Битката за Скопје 4

Завршните операции на Н.О.В. за ослободувањето на Македонија, Михаило Апостолски

БИТКАТА ЗА СКОПЈЕ

12. и 13. ноември

Ноќта меѓу 11. и 12. единиците од 42. НО дивизија продолжија да настапуваат и се пробиваа во градот. Утрото рано на 12 ноември отпочна борбата во јужниот дел на градот Скопје. Борбата се водеше низ улиците на градот; нашите единици бргу напредуваа а германските сили отстапуваа и се прибираа околу порано утврдените згради. III македонска бригада од правецот од Кисела Вода, со еден силен напад, ползувајќи ја маглата што го покриваше Скопје тој ден, се пробива со главните сили до палатата на денешното Претседателство на Владата и зградата на полицијата и на јуриш, совладувајќи го многу жилавиот отпор на Германците, ги зазеде овие згради и ненадејно се појави во зградите на кејот, каде што отпочна борба за мостовите. Делови од XII и III бригада ја блокираа железничката станица и отпочнаа борба за самата зграда и за Кранговата палата, што се наоѓа во близина на железничката станица. Главните сили на XII бригада отпочнаа борба за зградата на Учителската школа и Поштата; едно бочно осигурување на XII ударна бригада изби на мостот кај Ханриево.


Во текот на 12. и 13. ноември се развија жестоки борби; одделни згради, како Народната банка, Поштата и др. по неколкупати преминуваа од раце в раце. Во тие борби голема улога изиграа ударните групи од градот. Тие веднаш по продорот на единиците од III и XII бригада во градот, се појавија и со самопрегорен елан ненадејно нападнаа на Германците в грб и в бокови, се поврзаа со нашите единици и вршеа улога на незаменливи водачи, оти точно го познаваа не само градот туку и организацијата на германската одбрана, та со тоа им укажуваа огромна услуга на нашите единици.

50. НО дивизија и VIII бригада, со извесно задоцнување претпладне на 12. ноември отпочнаа напад на германската одбрана на источниот дел од градот. И овде се развија тешки борби, нарочно во индустрискиот дел од градот и во реонот Гази Баба. Дејството на овие единици почна да се сеќава кај 42. НО дивизија. Успесите на единиците од 42. НО дивизија во јужниот дел на Скопје, се зацврснаа со успешното и енергичното напредување на 50. НО дивизија и VIII бригада. Германците почнаа да го сеќаваат стегањето на обрачот.

XVI бригада од Скопска Црна Гора во текот на 11. и 12. ноември успеа да разбие неколку балистички групи, што ја напаѓаа при нејзиното спуштање од Скопска Црна Гора и на 12. ноември, попладне, го отпочна нападот на касарните, каде што беше распоредена и германската артилерија.

Ноќта меѓу 12. и 13. и на 13. ноември борбите продолжуваа низ сето Скопје. Германските сили, што беа во северниот и северо-источниот дел на Скопје, како и деловите во западниот дел на градот, успеаја да се извлечат под заштита на тенкови и да отстапат во правецот кон Качаник. Германците што се беа забарикадирале во разни згради, гледајќи дека им пропаднале сите противнапади, како нивните за пробивање така исто и на единиците за деблокирање, почнаа постепено да капитулираат. Најдолго се држеа Германците во Учителската школа и Поштата, што капитулираа доцна ноќта на 13. ноември. Ноќта меѓу 13. и 14. вршено е чистење на градот од одделни помали заостанати групи Германци. Ова чистење беше продолжено и во текот на 14. ноември.

Благодарејќи на брзите и силните напади и упорните борби од нашите единици, Германците не успеаја да ги разурнат друмските мостови во Скопје, иако беа минирани. Потоа не успеаја да ги разурнат ни главните згради што ги бранеа, иако и тие беа минирани; само успеаја да ги разурнат железничките мостови во Скопје и Ханриево и едно крило од зградата на Железничката станица, а подоцна една непронајдена мина ја оштети Народната банка.

Левата побочница од 42. НО дивизија (баталјон од XII бригада) по заземањето на Бел Камен (953) водеше многу жестоки борби во реонот на селото Матка, каде што германските инженерци со балистички сили се обидоа да ја минираат и разурнат хидроцентралата „Матка“. Меѓутоа држејќи се упорно овој баталјон, помогнат од ударните групи на месното население, успеа да ги разбие балистите и Германците и со тоа да ја сочува хидроцентралата, а и Скопје од евентуална поплава. Задачата на побочницата во потполност беше извршена.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

No comments: