајски, во своето дело „Крушево и неговите борби за слобода“ за оваа битка запишал:

„На број не повеќе од 40 души, цел час се држеле рамноправно со војската и не дозволувале таа да напредне. Залегнати во своите окопи, тие прецизно ги исполнувале наредбите на Стојанов и гледале да си го зачуваат високиот дух. За целта се служеле со закачки и песни. Последното многу ја нервирало војската, која што давала жртви ту во луѓе, ту во коњи.“

На повиците од Турците да се предадат, македонските востаници одговарале со истрели. Откако во нерамната битка, македонските востаници еден по еден храбро паднале, на нивната пожртвуваност и херојство, османлиската војска оддала почит со стрелање во воздух, а озогласениот Бахтијар Паша дозволил тие да бидат погребани. За жал овој случај на безусловна пожртвуваност и бескомпромисен хероизам и понатаму останува недоволно познат на македонската јавност.

Можеби најсветол и секако најпознат пример на македонскиот хероизам од илинденскиот период е саможртвата на војводата Питу Гули кој што со 370 македонски востаници цели десет часа херојски се бореле против речиси десет пати побројната османлиска војска и башибозук. Никола Киров Мајски за некомпромисниот хероизмот на овој легендарен македонски револуционер запишал:

„На решението за повлекување Питу не се подчини и отиде кај својот одред да загине, и загина за да остане жив во споменот на поколенијата.“

Иако на Мечкин камен се соочиле со надмоќна воена сила, сепак востаниците не се предале на очајот и тагата, туку како што Мајски запишал „со песна ја продолжиле борбата против многубројната војска.“ При ваквата слика првите редови на османлиската војска на почетокот дури и почнале да се повлекуваат, додека војводата Гули гордо исправен срелал кон нив.

Сепак османлиската војска која што се придвижувала од три страни, во еден миг, ги обградила македонските востаници. Кога се приближиле на 2-3 метри растојание од нив, востаниците не останале во своите ровови уплашени да го чекаат судниот миг, туку инстинктивно скокнале и со еден нечовечки рев се втурнале кон непријателот.

За бројноста на османлиската војска и на македонските востаници во крушевската околија, како и за времетраењето на битките, Никола Киров Мајски ги дава следните податоци:

„За време на востанието, во крушевската околија имало 23 битки со учество на вкупно 1898 востаника, против вкупно 32 608 Турци. Битките траеле вкупно 46 1/2 часа.“

Па дури и при еден ваков несразмерен распоред на силите, според Мајски, од македонска страна човечките загубите во битките се состоеле од 128 востаника, а од турска страна забележани биле 129 жртви.

Не можејќи војнички да се пресмета со востаниците, османлиската војска превзела очајни мерки насочувајќи го гневот кон недолжното цивилно македонско население. На кукавички начин дури и за време на битките било стрелано кон мирното невооружено население, а по задушувањето на востанието уништени биле повеќе села, при што над цивилното население се извршиле најсурови злодела: тормоз, ограбувања, силувања и убиства.

Но и покрај сиве овие зулуми духот на македонскиот народ не бил скршен. И покрај несреќата, како што запишал Никола Киров Мајски, духот останал бодар затоа што додека Крушево било во рацете на востаниците, за народот тоа било олицетворение на моќта на Македонија и непоколебливата верба во победата на правдата и слободата.

Во статијата „Двајцата“ (А.Д.) објавена во весникот на македонската емиграција во Бугарија „Илустрација Илинден“ од јануари 1929 година, е опишано херојското дело на двајца Македонци Илинденци кои наспроти, како што се вели во статијата, многубројниот аскер, со својата пожртвуваност успеале од сигурна смрт да го спасат невиното македонско неселение на едно село:

„Така, по чудо, благодарение на херојството на двајцата, од срам и погубување беше избавено населението на селото Черешница“

Иако ние, Македонците, и денес сме малку на број сепак историјата покажала дека сме големи по дух и храброст. Како што во својата песна „Нашинска“ вели великиот македонски поет Гане Тодоровски „Малцичка сме ли ете па што... колку сме толку сме токму сме!“ Да не ги заборавиме овие негови мудри зборови и постојано да се присетуваме на бестрашните македонски борци и нашето славно минато, за да можеме полесно да се соочиме со предизвиците кои неминовно ќе ни ги донесе иднината.

Александар Стеванов, објавено и во Македонска Нација

No comments: