Спомени за Димитар Влахов 4

Спомени за татко ми - Густав Влахов

ДИМИТАР ВЛАХОВ

Од друга страна, тие се обидоа да го неутрализираат Димитар Влахов, односно да го ликвидираат, зашто тој не само што стануваше непогоден, туку поради неговата дотогашна револуционерна работа, упорност и верност кон делото за ослободувањето на Македонија, беше директна пречка за нивното непречено газдување како во ВМРО, така и во самата Бугарија. Ова последново за нив беше најчувствително, зашто им ја одземаше личната материјална база која им ја овозможуваше бугарскиот дворец и влада.


За таа цел Т. Александров, преку својот личен претставник во Виена, Никола Велев, инаку роднина на Протогеров, му ја испраќа на Влахов следнава телеграма: „Соопштете му на Данаилов (Д. Влахов) никакви публикации, никаков весник. Молам да дојде на состанок (Од уште необјавените мемоари, Том II, стр. 1).

Меѓутоа, „Мајскиот манифест“ беше печатен на 15. јули 1924 година во списанието „Балканска федерација“, чиј главен редактор беше Д. Влахов.

„Мајскиот манифест“ беше прифатен со голема радост и надежи, како меѓу македонската емиграција во Бугарија, така и меѓу македонското население во Вардарскиот, Егејскиот и Пиринскиот крај на Македонија. Исто така, манифестот беше примен и од страна на многубројната македонска емиграција во другите земји, како во САД и Австралија.

Манифестот беше објавен и од весникот „Илинден“ — орган на Илинденската организација, на ветераните на Илинденското востание, во тираж од неколку илјади примероци.

Основните принципи на Мајскиот манифест беа прифатени и од емигрантската комисија при Бугарската комунистичка партија, од Федеративната организација, како и од Илинденската организација. Heгo не го прифатија само заинтересираните влади на балканските земји, меѓу кои Македонија беше поделена.

Во овој период во Софија започна објавувањето разни фалсификати во однос на Д. Влахов, со цел да се дискредитира пред македонските маси. Но ликот на Димитар Влахов ним им беше добропознат, и сите тие обиди како бумеранг им се враќаа, а особено по објавувањето на книгата на Д. Влахов „Предавниците на македонското дело“ („Предавниците на македонското дело“ е испечатена во Прага во 1926 г. на бугарски, потоа во Париз на француски, и во Цариград на турски јазик. Оваа книга многу силно ја раскринка сета тежина и мизерија на предавниците Александров, Протогеров, Ванчо Михајлов и нивните следбеници.)

Но, оваа кампања од една страна, печатењето на книгата и упорната борба, што се водеше преку списанието „Балканска федерација“ и „Македонско дело“, како и фактот дека беше основана нова Внатрешна револуционерна македонска организација, наречена обединета — ВМРО (об) — придонесе работите брзо да се разбистрат. Се покажа на какви позиции се наоѓаат Александров и Протогеров, односно дека тие навистина го предале делото на македонскиот народ, дека ја предале Македонија.

Од друга страна, настојувањето да се „измијат“ пред владата на фашистичка Бугарија, за нивниот обид да се оттргнат од предавството кон својата земја, не успеа. Т. Александров беше убиен во 1924 година со учество на самиот Протогеров и Ванчо Михајлов, а во 1928 година беше убиен и Протогеров по налог од Ванчо Михајлов.

Во врска со овие настани во своите „Мемоари“ Д. Влахов пишува: „Откако Александров и Протогеров ги изиграа доброволно земените задолженија спрема македонскиот народ и македонското ослободително движење, започна борба на живот и смрт меѓу македонските и бугарските фашисти, меѓу империјалистите од Југославија и Грција, од една страна, и прогресивните луѓе Македонци, Бугари, Срби, Хрвати, Грци и други, од друга страна“.

По убиството на Чаулев и Паница беа убиени Димо Хаџи Димов, Симеон Кавракиров, Димитар Сурлев, Христо Трајков, Трајко Христов и многу други јавни работници и македонски револуционери..

Македонските и бугарските фашисти се обидуваа да го убијат и Д. Влахов. Самата Менче Карничиу (Менче Карничиу во Виена беше осудена за убиство на Тодор Паница на 9 год., но поради наводно тешката здравствена состојба беше пуштена од затвор и по враќањето во Софија се омажи за Ванчо Михајлов — иницијатор и инспиратор на ова убиство.) на процесот поради убиството на Тодор Паница изјави дека била испратена да убие друг, но дека не е незадоволна ни со она што го сторила. Таа во неколку наврати се обидуваше да воспостави контакт со Д. Влахов. Се сеќавам кога еден ден татко ми беше заедно со мене во една од куќите — јавки — во која не спиеше, но каде што беше пријавен и каде што ја држеше својата, уште тогаш многу богата библиотека, која подоцна, во 1933 година во Берлин беше запалена од страна на германските фашисти. Овде дојде Менче Карничиу со сестра ѝ на жената му од Тодор Паница, Магдалена Брундарова за да побара некои книги од Д. Влахов. Дополнително беше установено дека Менче Карничиу е една од оние што го следела Д. Влахов и била запознаена дека тој се наоѓа таму. Потоа се преземени уште построги мерки таа да не дојде во допир со Д. Влахов. Сопругата на Димитар Влахов, Марија Влахова (Марија Д. Влахова е ќерка на познатиот солунски револуционер Иван Калев и самата беше активна за време на подготовките на Илинденското востание, носејќи им оружје на четите. Беше учителка во Воден (Егејска Македонија) и до крајот на животот верна сопатница иа Д. Влахов.) не еднаш мораше да им се спротивстави со револвер на разните платеници што го следеа Влахов.

Се сеќавам многу добро дека непосредно по убиството на Тодор Паница во виенскиот Бургтеатар за време на претставата на „Пер Гинг“, и подоцна за време на судењето на Менче Карничиу, виенската полиција постави специјален агент што имаше задача да се грижи за мојата безбедност зашто се плашеше дека може да бидам киднапиран. Точно е дека имаше неколу вакви обиди, но тие беа многу слабо организирани.

Немајќи можности од Виена физички да се пресметаат со Д. Влахов, македонските фашисти преку бугарската влада побараа од австриската влада да им се врачи Д. Влахов, обвинувајќи го дека е соучесник во познатиот атентат во црквата „Св. Недела“ во април 1925 година во Софија. Австриските власти не се осмелија да им го предадат Д. Влахов на Бугарите, но решија да го изгонат од Австрија. Меѓутоа, ни во тоа не успеаја, бидејќи за Д. Влахов се заложи Карл Зајц, градоначалникот на Виена и еден од водачите на австриската социјалдемократија, а уследи и интервенцијата на Зигмунд Кунфи, еден од министрите на владата на Бела Кун, кој во тоа време беше надворешно-политички уредник на весникот „Арбајтер Цајтунг“ во Виена.

Но екстрадикцијата на Д. Влахов не ја бараа само бугарските власти. Тоа го бара и југословенските власти, поради низата статии објавени во „Балканска федерација“, чиј одговорен уредник беше Д. Влахов, а кои беа насочени против теророт што владееше тогаш во Југославија.

Продолжува

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]   

Обработка Дукадин и А.С.

No comments: