Македонски Препород - 1

МАКЕДОНСКИОТ ПРЕРОДБЕНСКИ XIX ВЕК

Не е можно Бугарија и Македонија да имале еден јазик (бугарски!)

Денеска Македонците се третираат како словенски народ со словенски јазик, но, како и кај сите европски народи, во нивната етногенеза се инкорпорирани повеќе етнокултурни составки и влијанија од разни етноси и култури што во разните историски периоди живееле, доаѓале или поминувале на овие простори. Така, на пр., во нашата етногенеза се вклучуваат и античките Македонци, и Пајонците, и Илирите и Дарданците и други, но тие не го претставуваат основниот супстрат. Се смета дека во најголемиот процент денешното население во Македонија потекнува и преку сложени историски процеси се амалгамирало од Словените (главно од гранката на Славините) што веројатно почнуваат да се доселуваат во овие краишта во продолжителен период, главно од V до почетокот на VII век. Како пример за споредба за етноисториска диференцијација се соседните Бугари што се продукт главно на Траките, Хуните, "седумте словенски племиња" (главно од Антите) и еден скромен дел од туранско-монголското племе Бугари (Протобугари) што доаѓаат од Азија и во 681 година кај утоката на Дунав ја формираат првата бугарска држава на Балканот, во која се инкорпорираат и подоцна навлезените Татари.
И додека народот во Македонија се наоѓаше во границите на етнички конгломератната Византија и создаваше една главно македонско-словенско-византиска христијанска култура и цивилизација, во Бугарија (на просторот помеѓу Дунав и Стара Планина) Протобугарите градеа држава со паганска протобугарско-тракиско-словенска цивилизација што скоро цели два века се развива независно, без каков и да е допир со Македонија, дури и во речиси постојани непријателски односи со Византија што исклучуваат какви и да се меѓусебни врски. Во Бугарија зборот "христијанин" бил синоним за Византиец, па со тоа и со значење на непријател, додека во Македонија тој процес на христијанизација се извршувал значително порано, пред нејзиното завладување од Бугарија.

Следствено, никако не било можно, на пр., во времето на Кирил и Методија (IX век) Бугарија и Македонија да биле населени со еден народ и да имале еден (бугарски!) јазик. Историски факт е дека бугарскиот кнез Борис ја зазел Македонија конечно дури во 864 година, цела година по заминувањето на солунските браќа со нивните ученици во Моравија (863), а пред тоа самиот Методија бил византиски военоначалник на Брегалничката област токму на границата со Бугарија и ја штител Византија имено од бугарските напади. Значи, никакво етногенетско, ни културно, ниту пак јазично и цивилизациско единство помеѓу Бугарија и Македонија во тоа време (ни како физички допир, ни како влијание) не можело да има. Се пишува дури и дека самиот Борис ја подготвил (тајно) мисијата на браќата и дека јазикот на солунските Словени бил бугарски! Но во минатата година и во Софија се јавија гласови што јавно проговорија дека Светите Кирил и Методија воопшто не биле Бугари, дека никогаш не стапнале на територијата на Бугарија, дека биле византиски дипломати и мисионери и дека ниту се создавачи на денешната кирилска азбука, ниту пак тоа го направиле врз основа на фонетиката на бугарскиот јазик.

Веќе аргументирано е докажано дека делото на солунските Браќа во основата имало нагласен антибугарски карактер. Нивната мисија во Моравија има пред се политичко-дипломатски и стратешко-воен византиски и дури подоцна добива просветителско-словенски и верско-културен карактер. Таа мисија е резултат на византиско-моравскиот воен сојуз што бил насочен токму против тогаш склучениот франечко-бугарски воен сојуз што ја загрозувал државната безбедност и на Византија и на Моравија. Исто така, самите Кирил и Методија тргнуваат во Моравската мисија со писмото што е создадено врз основа на јазикот на Словените од Солунско, во Македонија, тие немаат стапнато на бугарска почва. Во Бугарија (главно од втората половина на ХIХ век) почнува да се создава претставата за Македонија како за "бугарска земја". Така и говорот во Солунско во славистиката почнува да се третира како бугарски, па следствено така се маркира и делото на солунските Браќа. Исто така се пишува дека Климент Охридски потекнувал "од бугарските Словени". Но тој во никој случај не можел да произлегува од Словените (Антите) во Бугарија, зашто тие во тоа време биле во други (и притоа непријателски) државни граници, ниту пак развивал своја дејност во самата Бугарија (ако се исклучи неговиот краток и статусно се уште недостатно јасен престој по доаѓањето од Моравија во бугарската престолнина и до заминувањето во Македонија). Притоа, Климент е веројатно хиротонисан за епископ од Римската црква, а од моравскиот архиепископ Методија бил поставен во епархијата во Македонија ("Илирикот") што во тоа време беше во државните граници на Бугарија, но во поголемиот дел формално-правно сметан во диецезата на Рим. Според тоа, не беше и канонски не можеше ни да биде назначен за епископ во Кутмичевица од бугарскиот кнез, ниту пак хиротонисан од бугарскиот патријарх, кој во тоа време, впрочем, беше Грк, а во црквата и во државата го употребуваше грчкиот јазик со грчкото писмо и се наоѓаше во диецезата на Константинопол. Затоа и глаголскиот Охридски книжевен центар од IX век е појава во Македонија што радикално се разликува од Преславскиот книжевен центар во Бугарија. Независно од резултатите на некои понови истражувања, тој се развива главно по воведувањето на кирилицата како државно писмо - дури по соборот на кнезот Симеон во 893 година. Во тој склоп секако треба да се гледа и полемичкиот спис на Черноризец Храбар од тоа време, па затоа и не е чудно што Климент си го повлекува кај себеси во Охрид и братот Наум и контактира исклучиво само со бугарскиот кнез (на државно ниво), а не и со бугарскиот патријарх (како што канонски би требало да се очекува).

Целата теза за бугарскиот карактер на народот и јазикот во Македонија од средновековјето е изградена врз основа на бугарското обележје што се среќава во некои од пишаните текстови со послешна провениенција. Самиот Климент, како што пишуваше уште на почетокот на нашиов век видниот руски славист П. А. Лавров, во најстарите зачувани преписи не се именува "епископ бугарски", туку "епископ словенски", дека владението на стратегот Методија во Брегалничко во IX век не се викало "Бугарско Кнежевство", ами "Словенско Кнежевство". Исто така е укажувачко што и до денеска кај соседните Албанци за Македонците е зачувано именувањето "Шќаи" (Словени), макар и сега со поспецифична обоеност. Бугарското именување кај биографите на Св. Климента е резултат на подоцнешниот историски развиток, кога бугарското државно име се пренесува во Македонија, па официјално се употребува за византиската тема "Бугарија" што ја опфаќаше и сегашна Македонија, додека самата Бугарија беше именувана како тема Паристрион (Подунавје), поради што и долго време во пишаните извори бугарското име отсуствува за самите Бугари. Затоа и во титулата на Охридската архиепископија е зачувано и бугарското државно обележје, иако таа постоеше независно од бугарската Трновска патријаршија, како и од подоцнешната српска Пеќска патријаршија. Според тоа, треба ли од средновековните именувања да се извлекуваат современи заклучоци за етнокултурниот лик на народите? Треба ли денеска да се поставуваат прашања од типот: кои се, на пр., Французите, Англичаните, Холанѓаните, Украинците, Белорусите, Словаците, Словенците итн.? Во одговорите би се добиле мошне куриозни констатации, но тие воопшто не им пречат ни на тие народи, ниту пак на нивните Санктпетербургски соседи. Впрочем, кои се денешните Руси? Каква е нивната етнозенеза, од каде нивното име што се појавува како државно толку доцна во историјата и каков е етнокултурниот амалгам на современата руска нација? Но поставува ли некој денеска прашање воопшто за ентитетот на Русите? Секој народ си се развивал во сопствените историски околности, независно од повремените блискости или испреплетености со соседите. Современа етноисториска и етнокултурна Македонија, значи, има подлабоки корени.

ВЕЧЕР пренесува дел од најновата книга напишана од академик Блаже Ристовски, главниот редактор на првата "Македонска енциклопедија". Издавач на двотомното историско дело е "ТРИ"

ПРОДОЛЖУВА: И рускиот гроф Булгари не ја гледал Македонија заедно со Грција, Бугарија или Србија

ПОДГОТВИЛ: Де.Т.

No comments: