Црепнарски народни песни 1. дел

Милан РИСТЕСКИ (Прилеп)

ПРИЛОГ КОН ПРОУЧУВАЊЕТО НА ЦРЕПНАРСКИТЕ НАРОДНИ ПЕСНИ 1. дел

Меѓу првите предмети што човекот ги направил за подобруваше на услови за живот — биле црепните. Ги изработувале жените колективно. Во различни места на Македонија се изработуваат на најразлични начини. Некаде ги прават од глина, некаде од ума, а таму каде што ја нема ни глината ни умата, се прават од црна земја. Изработувањето на црепните барем во најголемиот дел од Централна и Западна Македонија се врши на определени верски празници и тоа на Руса и Еремија.

На Руса црепни прават во селата Никодин, Ракле, Попадија, Извор, Стариград, Смиловци, Владиловци, Подмол, Беровци, Алинци, Кривогаштани, Крушеани, Гостиражни, Слепче, Стровија, Дебриште, Лажани, Македонски Брод, Пласница, Русјаци, Манастирец и Локвица.

На Еремија црепни прават во селата Вепрчани, Гуѓаково, Душе, Пештани, Кален, Кокре, Крушевица, Витолишта, Бешишта и по другите мариовски села. Потоа во селата од Охридско: Лабуништа, Белчишта, Велгошти, Лактиње и други, како и во селата од кичевскиот крај.

„Газењето на црепните“, како што тоа го нарекуваат селаните, претставува една од најтешките физички работи што ги вршеле и ги вршат жените. Насекаде земјата не е од ист квалитет; некаде е попосна, некаде е помрсна, но и едната и другата претставува тешкотија при „газењето“. Тешко е да се изврши спојување на целата смеша во еден предмет што ќе може да издржи висока температура за да може да се испече лебот. Земјата се избира да нема камчиња, а ако веќе ги има, тогаш ја сеат низ дрмон или низ решето. Таков е случајот во селата на Порече, Кичевско и Охридско.

Во овие села каде што нема таква земја луѓето ја копаат од други места и ја носат на добици. Така е во некои села на Порече. Донесената земја преку ноќта ја чува некој од домашните за да не им фрли некој сол, затоа што од солта црепните им пукаат. Вардењето на земјата е забележано во сите села. При газењето на црепните, жените не оставаат никој да се врти околу нив. Во земјата не смее да се плука, бидејќи во црепните се печат пупки, панаѓии и погачи. Жените што ги газат црепните се облекуваат во чиста облека. Изработувањето на земјата во тесто на различни места различно се извршува во зависност од составот на земјата. Во велешките села земјата се гази седум пати и седум пати ја месат со цепило од кола, а во прилепските, кичевските, охридските села и во Порече — девет пати.

За полесно сврзување на земјата и се додаваат различни примеси. Во Мариово — лепешки, козина и плева, во Велешко Тиквешко — плева, лопошки и коструш од свињи, а во некои села од прилепско и саѓи. Во кичевските села земјата се меша со топла вода, а во другите со ладна.

Земјата се гази со боси нозе и за тоа овој процес се вика „газење“. Црепни газат девојките, а во некои места и жени. Црепногазачките ги собуваат чорапите, ѕиврите, ги поткреваат кошулите за да не им се извалкаат во тестото и фатени подмишки заеднички газат во замесената земја. Во оваа тешка работа, кога нозете не можат да се откачат од лепливата земја, уморени од работата, олеснување наоѓаат во песната.

При почетокот на газењето на црепните во кичевскиот крај ја пеат песната:

Ај сега почнуеме
Црепни дa газиме.
Никого не пуштаме
Покрај нас да помине,
Сол да не ни врли —
Црепни да ни испукаат.
Кој пријател ќe помине
Ќе ни речи:
— Железни ви црепни!
Кој душман ќе помине,
Ќе ни речи:
— Земјени ви црепни!

(Песната е забележена од Велјанка Виданоска од село Прострање — Кичевско.)

Во село Кокре пеат:

Цреп, цреп-борина,
Кир, кир-босилок.
Нашите црепни железни,
Туѓите црепни-полутки.

(Песната е забележена од Велика Колева Везироска, 43 години, од село Кокре.)

Во село Гуѓаково, кога почнува да се тура вода во глината, се пее:

ВОДА води Чучук Митра,
Аман, аман, обо бо,
Co вода се разговара,
Аман, аман, обо бо,
Ка сум бело и црвено,
Аман, аман, обо бо,
Оште да сум црно око,
Аман, аман, обо бо,
Би го зела битолското,
Битолското азлатарче,
Аман, аман, обо бо,
Ноќе-дење злато брои,
Аман, аман, обо бо.

(Песната е испеана од Петра Попова од село Гуѓаково, 57 години.) Оваа песна не се извикува со „ихи-хи“.

Во некои села жените се повикувале со песна. Таква песна е забеле- жана во село Царевиќ:

Песни ми се пеат, мале, мила мајко,
Црепни ли се газат, мале, мила мајко,
Тешки црепни, мајко, не се изгазуат,
Мале, мила мајко,
За газење се тешки, мале, мила мајко,
А за работа се лесни, мале, мила мајко.

(Песната е забележена од Темка Ремкова, 78 г., од с. Царевиќ.)

Додавањето лепешки во црпните е искажано и преку песната:

Еј овчари, говедари,
Дотерајте и говедата,
Ни требаат лепешките,
Лепешките да и клаваме,
Да и клаваме во црепните.
Црепните ни требаат,
Ни требаат за печење,
За печење бели погачи,
Бели погачи и колаци.

(Песната е забележена од Ефка Ризовска, 58 г., од Стари Град) Девојките одат онаму каде што говедата лежат в планина, собираат лепешки и ги носат во тепсии на глава. И лепешките ги чуваат за да не фрли некој сол.

Црепногазачките испеале песна и за местото од каде што ја копале земјата. Во прилепските села Загорани, Веселчани и Подмол се пее:

He стој, Стојно, не стој
На поројно место,
Порој ќе дотечи,
Тебе ќе однеси
Долу под селото,
Долу ливаѓето,
Кај овчарите,
Кај говедарите —
Стрико-јаловаро,
Вујко-молзничаро,
Внучето-тераче.

(Песната е забележена од Јованка Аџиоска.)

Продолжува

No comments: