Славата, митот и крвта на ВМРО 7

Славата, митот и крвта на ВМРО (7)

[Питу Гули и неговите соборци се најславниот дел од илинденската епопеја]

Британски новинар за Крушевската Република

Фредерик Мур го посетил Крушево и оттаму напишал репортажа за пљачкањето и за уништувањето на градот

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Илинденското востание имало голем одглас во светот. Многумина дипломати и странски новинари се обидувале да дознаат повеќе детали за него и за драмата на македонскиот народот. Некои го посетиле и Крушево. Најисцрпен извештај за тоа што се случувало за време на десетдневната Крушевска Република испратил Британецот Фредерик Мур.

„Некаде веднаш по полноќ, утрото на 2 август 1903 година, пукотници од пушки и непрекинато ’ура‘ ја нарушија тишината на мирниот планински град. Околу триста востаници под водство на Питу Гули и четворица други водачи го зазедоа градот на препад. Во малата камена касарна имаше петнаесет турски војници, а во Конакот (службената зграда) и во приватните куќи имаше десетмина или дванаесетмина турски чиновници со своите семејства и неколкумина војници. Мнозинството жители во градот беа христијани, Власи и една колонија Бугари. Војниците успеаја да ги грабнат пушките и да избегаат од касарната, а на бегање убија осуммина или повеќе востаници. И турскиот телеграфист избега, но чиновниците што беа во градот загинаа до последниот“, пишува тој во репортажата „По патот на Турчинот“, напишана во 1906 година.

Според него, откако ги опколиле државните згради за да го спречат бегството на Турците, востаниците ги запалиле Конакот, касарната и телеграфската канцеларија. Околу петнаесетмина-дваесетмина турски војници и чиновници биле застрелани додека излегувале од пламенот, но жените и децата биле безбедно одведени во една влашка куќа, освен една жена и една девојка што загинале при излегувањето.

„Утрото, востаниците поставија црвени знамиња низ градот и формираа привремена власт, именувајќи комисија составена од жителите, во која имаше двајца Бугари и тројца Власи, ’задолжени да ги задоволат секојдневните потреби и тековните работи‘. Без наредба, сите жители ги фрлија фесовите. Беа именувани тројца водачи на чети и една воена комисија, чии должности беа драстични. Првата одлука беше да се осудат на смрт двајцата ревносни патријаршисти, кои кај Турците ја кодошеле организацијата и подготовките на месниот комитет за востание во областа. Мажите беа заробени, одведени во шумата и погубени“, соопштува Мур.

Првиот ден востаниците оделе од куќа до куќа и барале храна и олово за куршуми. Во Крушево пристигнле и други чети, а еден број жители на градот им се придружиле на востаниците, така што нивната бројка достигнала над шестотини. Веднаш почнале да градат утврдувања и направиле две дрвени топчиња што биле бескорисни. Едното од нив Турците го однеле во Битола. На вториот ден богатите мажи од градот биле викнати пред воената комисија, која направила листа за богатството на сите „угледници“. Од сите била побарана сума пари соодветно на нивните можности. Никакви протести ни молби не ја смекнале комисијата и во сите случаи парите биле предадени во определено време. Биле собрани повеќе од 1.000 турски лири, а за возврат биле издадени пари печатени на хартија што можеле да се наплатат по ослободување на Македонија. Во неделата свештениците добиле наредба да одржат опело за покој на душите на загинатите комити. За редот и мирот во градот се грижеле стражи и патроли и не биле извршени никакви злосторства.

[Крушево бил поделен на Долно Маало и на Горно Маало, настрадал долниот, богатиот дел, чие население не учествувало во востанието]

„Кога топовите беа распоредени на соодветна височина над градот, Бахтијар-паша, командант на воените единици, испрати писмена порака во која бараше од востаниците да се предадат. Востаниците одбија и се отвори артилериски оган. Повеќето од востаниците тогаш избегаа низ густата шума, која се чини беше оставена отворена за нив, но некои зазедоа поволни позиции на планинските патишта што водеа во градот, други зазедоа забарикадирани згради во предградието и некое време им даваа отпор на Турците. Двајца од водачите, Питу и Иванов, загинаа во борбите... На една конференција на водачите непосредно пред турскиот напад, Питу изјави дека никогаш нема да го предаде својот град на угнетувачот; другите можат да побегнат ако сакаат, но Турците ќе влезат повторно во Крушево само преку неговото мртво тело. Со осумнаесет мажи, кои избраа да умрат заедно со него, тој фати позиција до главниот пат, која ја држеше пет часа. Се зборува дека сам си го одзел животот со последниот куршум наместо да падне во рацете на Турците“, раскажува британскиот новинар Фредерик Мур.

По заземањето на градот од Турците, крушевчаните-гркомани, кои не учествувале во востанието, повторно си ги ставиле фесовите, а една делегација отишла со бело знаме до логорот на Бахтијар-паша за да го предаде градот. По пат биле запрени од војниците и башибозуците што ги натерале да ги испразнат џебовите и ги соблекле. Бахтијар-паша наредил да им се врати облеката и им рекол дека не може да направи ништо против „тие башибозуци“ – иако покрај него седел Адем-ага од Прилеп, кој ја донел со себе најголемата група башибозук и со кои Бахтијар го поделил пленот.

„Турците влегоа во градот во сурија, јуреа, викаа и пукаа. Башибозуците го познаваа градот, неговите богати дуќани и најбогатите куќи, тие со години тргуваа со Власите на пазарните денови. Знаеја дека патријаршиската црква е најбогата во Македонија. Дрвениот иконостас особено беше скап. Тие најпрвин отидоа во таа црква. Портите и' ги искршија во лута бркотница и по неколку минути црквата беше оголена од разулавените креатури сосе самите распетија. Потоа истурија цело буре масло во неа и по нејзини ѕидови; го запалија факелот и се распламтеа првите огнови при пљачкосувањето на Крушево“, ја пренесува Мур застрашувачката слика по заземањето на Крушево.

Потоа започнале да ги пљачкаат дуќаните. Врата по врата била кршена со секири, а откако стоката била опљачкана, дуќаните ги запалиле исто како и црквата. „Се вели дека неколку убави девојки им биле предадени на војниците во нивните логори. Но, Турците беа најмногу заинтересирани за грабежи. На луѓето што останаа во своите домови им се закануваа со смрт ако не откријат каде го скриле богатството. Бебињата им беа истргнувани на мајките од дојките и им се закануваа со смрт со сабјите“, ја завршува потресната репортажа британскиот новинар Фредерик Мур.

За драмата во Крушево пишува и лондонски „Тајмс“. Во првиот извештај тој соопштил дека на 12 и 13 август турските сили разурнале 360 куќи, сите грчки и влашки, 215 дуќани, грчката црква и училиштето, додека бугарската, како што го нарекува македонскиот кварт, била недопрена. На 14 август аскерот и башибозуците влегле во градот, каде што силувале жени, ограбиле куќи и заклале „околу 200 локални Бугари и уште 60 невини Грци и Власи“. Материјалната штета била голема, проценета на неколку милиони франци, а околу 8.000 луѓе останале без дом.

Слични бројки за настраданиот град соопштил и британскиот конзул во Битола. Сите очевидци едногласно посведочиле дека биле извршени масовни грабежите и нив ги вршеле башибозуци од околните албански села. Покрај парите, накитот, тешкиот плен, како што е мебелот, наполнил 2.000 запрежни коли. Насилството врз жените, главно, било дело на регрутите од Прешево или Гнилане од Косово. Бројот на силуваните жени бил многу поголем од тоа што им се кажувало на новинарите затоа што семејствата не сакале да ги кажат имињата на своите женски членови за да не ги изложат на срам.

Сите опожарени куќи и дуќани се наоѓале во долниот, богатиот дел на градот, во кој живееле грковласите, како што тогаш ги нарекувале неговите жители. Крушево тогаш бил поделен на Долно и на Горно Маало. Во Долно Маало живееле богатите влашки семејства што се декларирале како Грци, а во Горно македонското население. Имало и крушевчани што се определувале како Власи. Луѓето на Долно и на Горно Маало не се мешале. Долномалци посетувале една, а горномаалци друга црква. И гробиштата биле поделени.

За време на востанието настрадало само Долно Маало, иако неговите жители не учествувале во востанието. Горно Маало, кое масовно зело оружје, останало негибнато. За време на востанието бил уништен и симболот на големиот просперитет на Крушево, куќата на Ничота, дизајнирана според проекти направени во Виена, со четириесет или педесет соби, убави дрвени балкони, мермерни ентериери и свое сопствено водоснабдување.

(Продолжува)

No comments: