July 17, 2012

Славата, митот и крвта на ВМРО 2

Славата, митот и крвта на ВМРО (2)

[Клучниот состанок на кој беше одредена иднината на окупираната Македонија во 20 век се одржа во јануари 1903 година во солунската гимназија (на фотографијата). Таму се одржа Конгрес на ВМРО свикан по барање на Иван Гарванов и на него 17 делегати неочекувано донеле одлука македонскиот народ да се крене на востание против Турците]

Востанието ги подели револуционерите

За кревање востание одлучиле оние што не ги познавале состојбите и кога започнале борбите, останале настрана

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Клучен настан во македонското револуционерно движење претставува Солунскиот конгрес одржан на 17 јануари 1903 година и таму треба да се бараат корените на подоцнежните поделби. Одлуката за востание што ја донесол Конгресот предизвикал бурни реакции и полемики меѓу првите луѓе на ВМРО. Особено бил голем револтот кај оние што работеле меѓу народот и макотрпно го подготвувале за судбоносниот ден. Тие најдобро знаеле дека се' уште не се создадени услови и дека со прераното востанување, македонскиот народ би бил одведен на касапница. Во тој поглед, најгласни противници биле Гоце Делчев, Ѓорче Петров и Јане Сандански.

Во работата на Конгресот учествувале 17 делегати, а го свикал и со него претседавал Иван Гарванов, кој, според македонските историчари, имал тесни врски со бугарската влада и им припаѓал на врховистите. Заедно со Анастас Лозанчев, тогашен прв човек на ВМРО на Битолскиот револуционерен округ, одиграл клучна улога во донесувањето на одлуката за востание, која не била валидна бидејќи не ја донесле луѓе избрани на теренот. Покрај тоа, во работата на Конгресот не присуствувале првите луѓе на организацијата, како што се Даме Груев, кој во тоа време бил во заточеништво, Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Христо Матов, д-р Христо Татарчев и Пере Тошев. Има тврдења дека Гарванов намерно не сакал да учествуваат, знаејќи дека тие ќе ја спречат неговата намера да се дигне предвремено востание. Едни тврдат дека Гоце не добил покана, а други, пак, дека бил поканет, но дека со индигнација ја отфрлил, сметајќи дека е „злосторство народот да се ослободува преку намерно создавани пожари и касапници“.

Пеју Јаворов вака ќе ја опише реакцијата на Гоце Делчев по дознавањето на одлуката за востание: „Останува секој да си го решава прашањето за себе. Колку што се однесува до мене, јас нема да се спротивставам, но нема ни да исполнам никакво конгресно решение. Тоа што ќе останам да востаникувам - ќе востаникувам како што си знам: без директното учество на населението“.

„Известувањето морално не' урна. Едно мислевме и агитиравме за Организацијата, а сосема друго излегуваше. Веќе немам ни срце ни лице да агитирам како порано. Им оставив на момчињата да агитираат. Просто, плачевме...“, пишува во своите спомени Јане Сандански. „Кога ни соопштија јас полудев“, уште попластично Христо Чернопеев ќе ја пренесе драмата на раководителите од Серскиот округ.

Познатиот костурски војвода Пандо Кљашев во своите спомени ќе запише дека тоа бил конгрес на неколку градски раководители и учители, слабо запознати со состојбата на работите. Од Солунската област, на пример, каде што населението не востанало, присуствувале дури седуммина претставници, а од Битолско, во кое единствено имало вистински востаничките дејства, само еден. Токму тие што најмногу се залагале да биде донесено решението за востание не учествувале во борбите. Од седумнаесеттемина присутни на Конгресот, во востанието учествувале само Анастас Лозанчев и Лазар Димитров, иако гласал против одлуката.

Димитров бил делегат од Серскиот револуционер округ. Тој во своите спомени истакнува дека бил против предвремено кревање востание поради тоа што знаел дека нивниот округ, а и другите не биле подготвени, а и поради тоа што однапред го знаел негативното мислење на Делчев и на Сандански. Истовремено овој револуционер од струшкото селото Дренок вели дека зад упорните инсистирања и убедувања на присутните за востание од страна на Гарванов стоел некој друг: „Јас бев сигурен дека Гарванов е под влијание на егзархиската средина во Цариград“, констатира Димитров.

Спомените на Димитар Мирчев, кој бил секретар на Солунскиот конгрес, а кои неодамна првпат беа објавени од Историскиот архив фрлаат нова светлина на овој клучен настан од македонската револуционерна борба. Тој вели дека одлуката за востание била донесена под притисок на Анастас Лозанчев, претставникот на Битолскиот револуционерен округ во кого влегувале Костурско, Леринско и Битолско . „Тој округ, најдобро вооружен и со најсилен револуционерен дух, почна да изјавува пред окружното тело дека или треба да се реши за општо востание или, пак, самиот ќе организира востание... Писмата што ги добивавме од раководното тело на Битола пишувани од Анастас Лозанчев беа ултимативни“, пишува Мирчев.

Истовремено подвлекува дека од повеќе места добиле детални извештаи дека не се подготвени доволно за востание, но во интерес на делото било подобро да се направи едно општо револуционерно движење отколку без ред и без полза да се уништуваат напорите на Организацијата. „Само од Софија одговорија да не се прави вистинско востание, туку да се засили четничкото движење со преземање некои партизански дејства, што беше пак нешто како востание, но делумно“, објаснува Мирчев.

Од спомените на овој револуционер помалку познат на македонската јавност може да се види дека тој бил многу близок со Иван Гарванов. Заедно со него и со други македонски интелектуалци формирал Револуционерно братство, кое било на спротивни позиции од ВМРО. Односите меѓу двете организации се заостриле до тој степен што паднале и неколку жртви во меѓусебните пресметки. Мирчев многу добро се знаел со Даме Груев заедно учеле во Белград и за него има исклучително високо мислење. Но, и покрај тоа што биле пријатели, и двајцата се подготвувале меѓусебно да се ликвидираат. „Мојот престој во Битола каде што беше и Даме, тој го сметаше за опасен, па наредил да бидам убиен. Во исто време со Даме се среќававме како добри пријатели. Тој доаѓаше дома каде што бев сместен – кај брат ми Јован, со цел да дознае нешто за кругот на нашата братствена организација. Меѓутоа, се случи терористот што го испратил да ме убие да е мој роднина... Тој оди кај брат ми Јован и го известува за решението. Но, фактот многу не ме потресе ниту ме зачуди, зашто и јас, од друга страна, барав и подготвував убијци да го убијат Даме или Ан. Лозанчев“, пишува во спомените Мирчев.

По Гарванов, најнапаѓаниот човек за предвременото востание, Анастас Лозанчев, тврди дека немал никаков претходен договор со Гарванов и дека на Конгресот отишол без да го знае дневниот ред. Знаел дека бил поканет и Гоце Делчев, но ја одбил поканата. „Јас сум горд што придонесов за востанието. Ако го немавме Илинденското востание со што ќе се гордеевме? Ако не беше Илинденското востание, со што ќе го оправдаше своето постоење толку славната организација како што е Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација”, пишува Лозанчев.

Вистинската полемика за и против предвремено востание се водела подоцна во Софија во која учествувале: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Христо Матов, Христо Татарчев, Пере Тошев и други. Христо Силјанов, кој бил сведок на тие жолчни расправи раскажува: „Во очите на повеќемина светкаше здржан гнев. Како да не се зборуваше за оној долго сонуван свечен акт што ќе донесе слобода, туку за еден престап со предмисла против Македонија...“. Тогаш присутните се поделиле на два табора. Едниот, помногуброен, кој бил против одлуката, го предводеле Гоце Делчев и Ѓорче Петров, а вториот, кој бил за востание, го претставувале Христо Матов и д-р Христо Татарчев. На крајот бил постигнат некаков компромис, да има востание, но тоа да не биде „општо стратегиско“, туку да се води со „партизански дејства“.

Гоце не останал до крај на расправата во која жестоко полемизирале Ѓорче Петров и Христо Матов. Делчев заминал во Солун за да се сретне со својот другар Даме Груев, големиот авторитет во организацијата, кој тие денови се вратил од заточеништво. Сакал да разговара со него за да се анулира солунската одлука. Според Силјанов, што се' си кажале еден на друг големите македонски револуционери, не се знае.

Нешто повеќе за разговорите меѓу Гоце и Даме во Солун може да се дознае од спомените на Димитар Мирчев. Тој пишува дека Гарванов и другите настојувале да го убедат Гоце да се согласи за востание. За тоа го искористиле задржувањето на Даме во Солун при враќањето од Подрум Кале и го повикале Делчев на средба со него. Според Мирчев, Даме веќе бил убеден дека решението за востание е основано. Откако Гоце пристигнал безбедно во Солун, го сместиле во машката гимназија.

„Имавме неколку состаноци на кои ги разгледавме сите прашања за востанието, сите мотиви за и против него. Гоце настојуваше да се одложи востанието и да се започне само со терористички динамитни акции врз мостови, тунели, возови, со убиства на видни Турци, со пожари и сл. Тој мислеше со помалку средства и жртви ќе можеме да ја тероризираме власта и најпосле да повикаме странско вмешување... Даме сосема се согласуваше со нашите аргументи и Гоце отстапи и се согласи со решението на Конгресот откако нагласи дека востанието треба да биде партизанско-стратегиско со нашите најдобри, најискусни луѓе, што беше решение и на Конгресот“, раскажува Мирчев за разговорите со Делчев на кои присуствувал и тој лично.

(Продолжува)

No comments: