February 25, 2012

Јане и посебноста на Македонија 3

ЈАНЕ САНДАНСКИ И ПОСЕБНОСТА НА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ 3

Ванчо ЃОРЃИЕВ

На адреса на Сандански и неговите приврзаници, во овој извештај стојат следниве констатации: „Луѓето кои навистина предизвикуваат сомневање во нивните чувства кон народното единство, за жал постојат во Организацијата. Тие се брутална реакција против активното појавување на г-н Цончев на револуционерното поприште ... Тие кои мислат дека можат лесно да се отцепат, живеат со илузии за некакво заемно помирување на народите. Тие гледаат пречки во одделните аспирации на секој народ за територијално проширување ... тие се одрекуваат од политичката целина со Бугарија и претпочитаат да образуваат од Македонија одделна политичка единица, која ќе послужела, барем како јатка, на идната Балканска федерација ... Луѓето од таа Група се вдахновуваат од мислата дека живеат за Македонија и само за Македонија ... тие се хранат со илузии да не му допуштат на бугарскиот кнез да стави кралска круна на својата Глава за сметка на Македонија, а исто да ја бранат целоста и независноста на земјата од пљачката на кнезот (18).


Ставовите на Сандански многу јасно ги определува и Христо Силјанов - современик на настаните и историчар на македонското ослободително движење. Тој, меѓу другото, пишува: „Јане разви теза дека е погубно за македонското население и за самата Бугарија, македонското прашање да се третира во смисла на национално обединување со Бугарите ... Сите кои агитираат било во Македонија, било надвор од неа на базата: ослободување и обединување со Бугарите, треба непријателски да бидат пречекани од ВМОРО, така како што се пресретнуваат од Организацијата српските и грчките агитации и чети. Тој објаснуваше дека ... треба да се работи за пробудување на сознанието кај масите, дека тие се самостоен народ, дека имаат право на самостоен живот и треба да се борат за извојување на својата слобода, без да се потпираат на туѓа помош, зашто тие кои би дошле да ги ослободуваат, всушност ќе дојдат да ги поробат“ (19).

Исто така, Родолфо Фоа во весникот "L'ltalia allEstro", пишува дека Сандански проповедал во смисла: „Македонците ќе ја ослободат Македонија без мешање на соседните држави: во Македонија не треба да има ниту Бугари, ниту Грци, ниту Срби, ниту Романци, ниту Турци, туку само Македонци“. (20).

Погледите на Сандански за политичката и националната посебност на Македонија, а пред сè во однос на Бугарија, наполно биле афирмирани во време на Хуриетот. Во интервјуто со д-р Владимир Бурилков - дописник на весникот „Дневник“, Сандански истакнал дека луѓето околу весникот„Илинден“, предводени од Петко Пенчев, всушност се „надворешна пропаганда“, дека тие се „агенти на Бугарија,..“(21). Додека пак за Егзархијата, Сандански истакнал дека: „Таа денес е орудие на Бугарија - една пропагандна институција. При сегашната нова ситуација, нејзе треба да ѝ се забрани да добива супсидии од Бугарија, а училишниот оддел да се претвори во одделение на турско државно министерство за просвета“(22). Покрај тоа, Сандански истакнал дека: „Училиштата треба да бидат државни и во новата држава ќе има религиозна толеранција“(23). Всушност, Народната федеративна партија (НФП) се определила за меарифските училишта, бидејќи тие биле финансирани од османлискиот буџет, a со тоа била елиминирана секаква можност за пропагандно дејствување однадвор (24).

18 Ванчо Ѓорѓиев, Бугарски документ од 1906 година за состојбите во Македонија и ВМОРО и бугарската политика кон нив, Историја XXXIII/1-2, Скопје, 1997., 96-98.
19 Христо Силинов,, Освободителните борби на Македонија, т. 2, I Софија,1943,498.
20 Марко Дого, Динамитот и полумесецот - Јазикот и националноста во Македонија (Избор и редакција: Цветан Станоевски), Скопје, 1990, 189; Кочо Сидовски, Италијански сведоштва за дејноста на ВМРО (1893-1908), ГИНИ, XXXV/1-2, Скопје, 1992,109.
21 Д-р Владимир Бурилков, В Македонија и Одринско 1908-1912, Софија, 37-38.
22 Истото, 38.
23 Истото, 39.
24 Ванчо Горѓиев, Петар Поп Арсов, Прилог кон проучувањето на македонското националноослободително движење, Скопје, 1997, 137-138.

No comments: