Грб на Македонија од печатената стематографија на Витезовиќ

13. МАКЕДОНСКИОТ ГРБ ВО ПЕЧАТЕНАТА СТЕМАТОГРАФИЈА НА ПАВЛЕ РИТЕР ВИТЕЗОВИЌ ОД 1701 Г.

Втората половина на XVII век е период на барање перспективни решенија за опстанокот и развојот на Јужните Словени што се наоѓаат под власта на Турција и Австриската империја. Во овој период зрела дефиниција и образложена научна концепција за посебноста и самобитноста на Словените воопшто, а особено на Јужните Словени, дал Павле Ритер Витезовиќ (1652—1713). Тој бил писател, историчар, печатар, бакрорезец, политичар и одушевен приврзаник на „илирската идеја“. Роден е во Сењ. Пишувал на латински и на хрватски јазик. Завршил исусовска гимназија во Загреб. Потоа,  самостојно се изградувал, учел, читал и многу патувал и така се здобил со големо образование. За него било полезно познанството со крањскиот барон Валвазор. Учениот Валвазор го вовел младиот Витезовиќ во научната работа и го заинтересирал за историјата. По примерот на Валвазора, и Витезовиќ во 1695 година набавил печатница и ја сместил во куќата во која живеел.87) Подоцна отишол на работа во Виена, каде што се издигнал до дворски советник. Како дворски советтник добил од царот препорака да може слободно да влезе во секоја библиотека, во црковни, градски, трговски, еснафски и приватни архиви, за да прегледа, извади и исцрпи сè што му е нужно. На овој вачин за Витезовиќ биле отворени сите архиви во Виена, Загреб, Будампешта и во цела Хрватска и Славшија.88)

Витезовиќ има повеќе трудови од областа на историјата, литературата, лингвистиката и хералдиката. Во 1689 година издал збирка на латински песни на 127 страници, во чест на сите оние што и помагале на Унгарија во борбата за ослободување од Турција. Под поимот Илирик, поетот ги подразбирал сите земји: хрватски, српски, унгарски, албански, грчки, па дури и влашки.89)

Во својата книга „Cronika“, печатена во Загреб во 1696 година, Витезавиќ ја изложува својата пансловенска идеја и вели дека Илир, Словенин, Славенац или Словинац е едно и исто и дека јазикот илирски е исто нешто што е и словенскиот. Така, сите Словени ги прогласува за Илири и истакнува дека „словенски народ“ живеел од изворот на Дунав до Црно Mope и од Јадранско и Средоземно Mope, па сè до московската држава и уште по на север, до ледените земји. Оваа пансловенска дигресија му била нужна за да ја разбуди народната гордост кај Јужните Словени. Интересно е кај него тоа што тој се ослободува од „илирско-австриската“ идеја и создава „илирско-хрватска“ идеја на тој начин што ги глорифицира оние симболични остатоци на суверенитетот што ги имала тогаш Хрватска и смета дека во натамошниот развиток и таква Хрватска може да биде база за враќање на сето она што е изгубено кај Јужните Словени. Поради тоа, Србија, Рашка и Бугарија ги смета за „Onostrana Hrvatska“, a на верските разлики не им придава големо значење.90)

Во 1700 година го напишал овојот поетско-историски труд „Рlаčuća Hrvatska“ (90 страни). Тоа е епопеја во која се прикажани два века (од 1501—1700) тешка борба на Хрватска против Турците и Венеција.91) Но веднаш по „Flacuca Hrvatsika“ во истата 1700 година, ја издава „Ozivjela Hrvatska“ или приказ што претставувала некогаш Хрватска и до каде се простирала таа. Овде ги употребува термините „Planinska Hrvatska“ за Хрватска, Крањска, Корушка и Штајерска и „Crvena Hrvatska“ за Србија и Рашка. Bo „Crvena Hrvatska“ ги става уште Бугарија, Македонија и Тракија. Тој истакнувал дека му е познато оти разни области од „Илирикот“ имаат посебни граници, дијалекти, имиња, грбови и посебни обичаи, но тоа не му пречело бидејќи тоа биле само мали разлики на еден единствен народ илирски, или словенски или хрватски.92)

За културната историја на Јужните Словени важно е и тоа што ја напишал и „Историјата на Србија“. Со морална поткрепа на митрополитите од Сремски Карловци тој ја напишал оваа историја, која останала во ракопис токму поради неговата грешка што ја напишал на латински јазик, a „neki srpski trgovci želeli su da se štampa na ilirskom jeziku“.93)

Неговите трудови од областа на лингвистиката биле „Gramatika ilirskog jezika“ и „Ilirsko-latinski rečnik“. Оттука ce гледа колку била сериозна и принципиелна неговата национална концепција. Бил уверен дека јужнословенското единство треба да се гради врз база на рамноправното учество на партикуларните делови, но така што новата, голема целина, да не претставува негација на одделните индивидуалности. Додека лингвистите пред него и во негово време литературниот јазик и граматиката на Јужните Словени ги составувале главно, врз база на еден дијалект, а тоа значело (негација на сите други, ова решение тој го барал потпирајки се на целото јазично богатство од сите краишта каде што живееле Јужните Словени и на тој начин сметал дека „sve južnoslovenske posebnosti vrijedne su da budu afirmirane“.94)

Како што ce гледа, Витезовиќ бил основач на модерното гледање на националното прашање кај Јужните Словени. Повеќе од два века пред појавата на младата граѓанска класа, која ќе се соочи со ова деликатно прашање и која не ќе знае да се снајде во целата оваа комплексност, тој најмногу се приближил до современите разбирања иако и кај него уште многу работи останале нејасни.95)

Од многубројните негови трудови најголемо политичко значење имала неговата Стемагографија која во оригиналот го има следниов наслов: „Stemmatographia sive armorum illyricorum delineatio descriptio et restitutio, Authore Equite Paulo Ritter“. За печатењето на Стематографијата тој почнал да се подготвува уште во 1694 год., кога напишал еден проглас на латински јазик и го упатил до „svoj veliкој dvorskoj gospodi zupljanima i plemenitim ziteljima, kao i vladarima, upraviteljima i sucima država, slobodnih varoša, gradova i poveljnih trcovišta u Dalmaciji, Hrvatskoj, Slavoniji, Bosni, Srbiji, Raški i ostalim krajevima i pokrajinama slavnoga naroda slovinskoga ili ilirskoga“. Bo овој проглас барал да му се испратат генеалогии, цртежи на грбови во бои, податоци за потеклото на грбовите, податоци за родбински врски со прочуени семејства, за сегашните имоти и служби како и за „славните заслуги“ на тие семејства. Од градовите и трговските центри барал податоци кога настанал градот, кој го основал, кој е патрон на градот, неговиот грб, статутот, и др.96) Што добил од сето тоа не ни е познато, но овој негов проглас е важен за да се види методог на неговата работа.

На самата Стематографија не е означено каде и кога е издадена. Сепак точно се знае дека се појавила во Виена во 1701 година. Бидејќи неговите изданија често биле забранувани и ставани на индекс, за да го одоброволи својот патрон австрискиот канцелар грофот Bucceleni, својата Стематографија му ја посветил нему. Веднаш по насловната страна го отпечатил грбот на Bucceleni, а под грбот два дистиха што го објаснуваат грбот; потоа на три следни листа е посветата во стихови, во негова чест, во која го моли: „da primi djelo о ilirskim grbovima pod svoje moćno okrilje.97) Меѓутоа, по cè изгледа дека Витезовиќ бил критикуван и напаѓан од хрватските феудалци како и од феудалците и господата од другите јужнословенски области што избегале од Турците и се собрале во Хрватска, кои во врска со посветата на Bucceleni, му ставиле забелешка дека се додворувал на австрискиот двор. Поради тоа, следната 1702 година, во Загреб издал второ издание на својата Стематографија. Второто издание го посветил: „Slavnim staležima i redovima čitave Hrvatske, kao plemenito svjedočanstvo njegove ljubavi prema slatkoj domovni“. Ha овој начин ги натерал да замолчат неговите противници.

Стематографијата е печатена на мала четвртина, на 89 страни. На првите 36 страници има по еден грб. Од страна 57—87 во проза ги толкува сите грбови. На стр. 88 Витезовиќ се жали за бакроресците и печатарите што правеле грешки, а на стр. 89 е печатена песна од Nicolaus Garzia de Londonio, во 12 стиха, посветена на Витезовиќ. Гарција вели дека оваа песна му ја посветил на авторот на Стематологија „од книжевничког света“ и дека светот треба да го почитува Витезовиќа порада неговите дела.98)

Стематографијата не е во бои, туку во црно-бела бакрорезна техника, но затоа со хералдичко шрафирање се означени боите. Непосредни и основни извори за Стематографијата му биле илирските грбовници што ги наоѓал по разни манастири и библиотеки. Минстеровата Gosmograpfia и делото на Орбини „Il regno de gli Slavi“, од каде што зел доста грбови. За одредување на грбовите тој прв почнал да се служи и со непосредни извори; стари печати, докуменги, пари, споменици од камен и слично.

Како што рековме, Стематографијата содржи вкупно 56 грба. Тука се грбовите на цела „Илирија“, а под Илирија тој ги подразбирал сите територии во кои уште се слушал словенскиот збор („in quejs slavnae usus nunc quoque vocis adest“.99) Занесен од пансловенската-илирска идеја, во својата Стематографија ги ставил грбовите на ,,sve zemlje ilirske“ т. е. од изворот на Дунав до Црно Mope и од Јадранско Mope до Беринговиот Мореуз. Тука ги внел и грбовите на оние територии, кои, според тогашното разбирање на историографијата, некогаш биле населени со словенски жители. Поради тоа, покрај грбовите на Русија, Чешка, Полска и другите словенски територии, тука ќе се најдат и грбовите на Албанија, Австрија, Бесарабија. Дарданија, Епир, Грција, Романија, Скитија, Тесалија, Тракија, Трансилванија, Турција, Унгарија и др. Грбовите се ставени по азбучен ред според латинската азбука. Под секој грб има четири стиха кои на латински јазик го објаснуваат грбот.

Сл. 60 (колор)

Македанскиот грб со Стематографијата на Витезовиќ е на стр.28 (сл. 60), бугарскиот на стр. 10, албанскиот на стр, 3, турскиот на стр. 53 итн. Витезовиќ извршил три значителни измени во македонскиот грб.

1. Овде грбот има штит со шпанска или квадратна форма (види сл. 7) која до Витезовиќ воопшто не се појавува, туку македокските грбови имаат германска, а поретко француска форма.

2. Исто така направил големи измени во боите на грбот. Сè до Витезовиќ, македонскиот лав е жолт на црвено поле. Во Стематографијата на Витезовиќ е обратно: лавот е црвен на жолто-златно поле.

Значи македонскиот грб ги примил боите на дотогашниот бугарски грб, а бугарскиот грб ги примил боите на дотогашниот македонски грб. Ова е многу значајна измена, бидејќи таа се пренесува понатаму и во другите хералдички публикации, а особено кај Жефаровиќа.

3. Над главата на македонскиот лав нема круна, додека над главата на бугарскиот лав има, за    разлика    од    илирските    грбовници, каде што е исто така обратно, т. е. круна има македонскиот    грб.    а    бугарскиот нема (види сл. 34, 39, 40, 41, 45, 50, 51, 52, 53, 57).

Сл. 60 (црно-бело)

Над штитот македонскиот грб има царска круна со пет крака, украсена со дијаманти. Над грбот пишува „Macedonia“ а под него има четири стиха на латински јазик, кои во слободен превод гласат:

Златните мои штитови се украсени со црвен лав
Некогаш биле грбови на царското достоинство,
Тој го заменил големиот лав со турска чалма,
Кој (штит) ја изгубил вредноста по отстранувањето на лавот.

Од сето изложено се гледа дека македонскиот грб во оваа Стематографија добил нови хералдички елементи, а изгубил некои поранешни. И покрај тоа што Витезовиќ допуштил вакви и слични промени, кои во хералдиката не се дозволени, и покрај разните историски неточности и мистичко-поетски толкувања на грбовите, неговата Стематографија сепак претставува значаен и прв печатен хераддички труд иај Јужните Словени и како таква вршела позитивно влијание. Тоа е прво систематско дело од оваа област. Стематографијата е рожба на своето време. Се јавила во она време и во онаа средина кога многу феудалци и големци од Јужните Словени избегале пред труското навлегување во Хрватска. Во новата средина морале да се прилагодат кон новите иолитички прилики на Австриската монархија, каде што многу голема важност им е придавана на грбовите, Стематографијата била еден вид прокламација дека и Словените, а особено Јужните Словени, имаат славно минато и наедно била повик за нивното обединување. Така, Витезовиќ со својата Стематографија задоволил едно барање на своето време и на средината што ја претставувал. Неговата Стематографија многу била ценета и уште повеќе се улотребувала од сите Јужни Словени а кај нив разбудувала гордост дека се припадници на славен и голем „илирски народ“. Сè до 1741 година, т.е. до појавата на Жефаровиќевата Стематографија, значи цели 40 години, таа била единствен печатен хералдички труд на Јужните Словени и поради тоа имала големо морално-политичко значење. Нејзин голем недостаток бил тоа што била пишувана на латински јазик, кој за обичниот човек бил неразбирлив. Значи, таа била наменета на учениот свет, кој тогаш го употребувал латинскиот јазик. Овој недостаток го здогледал Жефаровиќ, кој во 1741 година издава своја Стематографија, малку изменета од онаа на Витезовиќ, но што е мошне важно, била на црковно-словенски јазик и затоа јасна за секого. По појавата на Стематографијата на Жефаровиќ, влијанието на Стематографијата на Витезовиќ се ограничило само за западниот дел на Јужните Словени, каде што се употребувал латинскиот јазик и тоа само меѓу учените луѓе, додека влијанието на Стематографијата на Жефаровиќ се проширило меѓу сите Јужни Словени, а особено кај јужнословенските народи што се наоѓаат источно од Хрватска и тоа, главно, меѓу трговците и граѓанството.

Преземено од книгата „Грбовите на Македонија“ на Александар Матковски

No comments: