Александар Велики - власт

Придобивање на власта

Во 340 година пне, Александар за првпат учествувал во битка. Додека неговиот татко Филип се борел против Тракијците кај Византиум, Александар останал во Македонија за да го заменува на престолот и за да го чува кралскиот жиг. Иако шеснаесетгодишен, Александар ефективно ги покорил Мејаните кои се побуниле и на тоа место формирал мешана населба на која и го дал името Александропол. Во 338 година пне заедно со својот татко, Александар учествувал и во битката против Елините кај градот Херонеја. Во таа битка Македонците победиле, а на Елините по поразот им била укината политичката независност.

Македонците често го нарекувале Александар свој крал, а Филип врховен заповедник. Филип на ова воопшто не се лутел, ами напротив тоа придонесло тој уште повеќе да го засака својот син. Сепак нередите во кралскиот дворец како последица на женачките на Филип причиниле многу остри кавги и расправии. Овие кавги лукаво ги искористила мајката на Александар - Олимпија, а нив најмногу ги поттикнал Атал. На свадбата меѓу Филип и Клеопатра, Атал поднапиен почнал да бара Македонците да им се молат на боговите Клеопатра да им роди вистински престолонаследник и иден крал на Македонија. Кога Александар го слушнал ова многу се налутил, го запрашал зарем тој е копиле, и го фрлил својот пехар кон Атал. На ова Филип рипнал и го извлекол мечот за да се бие со сина си, но за среќа мечот му се лизнал, а тој се сопнал. На оваа глетка Александар му се исмеал на Филип бидејќи се токмел од Европа да премине во Азија, а не можел да стигне од едно столче до друго, без притоа да не падне. По оваа пијана расправија Олимпија заминала во родниот Епир, а Александар отишол во Илирија.

Откако поминало некое време и откако Филип се покајал тој отишол кај Демарат, нивен куќен пријател и го замолил да отиде во Илирија за да го убеди Александар да се врати. Демарат успеал во тоа и Александар навистина се вратил. Во годината 336 пне Филип бил убиен. Тој наговорен од Клеопатра и нејзиниот вујко Атал, го навредил Павсаниј, а овој неможејќи да најде правда за себе го извлекол мечот и го убил македонскиот крал. Во тоа време вината најмногу паднала на Олимпија. Се зборувало дека таа го убедила Павсаниј, а се зборувало дека и Александар имал учество во тој грозен настан. Под обвинение дека била во заднината на убиството била егзекутирана принцезата од Линкестида.

Александар во истата година со подршката од македонската војска и со неполни дваесет години успеал да ја придобие власта. Во тоа не го спречиле ниту матните игри на многумина негови противници, а ниту пак обидите на незаконските деца на Филип. Младиот Александар бил доволно мудар да седне на престолот на Македонија.

Уште во првите денови од своето владеење, Александар тргнал кон југ, кон Коринт. По пат тој ја вратил Тесалија под македонска власт, а на собранието на Елинската лига во Коринт бил прогласен за водач на идната инвазија на Азија, која што била иницирана и одамна планирана од неговиот татко Филип. Тој таму се запознал со многу видни луѓе, а го видел и Диоген кој што многу го ценел. Кога застанал пред него го запрашал дали нешто може да стори за него, а овој му одговорил дека може, а тоа е да му се тргне од сонцето. Кога пријателите почнале да се шегуваат на негова сметка, Александар рекол дека кога не би бил Александар би бил Диоген, воодушевувајќи се на неговата духовна големина.























Diogène et Alexandre : Diogène est assis dans un tonneau; Gimignani Giacinto (1611-1681); Paris, musée du Louvre, D.A.G.














Diogène et Alexandre; Pupini Biagio (1511-1575), dalle Lame (dit); Paris, musée du Louvre, D.A.G.




















Alexandre et Diogène; Gamelin Jacques (1738-1803); Carcassonne, musée des Beaux-Arts

















Alexandre et Diogène; Sallaert Antoine (vers 1590-vers 1657/1658); Rennes, musée des Beaux-Arts

















Alexandre et Diogène; Molinari Antonio (1655-1704); Paris, musée du Louvre, D.A.G.



























The meeting of Alexander the Great and Diogenes;Pierre Puget; 1671-1689; Louvre museum, Paris, France.

Alexandre et Diogène; Anonyme; Dijon, musée Magnin

Враќајќи се назад кон Македонија Александар бил и на најславното пророчиште Делфи. Откако никој не сакал да му пророкува оти бил празник, Александар почнал насила да влече до храмот една питијска свештеничка која на таа извикала дека е несовладлив. По овие зборови од свештеничката Александар се успокоил и задоволен од одговорот, дури и нечекајќи пророштво ја оставил свештеничката на мира. Иако од Македонците кои биле уплашени, Александар бил советуван со благост да се однесува кон покорените народи и на тој начин да се обиде да си ја зачува својата позиција, тој сепак мислел дека само со јуначки битки може да опстои на власта.

Откако ја освоил Тракија во пролетта 335 година пне, Александар со македонската војска тргнал кон север, сè до местото каде што се спојуваат реките Западна и Северна Морава, и таму ја задушил буната на тракискиот народ Трибалијци и нивниот крал Сирм. Потоа Александар го минал и Дунав за да ги покори Гетите. Свртувајќи го својот поход кон запад, Александар ја покорил и Илирската коалиција која што ја нападнала Македонија.

Подоцна и Тебанците наслушувајки ја лажната вест за смртта на Александар и подржани од Елинската коалиција, а особено од Атињаните, се побуниле против македонската власт. Кога за ова слушнал Александар со својата војска, од Пелион, (Денешна Корча) Илирија, тргнал кон Теба која што била оддалечена 240 милји и за четиринаесет дена стигнал таму. Откако го одбиле ултиматумот, Александар веднаш ги нападнал. Тебанците соочени со многу посилната македонска војска за кратко време биле поразени. Загинале 6 000 луѓе, 30 000 биле продадени како робови, а потоа и Теба била срамнета со земјата.

Атињаните, а и околните градови држави многу се уплашиле од клетата судба што ја снашла Теба и си останале мирни. Сепак македонски гарнизони биле поставени во Коринт, Калкис и Кадмеа.

Алексанадар пак, како што некои велеле, многу се покајал за тоа што премногу ги казнил Тебанците и многупати се разжалостувал. На оние Тебанци кои што останале тој им ги исполнувал сите желби, и им простувал за сè и сешто. Бидејќи Теба била родно место на Дионис, Александар своите неуспеси, а и плашливоста на македонските војници во Индија, им ја препишувал на одмаздата Дионисова.

No comments: