August 12, 2011

16 кракото сонце сè уште грее

Во времената спогодба од 1995 година на наша штета е договорено Македонија да "престане да го користи на било кој начин и во сите негови форми симболот од своето национално знаме", сега веќе поранешно национално знаме. Но и покрај оваа неправедна спогодба и покрај промената на старото знаме и усвојувањето на ново знаме, таканареченото Сонце од Кутлеш го продолжува својот живот и тоа не само како македонски неформален симбол.

Светскиот Македонски Конгрес, за свое знаме и официјално го има 16 кракото македонско златно сонце на црвена позадина. Ова знаме се разликува од претходното знаме на Македонија главно по тоа што централниот круг е обиколен од два златни прстени и во него има дополнителни елементи (слика горе десно).

Според некои извори ваквото знаме било првично предложено за официјално знаме на Македонија во 1992 година но поради политички притисок било повлечено.

16 кракото македонско златно сонце на своето лого го има поставено и здружението на Македонци од егејскиот дел на Македонија - Битола, знамето и грбот на МОС, Сојузот на Македонците од егејот "Македон", Македонската Алијанса, партијата ВМРО-ДП, и здруженијата на бранителите од конфликтот во 2001 година - Бедем и Достоинство.

Знамето (и логото) на организацијата на Македонците во Бугарија ОМО "Илинден" - ПИРИН го краси 16 крако златно македонско сонце на црвена позадина што го прави ова знаме речиси идентично со претходното знаме на Македонија (слика горе лево).

Официјалното знаме на Македонците во Словенија е исто така 16 крако златно македонско сонце на црвена позадина.

И на официјалното знаме на Македонците во Србија присутно е 16 кракото златно македонско сонце, овој пат обиколено од златен прстен, на црвена позадина. 16 кракото македонско златно сонце на црвена позадина го краси логото и на здружението на Македонците од пчињскиот округ "Гоце Делчев".

Сонцето од претходното знаме на Македонија е присутно и на логото на Македонците организирани во Македонскиот сојуз во Шведска (слика горе десно), на логото на "Canadian macedonian historical society" од Канада и е неформален симбол на Македонците во Канада (на позадина од црвениот јаворов лист од канадското знаме).

Општина Пустец во Албанија која е претежно населена со етнички Македонци на својот општински грб и знаме го има поставено 16 кракото македонско златно сонце на црвена позадина (слика долу лево).

Ист е случајот и со логото на партијата на Македонците во Албанија - Македонска алијанса за европска интеграција (слика горе десно) и со логото на македонското друштво Илинден - Тирана (слика долу лево). За време на изборите во Албанија во 2009 и 2011 година на митинзите организирани од македонската партија се вееа знамиња со македонско 16 крако златно сонце на црвена позадина.

И Македонците од Австралија и остатокот од дијаспората сè уште го користат претходното знаме на Македонија паралелно со актуелното.

Интересно е тоа што логото на македонската царина (слика долу лево) кое не е променето од 1991 година до ден денес може да се види фрагмент од симболот од претходното знаме на Македонија. На него се присутни 6 сончеви зраци кои се идентични со оние на симболот од претходното знаме.

Таков е случајот и со логото на Македонскиот олимписки комитет. На него има 8 сончеви зраци кои ги огреваат круговите на симболот на олимписките игри (слика долу десно).


Симболот од претходното знаме на Македонија ги краси логоата на повеќе приватни компании во Македонија. Можеби најпозната меѓу нив е Кардиохирургија Филип II на Д-р Жан Митрев.

Исто така 16кракото македонско златно сонце е присутно и на логото на македонската телевизија Сонце, на весникот Македонско Сонце и хотелот Сонце - Га.

Повеќе македонски општини на своите грбови и знамиња го имаат поставено сонцето. Дел од нив и 16 кракото македонско златно сонце.

Такви се знамињата на Другово, Македонска Каменица и Свети Николе (слики лево)

Грците треба да разберат дека еден симбол не е на оној којшто тврди дека е негов и само негов туку на оние кои што се соживуваат со тој симбол и кои што го користат и во моментите на радост и тага.

Македонците до ден денес не престанаа да го користат шеснаесеткракото македонско сонце. Напротив тоа станува се почест декор кој што навивачите го истакнуваат кога македонската репрезентација настапува како и при протестите за зачувување на името и македонскиот идентитет.

Слика (долу десно) - џиновско знаме со 16 крако златно македонско сонце на спортски натпревар на кој што настапува македонската репрезентација:

На денешен датум во 1992 година по изборот во македонското собрание законот за знамето е објавен во службен весник, а по 8 дена и официјално 16 кракото златно македонско сонце на црвена позадина станува македонско национално и државно знаме. Иако не како официјално знаме на Македонија, сонцето од претходното знаме сè уште ги огрева Македонците до ден денес.

Александар Стеванов

1 comment:

Глас said...

Друговското знаме е вертикално. Црвената форма е крст.
Инаку и на грбот на Другово го има 16 кракото сонце. :)