April 12, 2012

Светскиот печат за Македонија по Илинденското востание

Во Крушевскиот манифест јасно и недвосмислено е потенцирано залагањето на македонските востаници за правилна војна за ослободување на Македонија и за ненапаѓање на турското цивилно население:

„Ние не дигнафне пушка протиф вас - това би било страм за нас; ние не дигнафне пушка протиф мирнио, трудољубивио и чеснио турски нарот, шчо се прерануат, како нас со крваф пот - тој јет наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живејме; ние не излегофне да колиме и да грабиме, да палиме и да крадиме - доста ни сет зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излегофне да порисјанчуваме и да бесчестиме вашите мјаки и сестри, жени и ќерки; требит да знајте оти вашио имот, вашио живот, вашата вера и вашата чес ни сет толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите.“

За жал, ваквите високо цивилизациски и хумани вредности на македонските востаници не ги делеле османлиските војници. Па, така по крвавото задушување на Илинденското востание, османлиската армија масакрирала огромен број на невооружени македонски цивили и запалила повеќе македонски села.

Ваквата тажна слика за случувањата по Илинденското востание е опишана во весникот „Colonist“ од 21. август 1903 година:

„Турските трупи, кои скоро го окупираа Крушево, го масакрираа целото христијанско население во градот, вклучително и вработените во тутунската компанија, која е под европска контрола.“

Оваа статија не претставува никаков исклучок. Статии со слична содржина за убиства на македонски невооружени цивили од страна на османлиската војска можат да се најдат во повеќе светски весници од тој период. Во францускиот весник „La Vie Populaire“ од 25. септември 1903 година, целата насловна страна е посветена на ваквите крвави настани (слика долу лево).

На самата илустрација може да се види како османлиската војска поминува покрај масакрираните тела на македонското цивилно население на Крушево. Под илустрацијата стои текстот:

„Прикази (се однесува на илустрацијата) направени од еден од нашите дописници, од главните улици на несреќното место (Крушево), по убиствата и грабежите од страна на турските војници...“

По повод убиствата на недолжното македонско цивилно население, големиот македонски револуционер Даме Груев ќе испрати протестно писмо до Хилми Паша во кое директно ќе му порача:

„...Да се прекинат насилствата, грабежите и колежот на мирното немухамеданско население...Впрочем, вие сте должни да водите со нас правилна војна.“

За ова пишува и во престижниот американски весник „The New York Times“ (2. септември, 1903):

„... Водачот на револуционерите, Даме Груев, со писмо побара од Хилми Паша да ги прекине варварските акти на турските војници и башибозукот ...“

Во истата статија се опишани и дел од овие варварски акти врз недолжното македонско цивилно население:

„...Турските војници во ноќта го масакрираа целото население од 180 мажи и 200 жени. Турците, исто така, го масакрираа населенитето на селото Велеси.“

*Под називот „турски војници“ се мисли на војници на Отоманската Империја.

Александар Стеванов, објавено и на Македонска Нација

No comments: