4ти мај 1903 – Гане Тодоровски

4ти МАЈ 1903

Така му било пишано: гробот да си го сони!
В срце го клукна прокоба, стегајќи в гнев тупаница.
Имаш ли доволно гробје, ој Македонијо,
покрвава за уште една рана: Баница!

Побогати сме сега со уште една смрт и пресен гроб.
Таго ле неисплакана, остани горда и недоустена,
разграни пазуви црни земјо, извалкани, запустена,
за да го прегрнеш сина си што беше најмалку роб.

Плачот му прилега на оној што има солзи доста.
Ти, бесолзна немоќнице проголтни најгорчлив јад
и биди уште за една загуба погорда, оти тој левент млад
на твоите чеда им завешта в бој да умираат и простум.

Црна зацрни се таголика страдалнице,
прегризи усти, расчешлај коси, раскини руба,
и смирено, со зборови најгалежни и жални,
тивко, но мајчински, оплакувај си ја загубата.

Друга смрт таква ти не ќе дочекаш скоро,
на таков свој заљубеник што само Тебе те имал.
Ој неразвенчана Гоцева изгоро,
ој, Македонијо, ој рано многуимена!

Гане Тодоровски

No comments: