„Програма на Македонските социјалисти„- 1895 година

1895, јуни, 28, Софија

Македонските социјалисти започнале организирано да дејствуваат во 1893 година како Македонска социјалистичка група предводена од Васил Главинов. Својата програма ја објавиле во в. „Револуција" во 1895 година. Во оваа програма како крајна цел на нивната револуционерна борба се поставува ослободување на македонскиот народ и создавање на македонска независна република.

ПРОГРАМА НА МАКЕДОНСКИТЕ СОЦИЈАЛИСТИ

... Револуција! Револуција! - извикуваме ние сега кога цела Македонија е преполна со Арнаути, Черкези, Курди, војска и севозможни крвопијци. Несреќниот народ во Македонија веќе пет векови ги поднесува неподносливите маки и страдања од азијатскиот режим, поддржан од крунисаниот џелат и глупак Хамид со целиот негов џган од софти и молли. Тие закоравени и и несовесни идиоти, за кои хуманоста и човекољубието се фиктивни, неразбирливи работи, го ограбуваат и потискаат осиромашениот народ. Минуваат години, минуваат векови, а Македонија е сè уште нажалена и несреќна, цела потоната во таги и несреќи. Само дивото незнаење, дивата рутина, со кои се вдахнати цариградските џелати, може да ги создаде оние крвави сцени на кои робот почнал да гледа како на нешто обично, нешто што не станало. Жестокостите и циничните грубости, обесчестувањата и грабежите - тоа е целиот систем на гнилата турска империја! Тие примитивни луѓе и варвари, изроди на пеколот, со груба сила ја завладеале онаа просветена земја - поробената и несреќна Македонија - која едновремено е и лулка на европската цивилизација. Таа земја, која се гордее со своите славни традиции, со своите славни спомени - денес го влече тешкиот јарем на турското ропство. Гласот на Македонецот, кој е систематски задушуван од пред пет векови наваму, почнува да се крева. Неговиот подземен шепот ќе избувне со силата на величествен и блескав вулкан за да ги покрие со својата лава сите целати и крвопијци што ја обесчестуваат неговата жена и ќерка, му го грабаат имотот и го набодуваат на ражен неговото мало дете. Тој глас чекал долго време за да се чуе сега со посилен и погрмежлив звук. Македонските долини и планини, горски карпи и пештери веќе се оросени со црвената крв на ограбениот роб-Македонец. Со пушка на рамо, со сабја в рака, тој веќе востанал за да се брани, да се заштити од јатаганот на гнасниот Арнаутин, од маждракот на дивиот Черкез. Оган и пламен вивнале во Македонија! Паланка, Кочани, Кратово и во многу други места нашите браќа Македонци веќе ги пречекале дивите безмилосни поганци со отровен куршум и остар нож. Тие паднаа за слободата на нашата татковина. Чест и слава, поздрав и поклон на тие борци, на кои имињата први ќе бидат запишани во историјата на паднатите за слобода и независност на Македонија!
Тие крвави настани, коишто го раздвижија цел ото културно општество, го забрзаа и излегувањето на нашиот в. „Револуција“. Нашиот прв збор, нашиот прв апел ќе биде: на оружје, на оружје! Планинските херои и борци, кои во овој момент се бијат со редовната турска војска и на кои животот им виси на конец, ја бараат нашата помош, нашата поткрепа! Нивната огорчена борба на живот или смрт е голема и нивниот глас нè повикува да го издигнеме црвеното и крваво знаме на револуцијата, за да се пресметаме со омразените тирани и грабачи. Но, ако ние го испуштиме овој момент, треба да ѝ дадеме нов правец, нов поттик на револуционерната борба што почнува.
Пред сè, за да востане народот во Македонија, тој треба да биде подготвен и обучен. Се бара систематска пропаганда, неуморна дејност од страна на сите дејци што го имаат при срце ослободителниот идеал. Еве зошто ние излегуваме со в. „Револуција“, кој ќе биде орган на сите млади револуционери што се неразделно сврзани со напатената и потисната маса и тие најдостојно ќе можат да ги водат бунтовничките движења во неа. Тие млади сили, вдахнати од принципите на револуционерниот социјализам, ќе внесат нови елементи во ослободителната борба. Како што рековме и во нашата покана, нашата парола ќе биде: Ослободувањето на Македонија е дело на самите Македонци. Само измачениот и потиснат Македонец, кој ја почувствувал сета тежина, неподносливата грубост на турскиот вандализам, само тој е компетентен да го бара соодветниот лек. Додека Македонците не се кренат сите до еден, никој нема да се заинтересира за нив. Борбата на војувачка Ерменија е пред нашите очи и тоа во случајов е блескав пример. Нашата револуционерна борба ќе биде прочистена од секакви духовни и шарлатански примеси. Никакви патрици и владици не се полезни за една борба кога тие се пример на незнаење и дивотија. Ние нема да бараме затапување на народот во трнливите боцки на религијата и забавните песни и тропари на поповите. Со силата на науката, со силата на светлата политичка мисла, ние ќе го воспитуваме народот за да може тој да ја разбере ползата од сите слободољубиви институции на современата цивилизација. За таа цел ние нема да жалиме ниту труд ниту здравје. На тој начин револуционерната борба ќе биде систематска и ќе го носи печатот на едно чисто народно движење. Зборовите и делата ние ги слеваме заедно и ја почнуваме својата борба. Како крајни револуционери и републиканци, вдахнати од револуционерните струи на векот, ние ќе ја подготвуваме народната маса и кон едни послободољубиви општествени реформи. Како деца на својот век ние не можеме да ги пренебрегнеме современите револуционерни струи. Ете зошто ние ги сметаме за непријатели на ослободителниот идеал сите оние фалшиви политиканти што се клањаат пред разни цареви, па биле тие руски, австриски или други. Оној што е поклоник на секаков вид тирани и бара помош од нив, тој не може да биде вистински борец за ослободувањето на Македонија.
Во својата систематски определена борба ние ќе ја пропагираме и идејата за создавање на една независна македонска република. Нека знаат сите чорбации и лапачи дека Македонија по самата своја природа е и треба да биде центар на демократијата Таа ќе биде стожер околу кој ќе се вртат сите балкански државички. По ѓаволите нивниот фалшив идеал за целокупност, кога тие во неа гледаат само богат плен што многу ветува. Како интернационалисти, ние ќе ги приопштиме своите усилби кон тие на српските, хрватските, грчките и другите револуционери и на тој начин ќе ја парализираме секоја шовинистичка агитација и ќе подготвиме удобен терен за создавање на една слободна и независна држава. Од народното движење ние ќе создадеме таков револуционерен поток кој со својата силна брзина ќе го смете сето старо и гнило за да го отвори патот на младото и чесното.
Тоа се основните принципи на нашата револуционерна борба со кои ќе се раководиме во своите натамошни акции. Ќе ја воспитуваме и будиме народната маса сè дотогаш додека таа не се крене за да си извојува автономни права И само во таков случај се можни елементи на туѓа и надворешна интервенција; дотогаш секој искрен борец нека работи и ја освестува масата. Само при таква трескава дејност ние ќе ја забрзаме ужасната одмазда и крвавата македонска револуција за да се ослободи народот од сите неподносливи маки и да заживее еден почовечки живот.
Надевајќи се дека нашиот повик на крвава борба ќе биде чуен од сите млади револуционери, а исто така и од настраданата и потиснатата маса во Македонија, завршуваме со извикот:

Долу турската тиранија!
Да живее републиканска Македонија!

В. „Революция (орган на македонските революционери)", София, г. 1,28.VI 1895, стр. 1-2.

No comments: