Идејните насоки на Илинден 3

Националните и идејните насоки и достигнувања на Илинден 3

Данчо Зографски

Анализата на извонредно богатиот фактографски материјал и на досега изнесените толкувања и сознавања наметнува пред сè одредени констатации и заклучоци во врска со кардиналното прашање за општествено – економската и националната сушност на Илинденското востание, т. е. за главните тенденции и достигања на Илинденското востание. Во тој поглед треба да се има предвид дека, иако селанството ја сочинуваше масовната основа на Илинденското востание, по својата економско – социјална сушност тоа не беше од категоријата на типичните селски востанија од времето на феудализмот, кои стихијно избувнуваа и немаа свој хегемон. Хегемон на македонското нацинално – ослободително движење беше либералниот, радикален дел на македонската национална буржоазија, а раководната јатка на ВМРО и за време на Илинденското востание ја сочинуваа револуционерно ориентираните припадници на македонската ситнобуржоаска интелигенција.


За потврда на горната констатација може да се наведе дека раководството на македонското национално – ослободително движење, односно членовите на Централниот комитет на ВМРО по своето економско – социјално потекло беа од редовите на македонската буржоазија (занаетчии, трговци, земјопоседници и сл.). Исто така, највидните членови на Централниот комитет, како и задграничните претставници на Организацијата (Ѓорче Петров, Христо Татарчев, Христо Матов) порано се занимаваа со интелектуални професии — учителство, лекарство (д-р Христо Татарчев), книжарство (Иван Хаџи Николов) итн. Окружните и градските комитети на ВМРО, т. е. раководствата на теренските организации, ги сочинуваа главно припадници на домашната буржоазија. Секретарите на четите, па и добар дел од војводите, беа поранешни учители. Шестината функционери на Советот — револуционерниот востанички орган на власта во ослободено Крушево, спаѓаа меѓу повидните и во материјален поглед добро ситуирани граѓани на Крушево. Изнесените податоци недвосмислено докажуваат дека раководни позиции и улога во македонското национално – ослободителното движење, во ВМРО, до и за време на Илинденското востание имаа припадници на македонската буржоазија и интелигенција, главно на ситната и делумно на средната буржоазија, односно ситнобуржоаската интелигенција.

Од друга страна, не треба да се губи од предвид дека Илинденското востание не беше сосема ослободено и од некои белези и својства што го прикажуваа како, во извесна мера, задоцнето селанско востание. Меѓутоа, сепак преовладуваат елементи што на Илинденското востание му придаваат поинаков карактер и го дивергентираат од обичните антифеудални селански востанија.

Во секој случај би било шаблонизирање да се третира Илинденското востание како изразита, развиена буржоаско – демократска револуција. Илинденското востание требаше да доведе првенствено до ослободување на новите стопански сили во земјата од феудалните и полуфеудалните стеги, како и да го измени државно – правниот статус на Македонија во полза на националните интереси и барања на македонскиот народ. По историските задачи што требаше да ги реши за поттикнување на општествениот развиток на Македонија, со оглед на епохата во која стана и на класната припадност на хегемонот во македонското национално – ослободително движење и на основните тенденции на движењето, а особено со оглед на барањата и целите за кои се бореа масите во Илинденското востание, тоа по својот карактер беше претежно буржоаско – демократска револуција.

Попрецизно формулирано, Илинденското востание беше специфична варијанта на буржоаско – демократска револуција што почна да се одвива во мала и заостаната земја, а чија моторна сила и 'рбет беше македонското национално движење. Илинденското востание беше, несомнено, крупен и сериозен обид за изведување на буржоаско – демократската револуција во Македонија со цел за решавање на созреаните акутни општествено – економски и национални спротивности, потреби и барања на македонското општество, кои тогаш можеа да бидат постигнати како резултат на доследно спроведена буржоско – демократска револуција.

Создавањето на органите на востаничката власт во ослободените места како зачетоци на самостојна државна организација значеше привремено и делумно реализирање на одамнешниот идеал на македонскиот народ за образување сопствена држава. За постигање на тој стремеж, што е својствен на секое национално движење, македонските национал – револуционери и демократи се служеа со разни средства и проекти во одредени периоди (за политичка автономија, конфедерација, федерација, самостојна република итн.). Притоа сскогаш беше присутна нивната грижа за зачувување на општествено – економската и територијалната компактност на Македонија, како и нивиото најенергично спротивставување на анексионистичките стремежи од балканските буржоазии за завладување и меѓусебна поделба на Македонија.

Неопходно е постојано да се има предвид дека организаторите и идеолозите на ВМРО со барање за политичка автономија на Македонија всушност се заложуваа за облик на внатрешно уредување, што е можен во дадена етапа на борбата за националио ослободување и државна самостојност и кое го приближува македонското национално движење кон конечното остварување на неговата суштинска цел. Кога се има предвид ова, станува сосема очигледна неоправданоста на некои прагматистички толкувања во минатото и сега дека божем се истакнувало барањето за автономна Македонија само како тактичен маневар за да се прикријат вистинските планови за присоединување на Македонија кон Бугарија и поуспешно да се неутрализирал и совладал отпорот на другите балкански буржоазии и турските управувачи.

Ова барање имаше практична намена не само да го осигури процесот на националната консолидација, туку и да ги спречи анексионистичките стремежи и обиди спрема Македонија, кои го загрозуваа правото на македонскиот народ за национално самоуправување и конституирање во сопствена државна обвивка. Видниот идеолог на македонското движење Горче Петров велеше дека „Македонија по своја иницијатива и по силата на својот сопствен живот сама се оформи во одделна морална единица, со своја специфична идеологија и со свој политички лозунг — обласна самоуправа, која се мачеше да ја реализира со свои сопствени сили и средства“. Поради тоа, објективно, борбата за автономна Македонија беше важна алка во процесот на формирањето на националната индивидуалност и физиономија на македонскиот народ и за остварување на неговите стремежи за сопствена држава.

Надвор од сомневање е дека отсуството на полна единственост и централизирано раководство на востанието имаше за последица негов нерамномерен развиток во одделни краишта на Македонија. Додека во Крушево востаниците се бореа за изградување и зачувување на создадените органи на револуционерната власт, во други места востаниците ги ограничуваа своите акции главно на диверзии и репресивни акти.

Покрај диференцираните сфаќања и разидувања што постоеја уште порано меѓу раководителите на ВМРО, пред почнувањето на востанието одново излегоа на видело погрешните замки на Задграничното претставништво и на Главниот штаб за целите и средствата на оружената ослободителна борба. Главниот штаб, како и протагонистите за предвремено востание, не сметаа со востанието да се постигне преземање на градовите и ослободување на Македонија, туку со востанието сакаа да предизвикаат интервенција на големите сили за да и наложат на Турција да им даде автономија на Македонија и Одринско.
Во тој однос се забележуваа разлики во погледите дури и меѓу членовите на Главниот штаб, Дамјан Груев, од една, и Борис Сарафов, од друга страна, „околу начинот за спроведување на востанието“, по кој повод дојдоа до израз сфаќањата на Сарафова со акции на поединци во градовите (атентати) да се дигне шум и да и се обрне внимание на европската јавност кон условите и настаните во Македонија. Нема потреба да се истакнува дека фрлањето на тежиштето на такви акции значеше запоставување и отстранување на широките маси во градовите од отворена борба и дека со слични демонстрации не можеа да им се нанесат сериозни удари на воената сила и државниот апарат на отоманското царство.

Неправилните концепции на Главииот штаб за тактиката и стратегијата на востанието во неговите последни упатства беа вака искажани: „Целта на востанието не е да ја победиме Турција туку да не може таа нас да не победи. Колку подолготрајно е востанието, толку посигурно е дека порано или подоцна европските сили ќе се принудат да извадат војски на суво“. Сето она што беше сторено и постигнато во Крушево, значеше дезавуирање на ваквите инструкции и препораки. Спротивно на големобутарските експоненти и на опортунистичките елементи од Внатрешната организација, Задграничното претставништво или Главниот штаб, кои не веруваа во успех на востанието и се задоволуваа со истргнување само некои концесии во вид на половични реформи под притисок на европската дипломатија, угнетените и експлоатираните маси го прифатија востанието и ги следеа вистинските револуционерни водачи на Внатрешната организација што се бореа за остварување на нејзината основа цел „да ги сплоти во едно цело сите незадоволни елеементи во Македонија и Одринско, без разлика на народноста, за извојување преку револуција полна политичка автономија за тие две области“.

Месните функционери и членовите на Организацјата, што беа под влијание на Делчев, Горче Петров и нивните истомисленици, не се надеваа на никаква добронамерна помош и интервенција од Бугарија во полза на востанието. Поборниците за македонска самостојност уште помалку очекуваа или бараа интервенција од Австро – Унгарија или Русија. Слободољубивите Македонци, што му даваа тон на прогресивното мислење во својата татковина, во акционата програма на организираното национално – револуционерно движење како непосредно барање ја поставуваа политичката автономија, признаена од европските сили, а не извојувана со интервенција; со војна на странски држави, било Австро – Унгарија, Русија или некоја друга европска држава. По нивните замисли политичката автономија требаше да послужи само како преодна етапа во процесот на конституирањето на Македоиија во самостојна државна целина. Сознавајќи ги поробувачките, империјалистичките планови на европските големи држави, тие не паѓаа во искушение да бараат на своја кожа да ги сетат „благодетите“ од „културната мисија“, „праведната управа“ или „крвното сродство“ на споменатите држави.

Co оглед на стечениот опит и практика од поранешниот начин на герилско војување, вооружените чети на ВМРО мачно се преориентираа и прилагодуваа според новосоздадената ситуација со востанието. Поради недостигот на генерален офанзивен план и тесните сфаќања на од- делни војводи, востанието не успеа да се откине од својата папочна врска и основа — селото, нити да ги пренесе дејствата во поголемите населби, каде што најчувствително можеа да се разнишаат темелите на отоманската потиснувачка власт и да се реши нејзината судбина. Востанието секако ќе успееше уште повеќе да ги рашири своите размери и посилно да ги раздвижи и револуционизира масите, ако во него беше вклучен во поголема мера градскиот елемент.

Стапувајќи во нерамна борба против далеку посилен непријател, востаниците ја покажаа високата национално – политичка свест и слободољубивост на македонскиот народ, кој заедно со другите потиснати и експлоатирани националности се бореше за надионална и социјална слобода, за рамноправност, за прогресивни општествено – економски промени и за заедничка сопствена држава. Народните маси на Македонија, кревајќи се на оружена борба, за да ги остварат своите револуционерно – демократски и национални барања и задачи, го исполнија Илинденското востание со прогресивна општествена содржина.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека

No comments: