Александар Велики - младост

Младост

Александар уште како мал бил многу одговорен и свесен за обврските како иден крал на Македонците. Тој за разлика од многу свои врсници не ги ценел парите премногу, ами славата и духовното богатство. Него уште го краселе и чесноста и достоинството, како и неговата умерена скромност, што го спречувала да се фали за своите дела насекаде како татко му Филип. И покрај тоа што имал огромна страст за разни работи, тој сепак во телесните уживања влегувал многу трезвено и умерено.

Телесно Александар бил добро граден, со широки гради и исправено држење на телото. Најкарактеристичен бил неговиот копнежлив поглед, за кој што најмногу дознаваме од делата на скулпторот Лисип од Сикион. Лисип го имал ексклузивното право да ги прави скулптури на Александар. Неговите скулптури биле толку реалистични, што Александар сакал само тој да му ги ваја портретите. Освен што го погодил лицето, Лисип успеал и точно да го прикаже неговиот врат кој што бил леко настранет кон лево.

Сликите на Александар пак ги правел Апеле, сликар родум од Колофон, Јонија. Апеле често го сликал Александар со молња во рацете што одавало впечаток на моќ, но не бил добар со боите и го правел премногу мрачен. Александар пак имал бел тен на кожата. Неговото белило преминувало во руменило, единствено во пределот околу градите и на лицето.






Alexandre, Campaspe et Apelle; Langlois Jérôme-Martin (1779-1838); Dijon, musée Magnin






Apelle et Campaspe; David Jacques Louis (1748-1825); Lille, Palais des Beaux-Arts




Alexander Ceding Campaspe to Apelles (1819) од Jérôme-Martin Langlois

Еднаш кога Филип не бил дома, Александар ги примил пратениците на персискиот крал. Тој брзо се спријателил со нив и ја освоил нивната почит и благонаклоност со тоа што прашувал за сериозни работи. Пратениците биле зачудени од ова дете кое дури ја бришело од нивните мисли и сета слава на големиот македонски крал Филип.

Еден ден, некој трговец од Тесалија по име Филоник, му понудил на Филип да го купи коњот Букефал за тринаесет таланти. Откако неколку македонски војници не успеале да го јавнат коњот оти бил многу див и разјарен, Филип заклучил дека тој е неупотреблив.

За сето тоа време Александар, внимателно ги следел неуспешните обиди на војниците и откако Филип одбил да го купи коњот, Александар почнал да протестира и да го напаѓа затоа што не сака да купи одличен коњ само затоа што не знае да го јавне. На ова Филип се разгневнил и почнал да го укорува младото момче затоа што на постари луѓе им замерува небаре тој повеќе знае од нив. На ова Александар одговорил дека знае и го замолил татка си да му дозволи и тој да проба да го јавне коњот. Откако Филип се согласил, Александар му се приближил на Букефал, го свртел кон сонцето, најверојатно затоа што увидел дека коњот се плаши од својата сенка која му паѓала пред очите, и без никакви проблеми го јавнал. Додека Александар го јавал Букефал околу кралскиот дворец, на Филип и на останатите од кралската придружба од страв им се смрзнувала крвта во вените.

Alexandre domptant Bucéphale; Gros Antoine-Jean, Baron (1771-1835); Paris, musée du Louvre, D.A.G.

Овој настан му покажал на Филип дека воопшто не треба да се грижи за свој наследник на престолот на Македонија. Според некои извори Филип заплакал од радост и откако Александар се вратил тој го помилувал и му рекол дека кралството што тој ќе му го остави е премало за неговата големина.

Кога во престолнината ќе пристигнела вест дека Филип освоил некое место, Александар тоа не го примал ниту со најмало воодушевување, ами бил тажен. Тој не се стремел кон хедонистички уживања, богатство и раскош, туку кон слава и јунаштво и мислел дека колку повеќе ќе наследи од својот татко толку помалку ќе постигне во својот живот.

No comments: