August 17, 2012

Славата, митот и крвта на ВМРО 5

Славата, митот и крвта на ВМРО (5)

[За време на Илинденското востание во Крушево се случиле многу семејни драми]

Борба против четири непријатели

ВМРО не се борела само против османлиската власт, туку и против Атина, Софија и Белград, вели американскиот професор Кит Браун

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Кит Браун, американски професор од Институтот „Вотсон“ во Провиденс, Род Ајленд, кој докторирал на тема за Илинденското востание и кој и натаму го истражува овој период од македонското минато, посебно биографиите на илинденците, вели дека за него е многу интересна организациската поставеност на Внатрешната македонска организација како функционирала таа. За да ја истражува Крушевската Република, во Македонија престојувал една и пол година, најмногу во Скопје, Охрид и во Крушево. Извесен период престојувал и во Грција.

За тоа што се случувало во Крушево за време на востанието, користи повеќе документи, меѓу кои и три монографии на крушевчани сведоци на тие настани. Две од нив се напишани на грчки јазик, а една на бугарски. Многу нешта дознал и од молбите за добивање илинденски пензии на учесниците во востанието и во македонското револуционерно движење, кои досега не се истражени од македонските историчари. Извесни сознанија стекнал и од разговорите што ги водел со крушевчани кои му ги пренесувале кажувањата на нивните дедовци и баби.

„Се знае дека ВМРО беше држава во држава и го подготвуваше народот за самостојна Македонија. Тогаш постојано се говорело за верност, збор кој за мене е поважен од идентитетот. Верност значело градење цврсти односи меѓу луѓето, што било најважно во тоа движење. За мене има место повеќе да се интересирам за верноста што владеела во организацијата отколку за тоа каков идентитет имале тие луѓе. Идентитетот може да биде нешто лично, внатрешно. Јас можам да кажам дека сум Македонец, но тоа не значи дека со тоа можам да направам нешто. Ако се заколнам на верност, значи дека ќе правам нешта. На пример, во ВМРО имало курири и јатаци. А за да се регрутираат и да се натераат да ги чуваат тајните – била потребна верност. За тоа не е доволно да имаш идентитет, треба да веруваш во идејата и во целта што треба да се оствари“, ќе ни изјави во една пригода Браун.

[Верноста кон организацијата е поважна од националниот идентитет, вели Кит Браун]

Американскиот професор истакнува дека Грција, Бугарија и Србија, иако станале држави дури во деветнаесеттиот век, пропагирале право врз османлиска Македонија. Сите три опфаќале територија и народ, кои претходно биле под османлиска власт и сакале да се прошират на сметка на империјата во повлекување.

„Очигледен плен за нивните експанзионистички амбиции била соседна Македонија. Голем дел од нивните жители биле православни христијани, па основна цел на новите балкански држави била да ги поткрепат своите претензии кон територијата, претворајќи ги овие луѓе во сонародници со сите можни средства. Сите ресурси на новите држави биле ставени во погон, така што свештениците, научниците, учителите, трговците и војниците се пријавувале во служба на својата земја и, служејќи се со менување на верата, со академски расправи, економска принуда или, во краен случај, со брутална сила, воделе кампања за решавање на прашањето на националноста на христијаните во Македонија“, подвлекува Браун.

На таквите претензии најмногу им се спротивставувала ВМРО, која не се борела само против османлиската власт, туку и против амбициите на Атина, Софија и Белград, оценува тој. „Од позиција на националистичката и социјалистичката идеологија, лидерите на ВМРО се служеле со секакви средства со цел да добијат поддршка за нивната кауза дома и во странство. Но, основниот метод им бил теророт, и тоа врз цивили и имоти во Македонија преку кои можеле да го запрат напредувањето на пропагандата на странските држави и да изградат свој меѓународен профил“, повлекува Браун.

Според него, нема чиста нација во светот и ниту еден народ не ги исполнува сите критериуми за нација. „Ние денес треба повеќе да размислуваме за тоа колку е опасна идејата за нацијата отколку за самата нација. Опсесијата со народ, со нација е опасна работа. Тоа се многу лоши работи не само на Балканот, туку воопшто во светот, и во Англија и во Америка и во сите други демократски држави, секаде. Поважно е да ја користиме историјата за критика на идејата за нација, а не само да ја прифатиме идејата и да бараме критериуми за да ја задоволиме“, ќе ни изјави тој, нагласувајќи дека прашањето за идентитетот не е работа на историчарите и дека борбата нема врска со минатото, туку со иднината.

Говорејќи за поделеноста во Крушево пред и за време на Илинденското востание, тој вели дека Власите во тоа време биле под силно влијание на грчката, но и на романската пропаганда. Англискиот конзул во Солун на својот претпоставен на 16 септември 1903 година ќе му напише: „Додека Грковласите се на иста страна со Грците и на тој начин, и покрај лошото однесување на војниците и башибозуците, и натаму остануваат лојални на турската власт, оние Власи што и' подлегнаа на романската пропаганда многу често покажуваат отворена симпатија за бугарските чети, па се вели дури дека на нивна покана востаниците влегле во влашките градови Крушево, Клисура, Невеска и Маловиште“.

Кит Браун говори и за поделбата на Внатрешната организација по поразот на востанието. „Неуспехот на Илинденското востание од 1903 и големите одмазди што следеле, се одразиле на револуционерната организација. Мнозинството на нејзиното јадро, млади луѓе регрутирани во вооружените чети како четници или комити биле убиени или протерани во егзил, главно, во Бугарија. Од преживеаните, некои продолжиле со истата агенда за автономна Македонија, додека другите избрале да ја помагаат бугарската експанзија. Тие се бореле за контрола на локалните мрежи во османлиска Македонија што биле сериозно оштетени, додека голем дел од христијанското население се нашло пред проблемот да преживее без уништени домови и зимските резерви храна. Многу граѓани се почувствувале предадени од Организацијата и нејзините водачи, кои прво давале големи изјави, молеле за финансиска и лична поддршка на борбата за слобода, а потоа ги оставиле самите да се справуваат со последиците. Оние што останале лојални биле цел на теророт што се спроведувал под покровителство на османската власт, терор што продолжил, и покрај ветувањата за амнестија. Тие, исто така, биле соочени и со изборот на тоа кое крило на ВМРО да го поддржат“, пишува Браун.

Американскиот професор ги поткрепува поделбите во ВМРО со една потресна семејна драма случена за време на востанието и деновите потоа, која му била раскажана кога престојувал во Крушево. Таа истовремено ги илустрира страдањата што ги прежувало населението по заземањето на градот. Веле Секула и неговите синови помагале во подготовките на востанието. По нападот на многубројниот аскер и башибозуците и по повлекувањето на востаниците Веле и жена му се забарикадирале во својата куќа. Турци од блиските села знаеле дека семејството Секула има закопано злато во дворот. Откако го принудиле да го ископа и се увериле дека им дал се' што имал, ги одвеле обајцата во ходникот на куќата, ги поставиле до ѕидот и ги застрелале. Тие потоа ја испретурале куќата барајќи и други вредни предмети. Сопругата на Веле, која била само ранета, подоцна се освестила. Била жедна и се одвлечкала некако на горниот кат каде што семејството чувало голема бочва со млеко. Додека жедно пиела, почувствувала како ја болат ушите на кои носела тешки златни обетки. Кога се фатила со раката, сфатила дека и' биле истргнати.

„Таа живеела уште петнаесет години, но тоа не било крај на нејзината несреќа. Нејзиниот најстар син, Ставре, работел со татка си на подготовките на востанието и подоцна, како резултат на тоа, Грците од градот пукале во него во дворот и го раниле. Тој закрепнал, но потоа се скарал со водачот на локалната револуционерна организација и со неговата фракција и бил осуден на смрт. Мајка му направила скривница горе во куќата, каде што можел да се засолни и дење и ноќе ако дојдат да го бараат. Но, еден ден бил невнимателен, па и покрај тоа што таа претходно го предупредила, го нашле скриен под покривка. Го избоделе низ неа, го зеле телото и го закопале некаде во шумите околу градот. Мајка му не можела да поднесе телото да му лежи во неосветена земја далеку од нејзиното семејство, па со денови талкала низ планините обидувајќи се да го најде гробот. Го барала цела зима, а дома се враќала со замрзнати рабови на долните здолништа. На крајот, нејзиниот најмлад син се вратил од Америка и платил педесет златни дукати за да дознае каде е скриено телото. Тие ги вратиле останките на Ставре и ги положиле да почиваат на главните градски гробишта“, ја пренесува Кит Браун ова потресна приказна.

(Продолжува)

No comments: