Славата, митот и крвта на ВМРО 6

Славата, митот и крвта на ВМРО (6)

[Монографии на крушевчани, кои се сметале за Грци и биле сведоци, фрлаат поинаква светлина на настаните од 1903 година]

Не биле сите за востание во Крушево

Републиката не ја прифатиле сите, побогатото Долно Маало било во ужас од она што се случувало

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Сознанијата на американскиот професор од институтот „Вотсон“ во Провиденс, Кит Браун, за Илинденското востание и Крушевската република не се поклопуваат целосно со ставовите на македонските историчари. Во предговорот на книгата „Минатото под прашање, модерна Македонија и неизвесностите на нацијата“ што неодамна беше преведена на македонски тој подвлекува:

„Им се спротивставував на докажани историчари и ги прашував луѓето од сите возрасти да ми ги објаснат недоследностите во верзиите на историјата за која што ми расправаа. Огромен број од нив одговараа на овој провокативен став без лутење, некои вешто ги избегнуваа моите прашања. Наеднаш се најдов како се обидувам да се справам со историјата на Северна Ирска, моето родно место, како и со актуелниот статус на таа провинција како историски неизвесен и ’вештачки‘ ентитет, место на долготрајна ’етничка‘ борба“.

За време на истражувањето на Крушево и Крушевската република Кит Браун користи и три монографии напишани од крушевчани кои биле сведоци на настаните. Според него, во две од сведоштвата, едното на бугарски и другото на грчки, е употребена националистичка аргументација за определена политичка агенда. И двете биле ставени во служба на нации држави, едната на грчката, а другата на бугарската држава, во подоцнежните дебати за Илинден. Третото сведоштво, оценува тој, било живописен приказ на еден човек затекнат од настаните во 1903 година во Крушево, кога настрадал долниот, богатиот дел на градот, чии жители речиси и не учествувале во востанието. Наспроти тоа, горниот дел на Крушево, кој целосно учествувал во борбите, останал негибнат од грабежите и палежите на аскерот и башибозуците.

„За оние што учествувале во планирањето на нападот против османскиот гарнизон и формирањето на привремената власт, 1903 била неуспех, но тие и натаму ги почитувале програмата и чувствата што ги поврзувале со неа. Некои ја продолжиле каузата така што зеле оружје за да ги елиминираат новите непријатели, особено оние за кои постоело сомневање дека предале или убиле друг член на организацијата. Други приврзеници на македонската кауза ги впрегнале своите способности за да ја продолжат борбата со хронолошко запишување на минатото и со обучување нови генерации потенцијални регрути. Еден од нив кои го одбрале тој пат е Никола Киров-Мајски, учител и активист, братучед на локалниот водач Никола Карев“, пишува Браун, подвлекувајќи притоа дека видувањата и ставовите на Мајски за востанието во Крушево македонските историчари целосно ги прифатиле, освен квалификацијата дека словенското население во Македонија е бугарско.

[Книгата на американскиот професор Кит Браун „Минатото под прашање“ е голем придонес за историјата на Македонија од почетокот на 20 век] Мајски во своите сведоштва истакнува дека Крушево во тоа време имало 12.500 жители - „Бугари (Брсјаци и Мијаци), Власи и Албанци“ и две семејства што биле чисти или вистински Грци, а поголемиот број „Грци“ во градот биле всушност „Власи, Албанци и Бугари“ под големо влијание на грчката пропаганда. За самото востание и за Крушевската Република тој пишува: „Може да се каже дека привремената власт беше блиску до еден идеален режим; никој немаше зошто да се плаши од неа, ниту пак негативно да ја споредува со турските власти, особено не оние петстотини граѓани главно гркомани и Власи, кои што беа повикани во Битола на испрашување. Напротив, дури и денес, различните националности се сеќаваат на режимот на привремената власт како на идеален. Крушевското население тогаш уживаше во период на среќа и прослави – немаше кавги, немири, ниту една кражба, пијанство или убиство – сиот национален антагонизам беше избришан, сите, накратко, се чувствуваа како браќа и сестри од исти родители“.

Меѓутоа, ставот на Мајски не го делеле жителите на Долно Маало, кои не учествувале во востанието. „Другите, особено оние што настрадале од ударот на ВМРО и турските одмазди, во Востанието виделе удар врз градската заедница и чудовишна навреда за разумот и редот. За многумина од нив тоа го означило крајот на златното време на влијателната грчка цивилизација, кога градот растел и просперирал без притоа османската власт да врши голем притисок врз неговото богато население“, пишува Браун.

Американскиот професор ги заснова ваквите констатации врз пишувањата во книгата на Николас Балас, „Историјата на Крушево“, издадена во 1905 година на грчки, а преобјавена во 1963 година во Солун. Во предговорот што го напишал потомок на крушевско семејство, градот Крушево бил наречен „Акропол на елинизмот“ и „херојски град маченик“ за грчката кауза пред да го прегази словенската наезда. Балас за време на востанието имал 32 години. Како и Киров-Мајски и тој бил учител, но предавал и пишувал на грчки јазик. Според него, градот бил заедница на Елини – Грци од времето на неговото прво населување при крајот на осумнаесеттиот век, па се' до 1903 година и дека „славофоните“ биле дојдени подоцна како заслуга на бугарската пропаганда.

Востаничките деновите во Крушево Балас ги опишува со следниве зборови: „Условите во Крушево за време на десетдневното владеење на Организацијата беа жалосни. Уште од првиот ден буквално сите чекаа да се појави царската армија и сите жалевме и очајувавме бидејќи на армијата и' требаше толку долго за да пристигне. Изолираноста од останатиот свет поради прекинатите нормални комуникации, суровите гарнизони на востаниците кои не му дозволуваа никому да го напушти Крушево, како и паниката што ја создадоа настаните, заедно со наметливоста на тиранското однесување на востаниците, сето тоа придонесе да се создаде состојба на исчекување, преполно со страв, бидејќи нивното владеење беше крајно самоволно, а нивниот мир крајно несигурен и претскажуваше морничава катастрофа“.

Според професорот Браун, Киров-Мајски и Балас дошле до радикално различни заклучоци за причините и значењето на настаните во Крушево 1903 година, но дека нивните методи во основа биле слични. Конкретно, и двајцата се фокусирале на трансформацијата на делбените линии на заедницата во градот како стожер на разбирање на причините за кризната точка во 1903 година.

Кит Браун на втората монографија за Крушево на грчки јазик не и' дава националистичка димензија и смета дека таа не била напишана за да и' користи на грчката пропаганда. Нејзин автор е Јоргос Дицијас, а ја објавил во 1904 година во Атина. Дицијас пишува дека во неделата на 2 август во Крушево требало да се прослават осум венчавки, а граѓаните оделе во посета на семејствата на невестите и младоженците целата претходна седмица, како што било обичај во градот. Тој се одморал дома кога идилата наеднаш била прекината од истрели и пожар. Излегол на улица и притоа налетал на некои востаници кои сакале да ги убијат жената и детето на еден османски службеник стациониран во градот. Тој интервенирал и поради тоа го однеле во востаничкиот штаб. По расправијата со водачите, бил ослободен.

Истовремено, Дицијас ја опишува паниката што настанала по нападот на аскерот и башибозуците. Градот бил исполнет со вресоци, лелеци и оган, додека османските трупи влегувале да ја ограбат неговата заедница и да се наситат со нивните жени. Како член на една делегација тој отишол кај османлискиот водач Бахтијар-паша да го моли и да го убедува дека граѓаните не биле учесници во востанието. Нивниот првичен апел бил неуспешен, а тој бил сведок и на нови сцени на насилство, пред да стигнат наредбите од султанот да се запре со пљачкосување на градот.

„Независно која му била целта, средбите и дејствата што тој ги опишува претставуваат живописна и убедлива слика на човек фатен среде настаните што самиот не ги разбира до крај“, констатира Браун притоа пренесувајќи ја една средба што Дицијас ја имал со Питу Гули, од кого барал да се омекнат барањата од Штабот на востаниците што му биле поставени на грчкото население, кои според него, не ги поставиле комитите, за кој имал некаква почит, туку оние што биле бугарски пропагандисти родени во Крушево.

(Продолжува)

No comments: