Вистините за Венко Марковски 2

Вистините и контроверзиите за Венко Марковски (2)


Академик Иван Катарџиев кој се среќавал со поетот, вели дека Венко имал амбиции да биде претседател на македонската влада

Виктор Цветаноски

Венко Марковски за себе како поет имал мошне високо мислење. Често велел дека тој е најдобриот ученик на познатиот пролетерски поет Мајаковски, подобар дури и од Французинот Анри Барбис. Истовремено, сметал дека тој треба да биде претседател на тогашната македонска влада наместо Лазар Колишевски.

„’Иване, треба да знаеш дека јас сум најдобриот ученик на Мајаковски. Во светот сме двајца – јас и Анри Барбис. Луѓето сметаат дека јас сум многу подобар и од Анри Барбис‘. За мене беа чудни неговите зборови, но уште почудно ми стана кога ми рече дека на чело на владата на Македонија не треба да биде Лазар Колишевски, туку тој, а претседател на Балканската федерација Георги Димитров, а не Тито. Не реагирав, зашто тогаш за мене Венко беше голем авторитет, меѓутоа од тој разговор извлеков заклучок дека има големи политички претензии. Не бев во ситуација тогаш да проценам дали тие негови амбиции одговараат на неговата политичка и интелектуална способност“, раскажува академик Иван Катарџиев, кој имал можност неколку пати да се сретне со Венко Марковски и во четири очи да разговараат.

Катарџиев со поголема група македонски студенти од Пиринска Македонија дошол во Скопје во декември 1946 година. Сите имале големи симпатии за Венко. Уште во Бугарија и' се восхитувале на неговата поезија, а особено многу била цитирана „Орлицата“, која имала големо влијание и популарност по поволните критики што ги напишал Тодор Павлов, кој, како што вели македонскиот академик, го издигнал Венко на многу висок пиедестал во очите на младите во Пиринска Македонија. Оцените на Павлов, инаку роден штипјанец, за нив биле меродавни, зашто тој бил голем авторитет и важел за најголем толкувач на марксизмот во Бугарија.

„Не помина многу време откако ние пиринските студенти стигнавме во Скопје и во почетокот на 1947 година воспоставивме контакт со Венко и речиси комплетно, еднаш или двапати, го посетивме дома и бевме многу добро пречекани. Бидејќи ме интересираше тоа што го пишува тој, а и самиот малку се занимавав со филозофија, имав неколку приватни средби со него. Се сеќавам на две кои длабоко ми се втиснати во свеста. Тоа беа средби крај Вардар. Беше пролет, а Вардар надојден и матен. Седевме на брегот, а тој гледајќи во водата како шумоли, ми велеше: ’Иване, слушај, тоа е поезијата на Вардар, поезија на Македонија. Тоа може да го сфати само човек како мене. Обичен човек не може да ја доживее и слушне таа песна, таа поезија на Вардар, да го почувствува тоа воодушевување, да разбере што говори водата движејќи се надолу’. Додека одевме крај реката, не' следеше еден постар човек, мислам дека се викаше Киро. Венко често запишуваше нешто на хартија и ако не му се допаднеше, го фрлаше, а Киро го собираше. Ми беше чудно и го прашав зошто го прави тоа. Ми рече: ’Вие не знаете каква вредност ќе има утре за нашата културна историја она што сега го пишува и го фрла Венко. Тоа што го собирам е бисер за иднината’“, раскажува академик Катарџиев.

Јас сум најдобриот ученик на Мајаковски. Во светот сме двајца - јас и Анри Барбис, му говорел Венко Марковски на Иван Катарџиев

Подоцна тие средби на Венко со студентите од Пиринска Македонија станале се' поретки, особено по објавувањето на резолуцијата на Информбирото. Само некои студенти кои пишувале поезија продолжиле да се гледаат со него и натаму. Академик Катарџиев истакнува дека од разговорите што ги водел крај Вардар и средбите што ги имал во неговата куќа стекнал впечаток дека Венко сакал да биде прва политичка личност во Македонија, со оглед на неговото значење како поет. Високите оцени на Тодор Павлов за неговата поезија направиле многу суетен човек од Венко. Тој сметал дека е врв на поезијата и во Македонија и во Бугарија.

По пребегнувањето во Софија, Венко Маркоски бил користен од Бугарија во антимакедонската пропаганда. „Во Бугарија беше употребен во политиката за асимилација на Македонците и на македонската емиграција. За време на парламентарните избори, власта на Тодор Живков го вклучи во кампањата и говорел на митинзите во повеќе градови на Пиринска Македонија. Поседувам информации за неговиот настап во Сандански, каде што пред народот тврдел дека не постои македонската нација и дека Македонците се Бугари. Истите говори ги држел и пред македонската емиграција во Бугарија“, подвлекува Катарџиев.

Она што денес е предмет на расправа за рехабилитацијата на Венко Марковски, според Катарџиев, е логичен израз на интересот на македонските интелектуалци кон поезијата и судбината на Венко, интерес што се јавил уште во годините по неговото заминување во Бугарија, но контактите со него биле тајни.

„Оваа дебата што сега се води околу него за мене е изнасилена. Имам чувство дека таа е политичка и зад неа стојат политички мотиви. Неодамна прочитав еден опширен текст од неговата сопруга Филимена во списанието ’Македонски преглед‘ на Македонскиот научен институт во Софија, во кој таа полемизира со Виолета Ачкоска и некои македонски интелектуалци. Таа таму кажува дека се чувствува како Бугарка, а творештвото на нејзиниот сопруг Венко и' припаѓало само на бугарската култура, зашто македонската нација не постоела бидејќи Македонците, според неа, биле Бугари. Да бидам искрен, немав трпение да го прочитам докрај, зашто ми заличи на пропаганда од времето на педесеттите години на минатиот век“, додава Катарџиев.

Тој посебно подвлекува дека е многу изненаден и фрустриран од она што го прочитал во весниците за тоа дека во Софија се чувале неговиот мозок и срце. „Треба да се ослободиме од предрасудите спрема Венко Марковски и спрема луѓето што дејствувале пред создавањето на македонската држава и не треба да го доведуваме во прашање нивниот однос кон македонскиот идентитет, бидејќи тој е подложен на осцилации во зависност од времето. Венко во еден дел од својот живот носи последици од тоа време. Неговото заминување и подоцнежно однесување во Бугарија треба да се оценат како врв на македонската трагедија, врв на барањето себеси, врв на конфликтот кому Македонецот му припаѓа. Секој оној што бил под влијание на ВМРО–Обединета од триесеттите години, по формирањето на македонската држава дошол во конфликт со нормирањето на македонскиот јазик. А Венко беше член на ВМРО-Обединета во годините на младоста која во почетокот немаше јасна претстава за македонскиот национален идентитет. Нејзиниот однос беше левичарски и основна цел, пред се', и' беше Македонците да си имаат сопствена држава. ВМРО–Обединета тогаш не го третираше прашањето за македонскиот јазик и нација. Со него ќе се зафати подоцна“, објаснува академик Катарџиев.

Тој притоа посочува едно писмо што го испратил Тодор Павлов до Георги Димитров, во кое го информира дека „Лазо Колишевски му забележувал и не можел да му прости на Венко Марковски што создавал азбука која поддржувала извесна врска со азбуките на Србија и на Бугарија, но истовремено да биде македонска азбука што ќе го одразува богатството и специфичноста на македонскиот јазик“. „Дали е тоа точно - не можам да тврдам. За мене тоа не е битно. Битно е следново. Венко Марковски одамна е покоен. За мене е фрапантна информацијата дека неговиот мозок и срце се конзервирани и треба да служат за некаков доказ за нечија политика. Ако сакаме да изградиме мост за надминување на самите себеси, треба да се погрижиме да го доведеме овде во Македонија. Да оставиме времето да ги оцени неговото дело и однесување. Да не правиме од Венко политички маркетинг за определени интереси, особено не сега кога сме пред избори“, подвлекува македонскиот академик.

Според него, не треба да имаме никакви дилеми во тој поглед, зашто Венко не е единствен случај. Има и други извонредни личности кои дале извонредно многу во бугарската култура, но исто така, дале многу и за македонската култура. Во интерес на надминување на постојните дилеми од нашето минато, полека треба да ги афирмираме нив во македонската јавност, притоа ослободувајќи се од политичките флоскули, смета тој.

Академик Катарџиев нагласува дека неговото размислување кон делото и животната сага на Венко Марковски може да предизвика и некои забуни со оглед на тоа што тој припаѓа на левата опција во Македонија. „Ние сме мал народ, ние создаваме интелигенција од 1944. Ние имаме многу мал број интелектуалци од претходниот период. Затоа треба да се ослободиме од политичките комплекси и делата на овие луѓе, без разлика на тоа како се определувале национално, сами да ги проучиме и процениме“, заклучува академик Катарџиев.

(Продолжува)

No comments: