July 13, 2012

Вистините за Венко Марковски 4

Вистините и контроверзиите за Венко Марковски (4)


Виктор Цветаноски

Венко Марковски e уникатен образец на национален родоотстапник и дисидент-еретик, одречувач на се' што е македонско, вели академик Гане Тодоровски

„Не само што не ги споделувам, туку и категорички ги отфрлам заложбите за некакваси (апстрактна по суштина) рехабилитација на дводомниот македонски и бугарски писател Венко Марковски. Ова го чинам од проста причина што сум наполно свесен дека располагам со право на свое мислeње како литературен историчар, кој професионално веќе повеќе од половина век се занимава со проучување на подалечното и поблиското македонско културно-политичко минато.

Сите оние што умеат и сакаат да го растолкуваат правилно значењето на зборот рехабилитација ќе се сетат дека станува збор за воспоставување, т.е. враќање на изгубените права, односно враќање во поранешна состојба и враќање на добриот глас, т.е. честа! Ништо од сето ова не би можело да се оствари доколку се врзува за името на писателот Венко Марковски, кој е мошне уникатен пример и образец на национален отпадник, одметник, родоотстапник и дисидент-еретик, одречувач на се' што е македонско: национална самобитност, јазик, култура и историја, денешнина и утрешнина“, вели академик Гане Тодоровски.

Според него, не се во право сите оние што во име на некакво божемно слободоумие, наспроти коравото и фанатично едноумие на бранителите на македонската идеја, се залагаат за враќање на невиноста на предавникот Венко Марковски. „Јалови се нивните заложби и разгласи со повишен тон. Не настојувам да препознаам никакви отклони од безусловната припадност на сите веќе пројавени дискутанти и стихијни учесници во јавната дебата за Венко Марковски кај нас. Немам намера ни да им ги спомнувам имињата, иако е потребно тоа, но бездруго уште ќе се расправа кај нас за овој контроверзен автор, со чие дело (македонскиот опус) ќе треба понашироко да се запознае јавноста. Впрочем, и досега, барем во годините на речиси дведецениската самостојност и независност, за Венко Марковски се зборувало и пишувало“, подвлекува македонскиот академик.

Гане Тодоровски смета дека ова е добар повод токму сега, кога кулминира зафатот да се говори за Венко Марковски посестрано, да се каже дека е пожелно македонската денешнина да ги елаборира, особено во домените на литературната наука, дилемите и недоумиците на одделните творечки личности, кај кои процесите на двојбата биле поекстремно изразити и изразени. Животот и делото на Венко Марковски се мошне погодна илустрација за таквите примери. Венко живее и работи во две блиски и историски преплетени и културно обединети национално-етнички средини, пишува на два јазика (македонски и бугарски), па со самиот тој свој статус на билингвален автор е жив пример на дводомен писател.

„Овој термин во поново време е мошне чест во науката за литературата и подотвора врати на поразумна толеранција на многуте и честите двојства што ги имаме во европскиот и особено во словенскиот и балканскиот круг народи. Меѓутоа, за жал, Венко Марковски, како дводомник е посебно и уникатно поглавје во историјата на литературите на народите што подзадоцниле да се појават на историската сцена. Таков е поради своите неконтролирани и политички и морално и секако неприфатливи груби и невкусни негации на сопственото потекло. Таквата автодисквалификација не ни дава никакво право да му подариме прошка“, оценува академик Гане Тодоровски.

Притоа, тој потсетува дека во текот на 1981 година (првото издание) и во текот на 2003 година (второто издание) се појавила од печат Венковата антимакедонска книга „Крвта вода не бидува“, на четиристотини страници.

„Тоа е книга во која Венко Марковски го кажува или го потпишува она што други му го напишале, кое гласи: ’...Македонската нација не постои, затоа не е факт, бидејќи македонската историја, македонската литература, македонскиот јазик не постојат, затоа не се ни извесни и признаени факти во светот. За науката Македонија е географски термин, а Македонците се Бугари‘.

Не апелирам ниту, пак, ги повикувам Венковите лобисти во Република Македонија да ја почитуваат оваа книга претрупана со гневни и груби негации на македонството. Меѓутоа, должен сум да предупредам дека незнаењето не оправдува никого. Оттука, заложниците за рехабилитација на родоотстапникот Венко Марковски нека се подзамислат дали е ред да ги убедуваме своите потомци да ги слават антихероите?“, предупредува нашиот познат историчар на македонската литература.

Академик Гане Тодоровски животната врвица на Венко Марковски ја нарекува душогубица, според името на кичевското село Душогубица. „Душогубица е збор што го нема во Речникот на македонскиот јазик; тој е име на село во западна Македонија, во регионот на Кичевско, над селото Извор, токму на свиокот на патот што води накај Ехловец, низ Јама и излегува на Бошков Мост пред Дебар. Значи, Душогубица е топоним. Легендата го објаснува овој збор (раритетен и сликовит) како асоцијација за изнемоштеност, премаленост и алипност, буквално: губење на силата при искачување по стрмнините накај селото забегано кон непристапните височини. Во контекст на Венковата судбина овој топоним станува синоним на забеганост кон височини и како патека по која се губат душата и силата“, заклучува академик Тодоровски.

Истото мислење на академик Гане Тодоровски го дели и Бошко Нацевски, кој како постојан дописник на „Нова Македонија“ од Софија во осумдесеттите години на минатиот век имаше можност да ги следи антимакедонските ставови на Венко Марковски. Тој вели дека е потребно за недоволно упатените човечкиот и творечки портрет на поетот да се претстават во вистинската светлина и димензија за дефинитивно да се растера маглата, посебно од пред очите на оние кои нештата ги гледаат со значително изместена диоптрија.

„Предлогот на неколкутемина македонски творци, меѓу кои челничи актуелниот претседател на МАНУ, академик Ѓорѓи Старделов, ’Македонецот Венко постхумно да им се врати на Македонците’, што според нивни мерила би бил потег со историски значајна димензија за македонската литература и демократија, ако се имаат предвид вистинските аспекти и димензии на случајот - е барање на неможното и илузорното. Таквото инсистирање може да се смета или како ординарен лаицизам, потпрен на некаков евтин емотивен набој, изнасилен до степен на класична театралност, или како фалинка во структурата на менталното рацио“, подвлекува Нацевски во колумната за „Утрински весник“.

Според него, Венко Марковски, едноставно, не е можно како Македонец да им се врати на Македонците. Не поради фактот што тој веќе е покоен, туку поради ноторната вистина дека како жив и во време на својот творечки зенит во бројни дела, интервјуа, јавни трибини и тестаментално ја профилирал и утврдил својата припадност кон бугарскиот род. „На 17 октомври 1979 година за софискиот весник ’Труд‘ Венко изјави: ’Роден сум во Скопје, во бугарско преродбеничко семејство... Во суштината на моето творештво секогаш била Бугарија... Моето постоење е незамисливо без Бугарија‘. Со ваквите определби Венко Марковски и не стори бог знае каков грев кон Македонците. Тој во својата нова татковина, во Бугарија, само го искористи правото на слободно декларирање на својата национална определба. Неговото помалку предавничко, а повеќе злосторничко дело кон Македонците, на чиј род, според личното декларе, му припаѓаше цели пет децении од животот, се' до заминувањето во Бугарија, е содржано токму во неговото творештво“, нагласува Нацевски.

Тој вели дека четири години пред појавата на „Крвта вода не станува“, во 1979 година во Софија, како прилог кон јубилејната прослава 1.300 години од создавањето на бугарската држава, од печат излегол „Бугарскиот епос“ на Венко Марковски „Преданија заветни“, што е, според Нацевски, демонстрација на брутално и бесрамно негирање на се' што е македонско - народ, држава, црква, историја, творештво, јазик, фолклор, култура. „Злобата на поетот во фабрикувањето памфлети на адреса од македонското национално битие на 467 страници еволуира до степен на лудило. Во втората песна на Петнаесеттото предание, поетот ги нуди и следниве тези: ’Белград ги претвора Бугарите во Македонци. Скопје кова огромни фалсификати. Од еден народ се создаваат два народа. Од еден јазик прави два јазика...‘ А по смртта на Венко, истите овие негаторски ставови за потребите на бугарската антимакедонска пропагандна машинерија, во многу пригоди, ги протураше неговата сопруга Филимена Марковска“, подвлекува Нацевски.

(Продолжува)

No comments: