February 4, 2012

Јане и посебноста на Македонија 1

ЈАНЕ САНДАНСКИ И ПОСЕБНОСТА НА МАКЕДОНИЈА И МАКЕДОНЦИТЕ 1

Ванчо ЃОРЃИЕВ

Јане Сандански во Македонската револуционерна организација (МРО) се вклучил кога таа идејно и организационо веќе била цврсто поставена. Независно од тоа, за релативно кратко време, Сандански се издигнал како нејзин признат водач. Всушност, Сандански првпат во македонското ослободително дело се појавува во 1895 година, како учесник во четничко движење (1) кое било организирано од Врховниот македонски комитет (ВМК) во Софија. По две години (1897), тој повторно влегол во Македонија во режија на ВМК (2). По овој втор упад во Македонија, Сандански ја сфатил заднината на уфрлените чети од Бугарија. Оттогаш тој се зарекол дека нема да мрдне никаде и дека никому нема да биде слепо орудие, додека не разбере како стои македонското ослободително дело. (3)


За постоењето на ТМОРО, Сандански разбрал во 1896 година. Веќе во 1899 година, преку Никола Малешевски, тој бил прилично запознат со македонското дело како во Македонија, така и во Бугарија. Истата година се запознава со Гоце Делчев и Ѓорче Петров (4), кои изворно му ги претставиле целите на ТМОРО. Во 1900 година, кога судирот помеѓу ВМОК и ТМОРО се заострил, Сандански застанал на страната на ЦК МРО. Набрзо, во април 1901 година, Делчев го испратил Ј. Сандански со чета (5) во пограничните региони на Серскиот револуционерен округ, за да се противстави на врховистичката пенетрација (6).

Пиринскиот крај, кој природно и географски граничи со бугарска територија, со доаѓањето на Сандански се претворил во бариера за врховистичките авантури и бугарските аспирации спрема Македонија. Бранејќи ги принципите на ТМОРО, Сандански дошол во неизбежен судир со врховизмот и бугарската политика спрема Македонија. При тоа вложил огромна енергија за одбрана на принципите, целите и територија на ТМОРО и воопшто на Македонија. Истовремено, Сандански ја бранел и ја афирмирал политичката и националната посебност на Македонија и Македонците. Овие констатации се изведени од сведоштва пред сè на идејните противници на Сандански и од други независни извори од разновидна провениенција. Низ нив може да се проследат ставовите на Сандански за политичката и за националната посебност на Македонија и Македонците во однос на Бугарија. Сепак, борбата на Сандански против врховизмот треба да се толкува како борба на две спротивни поимања во поглед на македонското прашање, од кои во онаа на врховизмот значајно влијаниe имала бугарската политика, додека противставеноста со бугарската политика била политички и национално принципиелна.

Сандански, иако бил доследен противник на врховизмот, по иницијатива на Задграничното претставништво (ЗП) прифатил привремено помирување со врховистите за време на востаничките дејства во 1903 година. Тогаш ЗП го информирало Сандански дека врховистите не претендирале на ништо посебно, дека тие не треба да се игнорираат како сила, туку со нив да се однесуваат тактички и да не ги гонат (7). Навистина, Сандански ги прифатил врховистите во својот округ и со нив постапил тактички. Така, при средбата со поручник Стојанчев и неговата дружина, Сандански побарал тие да ги отстранат од своите униформи државните и војничките белези на Бугарија, како услов за нивно учество во востанието (8). Несомнено, Сандански знаел каков ефект на внатрешен и надворешен план може да предизвикаат востаниците со државни и војнички обележја на Бугарија. Оттаму и неговата интервенција за нивно отстранување.

1 Движението отсам Вардара и борбата с върховистите, по спомени на Яне Сандански, Чернопеев, Сава Михайлов, Христо Куслев, Иван Атанасов Гърчето..., София, 1927 (Движението отсам Вардара и борбата с врховистите, по спомени на Јане Сандански, Чернопеев, Сава Михајлов, Христо Куслев, Иван Атанасов Грчето... Софија, 1927), 12.
2 Истото, 12-13.
3 Истото, 13.
4 Истото, 14.
5 Истото, 16.
6 Ванчо Горѓиев, Слобода или смрт. Македонското револуционерно националноослободително движење во Солунскиот вилает (1893-1903), Скопје, 2003, 363-364.
7 Истото, 518.
8 Движението отсам Вардара и борбата с върховистите..., 41.

No comments: