July 29, 2012

Спомени за Димитар Влахов 6

Спомени за татко ми - Густав Влахов

ДИМИТАР ВЛАХОВ

Д. Влахов сметаше уште од самиот почеток дека Георги Димитров ќе одигра главна улога на претстојниот процес во Лајпциг, иако германските средини го форсираа Торглер, а некои Бугари Попов. На Димитров, преку неговите адвокати Дечев и Петар Григоров, му беа испратени материјали потребни за одбрана. Одбраната на Димитров се претвори во едно од најпрочуените обвинувања што ги доживеа германскиот фашизам и империјализам.


Во тоа време Д. Влахов активно работи на организирањето контрапроцеси на кои светското јавно мнение ќе настапи против германскиот фашизам за одбрана на делото на прогресот, за ослободување на Димитров и неговите другари.

Така доаѓа до контрапроцеси во Лондон и Париз. На процесите и многубројните митинзи учествуваат такви личности како Моро Деафери, Кампинки, Анри Торез, Бержери, Стафорд Крипс, Притс, Анри Барбис, Марсел Кашен, Васил Коларов, Елена Димитрова (Елена Димитрова, сестра на Георги Димитров и сопруга на В'лко Червенков.) Параскева Димитрова (Параскева Димитрова, мајка на Георги Димитров, Македонка родена во село Бања, Разлошко, роден крај на Неофит Рилски и Паисиј) и други.

Оваа кампања го разниша француското јавно мнение, зближи разни струи и сигурно е дека помогна за создавање на Обединетиот фронт во Франција, а ја покажа и силата на тој фронт. Сите оние резултати, без сомнение, послужија како основа при трасирањето на новата ориентација на VII конгрес на Коминтерната каде што Георги Димитров беше избран за генерален секретар.

Целиот свој живот Димитар Влахов ѝ го посвети на борбата како за ослободување и обединување на Македонија во една политичка целост, така и за признавање на нејзиниот народ за посебен народ.

Таа борба беше многу тешка. Се наидуваше на постојан отпор и негирање не само од страна на капиталистичките влади и сили на балканските држави, туку и многу често се наидуваше на отпор и негирање и таму каде што тоа најмалку можеше да се очекува. Поради тоа, Д. Влахов беше во постојано затегнати односи со низа луѓе од раководните кадри, како во рамките на бугарската социјал – демократија (тесни) така и подоцна во рамките на Бугарската комунистичка партија. Бугарската комунистичка партија многу често гледаше на македонското револуционерно движење како на дополнителна сила, како на дополнителен инструмент за реализација на своите цели и стратегиски етапи. Од тие причини тоа беа ставови на опортунитет во зависност од моментот и немаа принципиелен карактер.

По одржаниот пленум на Комунистичката интернационала во 1934 година во Москва, на кој присуствуваше и Д. Влахов, на дневниот ред на седницата на Извршниот комитет на Комунистичката интернационала беше поставено и македонското прашање, а претходно во врска со тоа, беше одржана конференција на балканските комунисти што во тоа време се наоѓааа во Москва.

На оваа конференција не присуствуваа Коларов, Антон Иванов, Станке Димитров, ниту В'лко Червенков, што на Д. Влахов уште тогаш му беше симптоматично.

Говореше Гаврил Генов (Гаврил Генов е фактички раководител на септемвриското востание во Бугарија во 1923 година), кој ја поткрепи тезата за постоењето на македонската нација. Тој се заложи балканските комунисти да и дадат помош за нејзиниот натамошен развој. Меѓу другите, на оваа конференција говореше и Димитар Влахов.

Балканскиот секретаријат на Извршниот комитет ка комунистичката интернационала требаше да го разработи прашањето за формирањето на македонската нација и да подготви соодветна резолуција (На седницата присуствуваше и другарот Родољуб Чолаковиќ). Таа задача ја доби еден член на Секретаријатот, Полјак по народност, кој не знаеше многу за македонското прашање, па му се обрна на Д. Влахов да му помогне и така беше изработена предлог – резолуцијa (Резолуцијата е печатена во „Македонско дело“ во 1934 г.). И во годините по започнувањето на Втората светска војна Д. Влахов неуморно ќе се ангажира за доброто на својот народ и татковината. Bо 1941 година по агресијата на Хитлерова Германија врз Советскиот Сојуз, како претставник на македонскиот народ тој држи говор на Првиот сесловенски митинг во Москва и развива голема активност, како во самиот Сесловенски комитет, така и во разни списанија.

„Јас ја истакнувам големата заслуга на другарот Тито и неговите блиски соработници за македонското ослободително движење, давајќи им ја целата своја поткрепа, т. е. поткрепата во секој однос за да може македонскиот народ да го извојува своето ослободување и својот национален суверенитет и независност и да може, во сојуз со другите народи на Југославија, да ја образува моќната Федеративна Народна Република Југославија со која и ние Македонците се гордееме не помалку од другите народи на таа Република“ — запиша во своите мемоари Д. Влахов.

Од самиот почеток на борбата против фашистичка Германија и нејзините трабанти — Италија, Унгарија, Бугарија и други, што ја имаа окупирано Југославија, Димитар Влахов пламено на нему својствен начин ги даде сите свои сили за победата на прогресивните сили, за победата на Народно – ослободителната борба, за победата на револуцијата за ослободување на Македонија.

Во Јајце на 29. ноември 1943 г. Димитар Влахов беше избран за потпретседател на Антифашистичкото веќе на народното ослободување на Југославија (АВНОЈ), потоа за потпретседател на Президиумот на Народната скупштина на ФНРЈ, за претседател на Народниот фронт на Македонија, а подоцна и на Социјалистичкиот Сојуз на работниот народ на Македонија. Член е на Централниот комитет на Комунистичката партија на Македонија и на Ревизионата комисија на ЦК КПЈ.

Тој беше еден од ретките македонски револуционери на старата генерација, од генерацијата на BMPO и на Гоце Делчев, кој ја имаше таа среќа да го доживее ослободувањето и независното суверено постоење на својата татковина и да работи за нејзиниот напредок и процут, уверен дека постоењето на Социјалистичка Република Македонија во рамките на Социјалистичка Федеративна Република Југославија е оној фар, онаа светлина што ќе придонесе исцело да се остварат идеалите на стотици и стотици илјади Македонци што ги дадоа своите животи за делото на Македонија.

По долготрајна болест и ожален од сиот свој народ Д. Влахов умре на 7. април 1957 година.

Крај

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]   

Обработка Дукадин и А.С.

No comments: