Александар Велики - Египет

Освојувањето на Египет

Во ноември 332 година пне, Александар пристигнал во Египет. Наместо со борба жителите го пречекале со поздрави и со веселба. Откако персискиот сатрап се предал, Александар веднаш бил прифатен како нов владетел. По ова тој отишол во Мемфис каде што принел жртва на светиот бик Апис, а веднаш потоа бил крунисан со двојната фараонска круна.

Целата зима, Александар ја поминал во Египет. За одржување на редот, тој вработил египетски гувернери, со посебна војска независна од македонската. Уште на почетокот Александар имал намера таму да изгради густо населен град. За таа цел го вработил Дејнократ, архитект од Родос. Овој град, како и седумдесетина други, кралот го нарекол според неговото име, Александрија. Освен Александрија бил направен нацрт и за изградба на островскиот град Фарос.

Веднаш по ова Александар тргнал кон храмот на богот Амон Ра. Патот бил многу тешко прооден поради тоа што минувал низ пустината, но со многу среќа и напори тој сепак успешно пристигнал. Таму го пречекал главниот свештеник при што му рекол дека е тој син божји и дека смртта на Филип е целосно одмаздена. Кога Александар го чул ова му принел жртва на Амон и тргнал кон Тир. Иако Александар го прашал свештеникот и за тоа каков ќе биде успехот од воениот поход, сепак никому не му го кажал одговорот на ова прашање.

Александар III Македонски и Амон Ра, свет храм на Амон Мут и Конс, Луксор, Египет (период на Птолемаидите)

Во пролетта 331 година пне, Александар се вратил во Тир каде што поставил македонски сатрап на Сирија, а исто така и се подготвил за напредување во Месопотамија. Со походот во Египет тој го освоил целиот источен медитерански брег.

No comments: