Македонската невеста бегалка

Понекогаш вистинските животни приказни знаат да бидат многу почудни и понеобични од оние измислените. Една таква необична животна приказна се случила во 1933 година во далечната Австралија, а нејзините главни актери биле токму Македонците.

За оваа интересна случка соопштува австралискиот весник The Western Argus1 во статија2 од 2. јануари 1934 година:

„Пред извесно време еден Македонец, жител на Ванеру3, испрати до ќерката на неговиот работодавач во Европа своја фотографија и во замена ја доби нејзината. Тие одлучија да стапат во брак и беа направени подготовките за девојката да дојде во Австралија. Но фотографијата испратена од страна на потенцијалниот младоженец, сепак била направена одамна, кога тој бил млад човек, и кога девојката пристигна во Австралија таа виде дека нејзиниот додворувач бил многу постар одошто таа замислувала дека е. Поради тоа таа не почувствува задолженост да породолжи според договореното, и по само неколку недели престој во земјата уреди да се омажи за друг Македонец од Ванеру.

Новиот иден младоженец тогаш уреди претходниот договор целосно да се поништи едноставно преку исплаќање на 30 фунти за потрошеното за мебел од страна на првиот додворувач. Среќната двојка потоа се венча и така задоволително беше општото расположение, па и разочараниот додворувач се појави на нивната свадбата за да им честита. Тој случајно беше придружуван од страна на една млада жена, која се очекува дека во некое идно време ќе го придружува и до олтарот.“

„Some time ago a Macedonian resident of Wanneroo sent to the daughter of his employer in Europe his photograph and received hers in exchange. They decided to marry, and arrangements were made to bring the girl to Australia. The photograph sent by the prospective bridegroom, however was much older than she had imagined. She did not feel inclined to go on with the contract, and after a few weeks residence in the State arranged to marry another Macedonian at Wanneroo.

The new prospective bridegroom then arranged that the previous contract be annulled by the simple expedient of paying to the first suitor £30 for the furniture when he had accumulated. The happy couple then got married, and so satisfactory was the general arrangement that the disapointed suitor turned up at the wedding to offer congratulations. He was accompanied incidentally by a young woman, who it is anticipated, will go with him to the altar at some future date“

Не знаеме дали несудените сопружници, како во бајките , среќно си живееле до крајот на животот, но оваа необична случка сигурно ја паметеле цел живот.

Автор: Александар Стеванов, објавено и на Македонска Нација

1. издаван во Калгурли (Kalgoorlie), Западна Австралија во периодот од 1894 до 1938 година.
2. „A marriage contract. Girl from Macedonia changes mind on seeing Bridegroom“ (Договор за брак. Девојката од Македонија се предомислува кога го видува младоженецот).
3. Ванеру (Wanneroo) е град во Западна Австралија, оддалечен (на север) приближно 25 километри од Перт. Градот е меѓу првите места во Австралија кои биле населени со Македонци.

No comments: