June 25, 2008

Носија - Скопска Црна Гора

Македонска народна носија - Скопска Црна Гора

Wikipedia: Скопска Црна Гора ја сочинуваат 11 планински села во околината на Скопје, во кои народната носија се издвојува со специфичниот начин на украсување на облеките и со изразити црно - бели контрасти.

На кошулата од женската носија, која во главните кројни елементи не отстапува од општопознатиот облик на македонските кошули - туниковидни, е застапен богат вез по целата должина на ракавите, на градите и долу по скутовите, изведен со волнени конци во црна импозантна релјефна орнаментика, создавана врз база на старите антички традиции. Облеките од бела клашна - з'бан за девојки и долама за мажени жени, изобилуваат со украси од црни рески или црни гајтани на зимската облека џубе. Ткаениот алов појас или црна каница, скутината утајка со дискретни прави шарки, плетените волнени шарени чорапи, опанци с'с опутице и богатиот накит, ја оформуваат целокупната композиција на носијата.

Забрадувањето на главата со долги, домашно ткаени, крпи пребрадник и прекривач, поинакво за девојки од тоа на омажените жени, е посебна карактеристика на носијата во овој регион.

Невестите носеле на глава невестинска капа со кружна форма, цвеќе и многу накит (тепелаци, игла главичата, ушници со трепки, потоа гердани на градите, чапрази на појасот).

Машката носија, главно платнена и клашнена, се состои од кошула од бело домашно памучно платно, долга, широка и многу набрана во долниот дел. Платнените гаќи, аловиот ткаен појас, кусата безракавна клашнена облека џамаданче и подолгото џубе од бела клашна со декоративни украси од црни гајтани, плетените волнени чорапи и опанци с'с опутице ја оформуваат носијата во пределот Скопска Црна Гора.

1 comment:

Karadağ Savaşı said...

хвала за савршену базу блога