July 19, 2011

Таен поштенски систем

И покрај тоа што на почетокот на минатиот век Македонија сè уште била под тешкиот турски јарем, сепак тајната пошта која ја спроведувале македонските комитети била дури двојно побрза одошто онаа на империјата!

Во статија со наслов "Тајниот поштенски систем на Македонија" на весникот "The Saint Paul Globe" од 24 април, 1904 година, пишува:

ВО МАКЕДОНИЈА тајните револуционерни комитети имаат поштенски систем двојно побрз одошто оној на турската влада. Еден британски дописник кој неодамна беше во Сер, Македонија, ја придоби довербата на бунтовниците поради поволните дописи во врска со нивната кауза. Еден ден тој му се пожалил на својот домороден пријател на бавноста на турската пошта.

"Следниот пат кога ќе сакаш да пратиш писмо", рекол Македонецот "ќе ми го дадеш мене и не само што ќе ја избегне цензурата, туку и ќе пристигне на својата дестинација еден цел ден порано."

Англичанецот го сторил тоа. Следниот ден испратил две писма одеднаш, едно преку Македонецот, а друго преку владината пошта. Како што научил потоа, писмото пратено преку бунтовниците стигнало во Лондон два дена пред другото.

Оваа бунтовничка пошта се спроведува од страна на систем од курири, пораките се предаваат од еден локален бунтовнички комитет до друг. Писмо испратено до странска земја стигна во Бугарија, пред писмото испратено со редовната пошта да е на половина пат до Цариград.

Александар Стеванов, објавено и на Cooltura и Macedonian Spark

No comments: