1. Написи од романскиот весник „Adeverul“ за Илинденското востание

ДВА НАПИСА HA РОМАНСКИОТ ВЕСНИК „ADEVERUL“ (1) ОД 1903 ГОДИНА ЗА НАСТАНИТЕ ВО ВРЕМЕТО НА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ 1. дел

Горѓе Миљковиќ

За Илинденското востание на македонскиот народ од 2 август 1903 година и за настаните по него наоѓаме написи во весниците печатени во повеќе европски и воневропски земји, како и во печатот на југословенските народи. Попатно да споменеме некои земји, во кои весниците преку свои специјални дописници ги известувале широките народни маси, на популарен начин, за вистинската состојба на Македонците во времето на Илинденското востание, за настаните непосредно по него и со специфичостите на македонското прашање: САД („њујоршка трибуна"), Велика Британија („Дејли њус“, „Тајмс“, „Манчестер Гардијан“), Франција („La Petit Republique“), Италија („Avanti“), Русија („Искра“) Данска, Белгија, Германија, Австро-Унгарија, Швајцарија, Полска, Чешка, Словачка, Бугарија, Словенија, („Edinost“, „Slovenski narod“), Хрватска („Озбор“), Србија („Радничке новине“), Црна Гора, Војводина, Далмација, Босна и Херцеговина и др.(2)

Илинденското востание имало силен одраз и во Романија. Широката јавност во оваа земја ги следела со интересирање вестите објавувани во дневниот печат, како што биле весниците: „Акција“, „Хроника“, „Епоха“, „Независна Романија“, „Опсерватор“, „Романски глас“, „Реформа“, „Оглас за Македонците“ итн. (3) Сите тие написи претставуваат прилог кон поцелосното доосветлување на одделни настани, од пред, за време, и по Илинденското востание.

Сметаме дека двата написа на романскиот весник „Adeverul", што ги објавуваме, ќе бидат прилог во таа насока.

Весникот „Adeverul" се чува во библиотеката на Романската академија на науките во Букурешт, заведен под сигнатура P. IV. 371. Двата написа на овој весник објавени се на 11 и 12 август 1903 година во Букурешт, пишувани од специјалниот дописник кој се потпишувал со Р. Кс. и со Марк. Написите ги објавуваме во целост со најнеопходните дообјаснувања под текстот (4).

11 август 1903. Год XVI. Бр. 5040. Букурешт.
МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИЈА Специјален дописник на „Adeverul“ Софија, 8 август.
Од 1 август, кога востаниците го зазеле манастирот Трескавец (5) (Прилепски вилает) без многу човечки жртви, знамето на револуцијата се вее на црковната камбанарија. Манастирот се наоѓа речиси на врвот на еден рид. Целото население го гледа знамето и „ита на помош на револуционерите“.

Завчера, ОКОЛИСКИОТ началник на градот Воден телеграфски го известил градоначалникот во Солун дека многу востаници се концентрирани околу градот за да го нападнат. ОКОЛИСКИОТ началник се уплашил, бидејќи со постојниот гарнизон војници не би можело да се одбрани од нападот на востаниците, па затоа побарал, итно да му се испрати помош. Градоначалникот на Солун веднаш ѝ нареди на војската од Ениџе Bapдap и од Гевгелија да замине за Воден.

Попатно да споменеме дека револуционерите во целата околија на Воден се борат со пушките „Гра“, од грчко потекло.

Во врска со несигурноста што владее во Турција. и покрај владините уверувања дека таа е одговорна за сè, управата на „Ориент-експрес` којшто сообраќа на линијата: Париз—Константинопол еднаш неделно донела решение да го запре возот. Вчера, возот за последен пат заминал за Константинопол со само два патника. Се верува дека возот нема повторно да се врати за Париз.

Од настаните во Гевгелија, Ениџе Вардар и во Воден се гледа дека револуцијата во II реон на Коњско (6) достигнала полна кулминација. Затоа, заслужува да ги споменеме водачите на ова востание. Главниот штаб на ова подрачје го сочинуваат: Аргир Манасиев, Д. Ив. Занешев и Петар Јуруков. Раководители на одделни реони се: во Гевгелија, Сава Михајлов, Иванчу Карасилиа и Фиралис Антонов; во Ениџе Вардар, Апостол Боимски, Стефан Димитров и Миро Куситасов; во Воден, Д. Иван Занешев, Наса Филчев и Радомир Атанасов и во Подчетници (7) Христо Греков и Лазо Радивец.

Сите жители од селото Росен (Леринско), а тоа е чифлик на семејството Робеви (8) од Битола, во првите денови на револуцијата предводени од неколкумина на ова семејство, го напуштиле селото со се жени и деца и избегале в планина за да им се придружат на востаниците. По неколку дена во селото се вратиле само три старци и шест жени.
Преминот „Уши“, што се наоѓа на планината Челави (9) е чуван од повеќе востаници, врз кои Турците повеќе пати нападнуваа за да го заземат, но востаниците ги издржаа сите нивни напади. Сега, голем број турски војници повторно се организираат за да го преземат преминот.

Пазарите во Охрид, Струга и во Битола уште се затворени. Државните установи исто така не работат.

На 5 август во близина на селото Цер се воделе борба, во којашто востаниците пукале со топови. Имало многу жртви.

На 4 август во близина на селото Косел кај планината Петрино (10) (Охридско) се водела борба, во која Турците биле одбиени. Востаниците под водство на А. Кецкаров имале само две жртви.

На патот од Ресен бил заробен еден курир, кој носел преписка на востаниците за Бугарија, со опис на револуционерните настани. Курирот бил убиен, а преписката запленета.

Градот Охрид повеќе пати го напаѓале востаниците за да ги завземат повисоките позиции околу градот, но биле одбиени.

Повеќе турски баталјони од Албанија испратени се преку Тетово и Шара. Во Албанија моментно се наоѓаат само 15 баталјони што се недоволни во случај кога Албанците би се обиделе да дигнат востание, што најверојатно се со таа намера.

По повод убиството на конзулот Ростовски и ставот на руската влада, султанот (11) одлучил, по предлог на големиот везир, да испрати во Петербург една делегација на чело со Ахмед Ефенци, кој што му бил син. Делегацијата имала задача да ја замоли руската влада да го прими извинувањето на својата влада по повод убиството на конзулот.

Турската влада решила да испрати еден искусен државник во провинциите зафатени од востаниците за да може на лице место да ги согледа настаните што се случуваат, како и самиот тек на востанието, а воедно, привремено да ја преземе власта во сите четири вилаети. Кандидатот за извршување на оваа задача е сегашниот голем везир Рифат паша.

Претставницте на европските сили направија постапка до портата и побараа да се преземат специјални мерки за обезбедување на сите конзули во Битола, бидејќи населението било многу бунтовно.

1 „Adeverul“ во превод на македонски јазик значи „Вистина“.
2 Види поопширно: Странскиот печат за Илинденското востание Скопје, 1953.
3 Сава Јанковици, Одгласи на Илинденското востание во Романија, Илинден 1903, Материјали од симпозиумот по повод 65 годишнината од Илинденското востание одржан на 27, 28 и 29 мај 1968 година во Охрид, Скопје, 1970, стр. 493—510.
4 Имињата на личностите и на местата во текстот не се дадени секаде по романскиот оригинал, бидејќи не се секогаш прецизни.
5 Манастирот Трескавец (се смета дека е подигнат во XII век) се наоѓа на такво место што од него се гледа цела Пелагонија, планината Бабуна, Пелистер и Кајмакчалан и градовите Битола, Прилеп и Крушево.
6 По оригиналот пишува Konjuh. Сметам дека се мисли на селото Коњско (Гевгелиско).
7 Во оригиналот пишува Podcetniti.
8 Дел од архивата на ова познато македонско трговско и ин-
9 Во оригиналот пишува Celavi.
10 Постои село Петрино (Охридско).
11 Се мисли на султанот Абдул Хамид II (1876—1909).

No comments: